1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мисиите на Алмир и Катица

9 јули 2020

Доколку судиме според искуствата од регионот, колку е поголем молкот на меѓународната пред изборите, толку ќе биде погласно р’жењето по изборите. Пишува Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/3f2mi
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Нашите политички партии се изворот на неправдите во општеството. Добро познат факт кој се потврдува катадневно и ни ги растревожува чуствата. Денес, збор-два за тоа како мизансценските игранки на партиите влијаат врз сите нас, илустрирани низ два случаи.

Првиот случај е оној на Алмир Алиу, четиригодишното дете убиено во Куманово. Обвинетиот и осудениот за убиството е се уште на слобода, очекувајќи скратување на пресудата. За судските аспекти на овој скандалозен случај имавте прилика да дознаете низ редовните годишни помени за грозоморното убиство, низ редовните новинарски репортажи и редовните изјави на политички првенци. Но, сторителот е се уште на слобода. Сепак, освен редовното изразување „жал и осуда”, речиси никој не е спремен да се осврне зошто правдата за Алмир е толку спора и половична. И дали спорот има врска со политичките калкулации, партиските пресметки и изборните резултати?

Контекстот на таа спорост треба да се бара во матните води на локалните политики кои се прекршуваат непосредно врз локалните заедници и директно врз севкупните односи во земјата. Обвинетиот за убиството доаѓа од интересно милје, во кое се прекршуваат криминалот, политиката и предрасудите. Милје познато по блискоста до една политичка партија, конкретно СДСМ, која се обидува да изгради баланс помеѓу често спротиставени интереси на различни политички, етнички, подземни групации во градот. Но Куманово, е познато и по традиционалното влијание на белградски (не српски!) службени и подземни интереси, кои често знаат да бидат решителни во изборот на социјал-демократските локални и национални првенци. Кои, како што се докажа неодамна, знаат да бидат во оштро взаемно ривалство за стекнување предимство во милјето, токму благодарение на подршката од традиционалните белградски спони. Се разбира, зборот ми е за односите помеѓу Оливер Спасовски и Максим Димитриевски, а индиректно и Зоран Заев... 

Kumanovo Mazedonien
КумановоФотографија: Petr Stojanovski

Скраја да е дека било кој од нив има некаква врска со убиството на малиот Алмир. Но во жарот на изборните пресметки, секој од нив би сакал да обезбеди што е можно поголема подршка од сите групи на влијание. Па по таа линија на партиска логика, игранките околу пресудата и нејзиното извршување се вметнати во пресметките за неантагонизирање на групациите околу убиецот и продолжување на агонијата на семејството на убиениот. Оливер Спасовски, познат и близок до семејството на сторителот, е свесен дека антагонизирањето на истите може да води кон губење на подршката и нејзино префрлање на подршката на контото на локалниот ривал Димитриевски. Кој тоа пак може да го искористи за зајакнување на позициите пред партискиот шеф, кој е ионака во заладени односи со Спасовски. Во дадената ситуација, опозициската ВМРО-ДПМНЕ е речиси сосема исклучена од таквите пресметки. Но секако спремна да во случај на драматичен пресврт во наклонетоста на милјето кон СДСМ, со раце ширум отворени ги прифати истите во сопствени пазуви, со ново-создадено разбирање за нивните „правдини”.

Други колумни од авторот:

-„Фашист“ за премиер?

-Нови фосили

-Говедо да е ...

Албанските партии, поточно кажано нивните ограноци во Куманово, држат пристојна дистанца од локалните белградски ограноци. Но како што секогаш бива под смрдливите чаршафи на политиката, ни тие не се лишени од игранките на нивните (до)сегашни или идни коалициски партнери од СДСМ. Со кој си го одвиваат познатиот дијалог помеѓу бунтовните „ама многу е нефер, скандалозно е дека е сеуште на слобода” и смирувачките одговори дека „а бе, така е, ама да почекаме да минат избори”. Во таа трансакциска размена на моралот и интересот, локалните албански ограноци се принудени да балансираат помеѓу локалните крим-политички интереси и комплетната незаинтересиранот на нивните седишта во Тетово и претставници во Скопје. Алмир eshte Almir, ама избори се пари. Од ДУИ ќе го спомнат единствено по потреба нивниот кандидат во таа изборна единица, додека останатите  - Зијадин, Африм, Касами, Тачи – ќе ја нотираат годишнината, ама онака да не им замерат посакуваните коалициони партнери. Со многу драматика во гласот и на безбедна дистанца на очите на родителите на Алмир. Со полни плуќи завети за заштита на Албанците, албанството преку премиери и виц-премиери, дво-домни парламенти, 500 милиони евра инвестиции во соучестништво со ниските пресметки на нивните коалициони партнери. Среде сите тие големи политики, Алмир останува мал, дете на народот, сирак без заштита. Но моќен, неверојатно силен мал јунак, храбар литмус тест за аморалноста на заветите за рамноправност, еднаквост, соживот на партиите и ќоравата распуштена Јустиција.       

