1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети повика да не се повтори грешката од 2006 година

29 април 2024

Според лидерот на ДУИ, нема потреба од огорченост затоа што скандирал „УЧК“, бидејќи УЧК е албанска гордост и УЧК ја спасила Македонија.

https://p.dw.com/p/4fHf7
Али Ахмети во Дебар и најави голема победа на Европскиот фронт на 8-ми мај.
Али Ахмети во Дебар и најави голема победа на Европскиот фронт на 8-ми мај.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Граѓаните ќе одлучат кој ќе биде дел од Владата, порачува лидерот на ДУИ од партиските митинзи, одговарајќи со тоа на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека е време ДУИ да биде заменета со партии кои ќе работат за сигурна иднина на сите граѓани.

Откако Христијан Мицкоски ја посочи опозициската коалиција „Вреди“ како потенцијален партнер на ВМРО-ДПМНЕ во идната влада, ДУИ потсети на грешката од 2006 година кога во владата влегла второрангираната, а не победничката партија кај Албанците.

„Опозицијата да не ги прави грешките што ги направи мојот поранешен колега во 2006 година - тогашната партија ја направи таа грешка и плати висока цена“, порача Ахмети од Дебар.

Во 2006 годинаа ВМРО-ДПМНЕ состави влада со ДПА, партија која тогаш освои помалку мандати од ДУИ.

„Ние Албанците не сме претставници на малцинство, ние сме легитимни претставници на огромното мнозинство Албанци, а сега во Фронтот се и ромската, турската и босанската заедница. Одлучува народот’, рече Ахмети во Дебар и најави голема победа на Европскиот фронт на 8-ми мај.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски јавно испрати порака до ДУИ – да не му праќаат ни абери ни емисари.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски јавно испрати порака до ДУИ – да не му праќаат ни абери ни емисари.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Мицкоски: Не праќајте емисари

Мицкоски, пак, нема дилема дека времето на ДУИ е звршено.

„ДУИ како политичка партија дојде на власт со приказна за човекови права, а заврши како партија која печали врз човековите права и ги краде и своите и другите. И затоа овие избори е времето кога треба да им се каже - толку беше! Време е за опозиција и одговорност", рече тој на синоќешниот митинг во Битола.

Оттаму и јавно испрати порака до ДУИ – да не му праќаат ни абери ни емисари.

„Овие денови сум преплавен со пораки и абери кои ми ги праќаат од Речица. Па како човек секогаш сум бил директен - престанете да ми ги праќате оние емисари и курири по разно-разни канали, кои велат - да сум размислел да направиме коалиција после изборите. Не знам дали знаете или не, но јас не сум ви Ковачевски, ниту неговиот претходник. Со мене такви договори на штета на народот и под маса немало и нема да има“, и порача Мицкоски на ДУИ.

Ахмети ги отфрла тврдењата дека праќал емисари. Вели дека во политиката влегол како востаник и оти народот го гласа 22 години.

„Јас формирав фронт со албанските политички партии, но го направив овој фронт непобедлив со вклучување на заедниците кои вие ги презирате и презирате, како што се турската, ромската и босанската заедница. Се трудиме овој Устав што го направивме уште поблизок до граѓаните на Република Македонија, да ги вклучи бугарската, египетската, црногорската и хрватската заедница. Охридскиот договор и промената на политичко-правниот статус на Албанците не ја уништија Македонија“, рече Ахмети.

Лидерот на ДУИ ги отфрла тврдењата на Мицкоски дека праќал емисари.
Лидерот на ДУИ ги отфрла тврдењата на Мицкоски дека праќал емисари.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Ахмети: УЧК ја спаси Македонија

Мицкоски го критикуваше и неодамнешто скандирање „УЧК, УЧК...“ од страна на Ахмети на скопскиот плоштад, додека во исто време ДУИ говори за Европа и европски вредности. 

„Тие се прикриваат зад завесата ‘Европа'. И додека устите им се полни со Европа, а Ковачевски понизно ги слуша и коленичи пред Ахмети, него го слушаме среде Скопје како скандира УЧК, УЧК", критикуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од синоќешниот митинг во Битола.

За Ахмети тоа скандирање не е спорно, бидејќи УЧК ја спасила Македонија. Нагласи дека заедно мора да се гради мирот, стабилноста, европските стандарди и да се води борба против криминалот и корупцијата.

„Оваа земја има свое место во Европа и за оваа земја мора да работиме заедно, Македонци и Албанци, а не да се враќаме во минатото и да се огорчуваме затоа што викав ‘УЧК', но УЧК е албанска гордост и УЧК ја спаси Македонија", рече Ахмети.

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски ги повика ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ да престанат да користат пароли со кои може да предизвикаат меѓуетничка нетрпеливост
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски ги повика ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ да престанат да користат пароли со кои може да предизвикаат меѓуетничка нетрпеливостФотографија: P.Stojanovski /DW

Ковачевски: Така не се оди во Европа

На посоченото скандирање се осврна и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, од синоќешниот митинг во Крушево.

„Не може да се нарекувате себеси европски фронт и да продавате некаква идеја за иднина во Европа, а на митинзи да немате ниту едно европско знаме и да извикувате пароли што нè враќаат повеќе од 20 години во минатото, кое го имаме закопано и заборавено. Така нема во Европа. Драги мои Македонци, Албанци и сите останати етнички заедници кои живеат во Македонија, ние сме заедно со сите вас и ве повикуваме да не дозволите преку ноќ да го растуриме мултиетничкиот соживот што напорно го градиме повеќе од три децении. Ние друга држава немаме. Нашите деца тука се родени, тука треба да ја градат својата иднина“, рече Ковачевски.

Тој ги повика ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ да престанат да користат пароли со кои може да предизвикаат меѓуетничка нетрпеливост, само за да соберат некој политички поен повеќе.