1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама: Санкциите кон Иран ќе бидат само ублажени

БГ/миа20 ноември 2013

Во Женева денеска почнува нова рунда преговори меѓу Техеран и меѓународната „шесторка“ посветена на иранската нуклеарна програма.

https://p.dw.com/p/1AL9v
Фотографија: Reuters

Меѓународниот систем на санкции кон Иран „нема да се распадне“ ако САД и другите земји малку ги олecнат санкциите, како резултат на евентуален договор за нуклеарната програма на Техеран што може да се постигне на претстојните преговори во Женева, изјави синоќа американскиот претседателот Барак Обама.

„Банкарските, нафтените и финансиски санкции остануваат во сила“, нагласи Обама, напоменувајќи дека во последните години добивката од нафта во Иран е двојно намалена, а според ирански пресметки, во странство се замрзнати околу 100 милијарди долари ирански средства.

Според Обама, против Иран во сила е „најстрогиот режим на санкции“ во историјата.

„Затоа ако САД и другите земји пристапат кон ’сосема скромно олеснување’, генералниот механизам на главните санкции ќе остане и ќе продолжи да врши притисок врз иранската економија“, посочи Обама. Освен тоа, нагласи Обама, сите мерки можат да се вратат, доколку Техеран не ги исполни своите обврски.

Во Женева денеска почнува нова рунда преговори меѓу Техеран и меѓународната „шесторка“ посветена на иранската нуклеарна програма. Учесниците во оваа трета рунда преговори во последниве пет недели, се под голем притисок за постигнување договор. Аналитичарите проценуваат дека евентуалниот неуспех на преговорите ќе ги засили противниците на двете страни на дипломатското решение на спорот.

Genf Atomgespräche 09.11.2013
Од преговорите во Женева на 9. ноемвриФотографија: Reuters/Jean-Christophe Bott

Иран и „шесторката“, што ја сочинуваат петте постојани земји-членки на Советот за безбедност на Обединетите нации плус Германија, пред десетина дена по тридневни интензивни преговори во Женева, не успеаја да постигнат договор, пред сѐ поради одредени забелешки на Франција.

На новите преговори делегацијата на Иран ќе ја предводи министерот за надворешни работи Џафад Зариф, а на „шесторката“ високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон.