1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Трст некогаш се одеше по фармерки, а сега...

27 јули 2017

Заедничко за овие иницијативи, договори и планови од Берлинскиот процес е поврзување на инфраструктурата и луѓето од Западен Балкан

https://p.dw.com/p/2hE3t
Italien Triest Stadtansicht
Фотографија: Imago/imagebroker

На 12 јули 2017 година заврши уште еден успешен Самит за Западниот Балкан познат како “Берлински процес“во Трст под покровителство на италијанскиот премиер. Оваа година, град домаќин на самитот беше Трст. За оние со подобра меморија од овие простори, Трст претставува прва станица на западниот капитализам, обвиена со медитерански вкус. Место каде цела поранешна Југославија купувала фармерки, шушкавци и стартки, барем оние кои можеле да си дозволат. Иако сѐ уште не сум бил роден, постарите велат дека во тоа време започнува и вистинската ренесанса за културата, уметноста и филмот во Југославија.

Дали годинешниот Самит за Западниот Балкан во Трст ќе започне нова политичка ренесанса за земјите од регионот останува да видиме. Првите знаци се позитивни. Лидерите на Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина го добија посакуваното внимание, барем на неколку часови, како од страна на политичката елита на ЕУ така и онаа од значајни земји членки. Имено, ЕУ на Самитот беше претставена од страна на Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика и потпретседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, Комесарот за соседство и преговори за проширување Јоханес Хан и Комесарот за транспорт Виолета Булц. Покрај високите претставници на ЕУ, лидерите од западниот Балкан имаа прилика да разговараат и со, меѓу другите, со новото динамично дуо Меркел-Макрон, понатаму со Џентилони и Керн. Потпишани се повеќе регионални инфраструктурни договори, поддржани се плановите за регионалната економска зона и воспоставување на истражувачка мрежа за Западниот Балкан. 

Italien Balkankonferenz in Triest
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Bertorello

Сите овие иницијативи, договори, планови поддржани за време на и во рамки на Берлинскиот процес имаат една заедничка компонента: регионална соработка и поврзување (инфраструктурно и човечко). Пораката која, полека но сигурно, се промовира од страна на ЕУ и преку овој Берлински процес е дека без регионална соработка земјите од Западен Балкан не можат вистински да се придвижат кон ЕУ. Патот кон ЕУ води низ решенијата на сите отворени билатарелни прашања меѓу земјите од Западен Балкан, како и на оние меѓу овие земји и земји-членки на ЕУ од Југоисточна Европа.

Од особена важност е разбирање и прифаќање од страна на политичките лидери на овој концепт на регионална соработка во насока на придвижување на балканскиот брод кон ЕУ.

Иднината на Берлинскиот процес

Годинешната  декларација од Самитот во Трст завршува со најава за подготвеноста на Обединетото Кралство да биде домаќин на Самитот на Западен Балкан во 2018 година. Доста симптоматично имајќи предвид дека Brexit процесот е веќе започнат и согласно регулативата треба да заврши во наредните две години. Доколку на ова гледаме од позитивна страна, оваа намера на Британија ја покажува поддршката на Балканот и по нејзиното напуштање на Унијата.

Mazedonien Zoran Necev - Mitglied des IDSCS
Зоран Нечев, автор на колумнатаФотографија: IDSCS

Да се вклучат форумите на граѓанските организации и бизнисите

Во таа насока се и препораките од неодамна објавениот документ за јавни политики за иднината на Берлинскиот процес. Редизајнирањето на процесот пред сѐ се однесува на ограничување односно затворање на листата на теми кои се разгледуваат за време на самитите. Ако листата на теми се остави за нови дополнувања тоа може да го засени самиот процес на проширување и истовремено постои ризик тој да стане толку гломазен што е тешко да се организира, следи и да произведе резултати.

Што се однесува до инклузивноста, препораките одат во насока на постојано и точно утврдено вклучување на граѓанските организации и бизнис заедниците во Берлинскиот процес. Имено, постоечките форуми за граѓанските организации и бизнисите се организирани на маргините на самитите. Насоката која треба да се фати е овие форуми да станат интегрален дел од самиот процес. Пред започнување на новиот циклус на самити посветени на Западен Балкан од страна на сите страни треба да се утврдат крајните цели што треба да се постигнат со нивното одржување. Последица од постоечките, многу генерално, утврдени цели е постоењето на широк простор за манупулација на перцепциите за постигнатите резултати во комуникација со други засегнати страни и јавноста.

Teilnehmer des Gipfels im Trieste über westlichen Balkan
Фотографија: DW/A. Feilcke

На крај, Берлискиот процес треба да се надгради со тоа што ќе стане процес кој ќе трае во текот на целата година. Главните самити треба да продолжат да се организираат во една од ЕУ земјите учеснички во процесот. Во меѓувреме, во насока на покажување на сопственоста врз процесот, треба да се организираат мини-самити во една од земјите од Западен Балкан.

Зоран Нечев е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.