1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повторно расни тензии во САД

Ј. Фриче/Б. Георгиевски15 август 2014

Состојбата во гратчето Фергусон во американската сојузна држава Мисури е тензична по убиството на младиот Мајкл Браун. Расните немири уште еднаш го покажаа своето грдо лице во САД.

https://p.dw.com/p/1Cv7m
Фотографија: Reuters

Петта ноќ по ред гневните демонстранти се бунтуваа на улиците на Фергусон, Мисури по убиството на 18-годишниот тинејџер Мајкл Браун. Фрлаа молотови коктели врз полицијата, додека таа возвраќаше со димни бомби и солзавец. Двајца новинари беа накусо приведени од страна на полицијата. Протестите се уште еден потсетник за чувствителниот проблем на расните односи во САД. Кога бел полицаец ќе застрела црн тинејџер, расата е важна, особено во Фергусон, предградие на Сент Луис во кое две третини од населението се афро-американци, а тројца од 53 полицајци се црни. „Ова е шанса да се исправат грешките“, изјави шефот на полицијата Томас Џексон. „Бараме начин да се инволвираме во заедницата. Расните односи се наш врвен приоритет“.

Ден по ден расте гневот поради убиството на Браун, а демонстрантите особено ги лути тоа што властите не го кажуваат името на полицаецот кој го застрелал тинејџерот. Полицијата одговара дека полицаецот добивал смртни закани. Но, што точно се случувало во саботата останува нејасно. Полицијата тврди дека на убиството му претходела борба меѓу Браун и офицерот. Но, сведок кој го придружувал Браун за медиумите изјави дека невооружениот тинејџер ги држел рацете високо подигнати и не се борел со полицаецот. Браун тукушто матурирал и требало да започне со студиите за неколку дена.

Последното убиство предизвика споредби со случајот на Трејвон Мартин, невооружен црн тинејџер кој беше застрелан во февруари 2012 година на Флорида. Тој инцидент предизвика жестоки протести на афро-американската заедница и повторно ги откри длабоките расни тензии кои се’ уште постојат во поголемиот дел од американското општество. Адвокатот кој работеше на тој случај, сега ќе го застапува и семејството на Мајкл Браун.

Криминализација на црните

„Убиството е болно потсетување на криминализацијата на црните и кафените луѓе од моментот кога ќе стапнат во општеството“, вели Чарлс Блоу од „Њујорк тајмс“. Тоа го потврдува и статистиката на полицијата во Фергусон, каде е очигледно расното профилирање. На пример, во 2013 година, постои огромна диспропорција на контролирани возила на бели и на црни граѓани. Наспроти 686 контроли во возила управувани од белци, полицијата извршила контрола врз 4.632 возила управувани од афро-американци.

Trayvon Martin Prozess & Proteste nach Urteil
Случајот на Трејвон Мартин сѐ уште е чувствителен проблем за афро-американската заедницаФотографија: Reuters

„Генерално земено, сите обоени луѓе се помалку застапени во полицијата“, вели за ДВ Делорес Џонс Браун, професорка на колеџот за Криминално право во Њујорк. Според неа, токму тука лежи причината зошто постои толку мала доверба во полицијата во места како Фергусон.

Растот на тензиите го предизвикаа и претседателот Барак Обама да се обрати и да апелира за смирување на состојбата. Во меѓувреме и гувернерот на Мисури Џеј Никсон и’ ги одзема овластувањата на полицијата во Фергусон, па од синоќа за обезбедување на протестите на граѓаните се грижи полицијата на сојузната држава.