Вториот случај е оној на Катица Јанева. Спротивно на сите мислења, ценам дека таа сепак успешно ја заврши мисијата која и беше дадена на доверба. Не онака како што таа посакувала и замислувала како актер, но сосема адекватно на сценариото на мисијата. А таа мисија не е започната со протоколарното формирање на СЈО, туку годиини порано, со отварањето на досието за вмешаноста на водството на ДУИ во аферата Телеком. Како прв случај на меѓународниот транснационален финансов криминал, чиј епилог се случуваше – љубопитно – отаде океанот, во САД, далеку од етничките, партиските и клановски местенки и изговори. Истрагата за Телеком беше увертирата, amouse bouche, фаќање на најмалата политичко—партиска нишка (ДУИ) преку која ќе се стигне и почне со раслојување на големите купчиња на криминалот во ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Во тоа влечење на нишките на транс-националните финансови криминали, сите докази, сите сознанија стекнати низ ВМРО-овските обвинители за СДСМ-овските замешателства беа прифаќани, нотирани и класифицирани без никаква гадливост од страна на педантните хроничари на мисијата. Подеднакво како што не беа гадливи за сите докази, сведоштва, сознанија стекнати од страна на СДСМ-овските обвинители за злосторствата на ВМРО. И повторно, без никаква гадливост од страна на надворешните мисионери. Зошто? Бидејќи, едноставно, добиваните материјали за криминалите на двете партии само ги поттврдуваа однапред изградените сомнежи стекнати преку дипломатските канали и поплаките на домашните измамени тужибаби. Во таа мисија, падот на Катица Јанева и СЈО не може да се смета како изгубена шанса за спроведување на правдата. Падот на СЈО не беше скандал на крај на приказната, туку составен дел, да кажеме самопрегорен, допринос кон комплетирање на сликата и разјаснување на улогата на партииите и нивните инсталации во транс-националните финансови сплетки.

СЈО беше печено за паѓање, од самиот почеток, од самиот состав исполнет со неверојатна галерија ликови кои немаат ништо заедничко со озбилна обвинителска истрага. Но падот мораше да се случи со смисла, со намера, со конкретна цел и тајминг. Навреме, откога сите докази ќе бидат собрани и депонирани. Но никако за време на самото судење кога ерупцијата на компромитирачки материјали би довело до прогласување на неважечки судски процес. И со тоа би се спасиле осомничените а сета децениски-долга мисија биде затворена и ставена ад акта. Неславниот епилог на Катица Јанева и СЈО е секако непријатност за неа лично, како и за лицата кои од сите искусни правници во земјата се решија да токму ним им ја доверат најозбилната мисија во бурната историја на младата република. СЈО не замина без да ги изврши финалните задачи. Како прво, расветлување на последната епизода на демистификација на оние кои на грб СЈО се красеа со перјата на бивање беспоговорни правосвештеници на чесноста, отчетноста и новиот живот. Како второ, на бивање депозитен бокс за правно-протоколарно собирање на сите компромитирачки податоци кои ќе бидат искористени подоцна, некаде другде.

Во падот на СЈО го наоѓаме и одговорот на прашањето – зошто не се формираше и соодветен Суд кој би одлучувал по наодите на обвинителството? Во земја така темелно опишана и дијагностицирана од страна на Рајнхард Прибе, било каква пресуда од компромитирано судство е однапред ставена под знак прашање и со смртоносен ефект по децениското макотрпно прибирање докази. Другата причина е што во политиката (домашна и посебно меѓународна) актот на обвинението е со далеку поголем застрашувачки ефект по политичарите отколку самиот чин на пресудата. Како што можевме да дознаеме од искуствата со Санадер и Хашим Тачи.

СЈО е заминато, но работата на СЈО уште долго ќе биде присатно во домашните и посебно меѓународните собитија поврзани со нашата земја е нашиот пат кон ЕУ. Трагите одбележани од СЈО ќе бидат користени за раветлување на мачната дилема – колку милијарди евра се исмаат исцицано од оваа земја, од нас граѓаните? Што е за нас секако емоционално болно прашање, но далеку помалку битно од желбата на „решавачките фактори” да дознаат како, преку кој и каде имаат завршено тие милијарди, која е финалната дестинација. Дали навистина сите тие милијарди се имаат префрлено врз мистериозни конта на грст полуписмени домашни политичари, или пак тие биле само нахранети со трошки од големата милијардна-торта проголтана низ европските даночни рајови? Дали некогашниот виц дека туристите од Берлин, Ден Хаг и Виена можат да дојдат во Македонија со авион, а се вратат дома со кола која е веќе паркирана во Скопје, денеска може да се употреби во обратна насока. Дека нашиот пат кон ЕУ можеме да го изодиме со партали од облека, со искинати чевли и чорапи и камења во џебови, бидејќи нашите пари се ионака веќе на сигурно сместени низ сметки во tax heavens банките на Германија, Холандија, Австрија. Ксметлии како што сме, ќе се задоволиме со заклучокот дека само Господ знае а времето ќе докаже. Но, не секој го дели таквиот капитулантски менталитет на предавање на судбината.

Линијата на поделба и судир помеѓу САД и ЕУ полека ја поклопува линијата на транс-атлантската соработка и доверба. Зборовите на утеха и надеж дека взаемниот интерес за стабилност на Балканите, а со тоа и Македонија, полека тонат под напливот вести и шпекулации за взамените подметнувања и саботажи. Пукнатината веќе прска ширум регионот – од Подгорица до Бања Лука, од Тирана до Белград, од Приштина до Софија, со финална дестинација во Скопје. Предизборната безгласност на меѓународната заедница е засега интересна единствено како непријатност за изборните апсирации на СДСМ и ВМРО, оставени  во темница самите да се изјаснат кон кое царство ќе се приволат а притоа продолжат да „не ја разбираат” препораката и предупредувањето на Ахмети за „потребата и понатаму да се обезбеди про-западната ориентација на земјата”. Но доколку судиме според искуствата од регионот, колку е поголем молкот на меѓународната пред изборите, толку ќе биде погласно р’жењето по изборите. 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач