1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Споменик за МХ17

Макс Хофман / Превод: ЕМФ9 септември 2014

Во експертскиот извештај за летот МХ17 го нема одговорот на најважното прашање - кој го собори малезискиот авион? Па, сепак, извештајот е болна помош за одржување на сеќавањето и опомена за ЕУ, оценува Макс Хофман.

https://p.dw.com/p/1D9Lw
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Dmitry Lovetsky

Беше сосема нормален лет. Без предупредување преку радиоврска, без проблеми во функционирањето на апаратите, без украински борбен авион во придружба, како што некои претпоставуваа. Во 13:20:02 часот МХ17 леташе во насока на туристичкиот рај, а веќе една секунда потоа беше урнатина на височина од десет километри, која падна на бојното поле во источна Украина. Во катастрофата на сосема нормалниот лет МХ17 на 17 јули загинаа 298 луѓе.

Официјалниот извештај за падот на МХ17 е технички, не е политички. А, сепак во извештајот што експертите денеска (9.09) го објавија во Ден Хаг се провлекува политика. Така, на пример, се вели дека авионот бил продупчен од голем број „објекти полни со енергија“. Зборот „ракета“ не е употребен, а притоа независни експерти веќе долго време не дискутираат дали, туку со која ракета од руско производство е гаѓан МХ17. Како главен осомничен во меѓувреме важи мобилниот „БУК“ систем.

Препроблематично?

Оваа дупка во извештајот е екстремно несфатлива, но можеби јасното именување на употребеното оружје е политички препроблематично. Зашто кога технички и јавно е докажано - во што инаку сите освен Кремљ се убедени - дека проруските сепаратисти го погодиле патничкиот авион со 298 патници, тогаш е тешко да се тргне по и онака замаглената патека која води кон нормализација на односите.

Deutsche Welle Studio Brüssel Max Hofmann
Макс Хофман раководи со студиото на ДВ во БриселФотографија: DW/B. Riegert

Соборувањето на МХ17 беше момент кога ЕУ ги зближи редовите и заеднички донесе санкции против една земја од чија енергетска славина зависат многу Европејци. Иако досега го нема посакуваниот ефект, тоа сепак беше силен потег за кој многумина не веруваа дека ЕУ ќе се осмели да го повлече. Но, сеќавањето на страшниот настан бледее со текот на времето. Речиси донесените заострени снакции сега се повторно одложени. Раната се затвора, иако нејзиниот предизвикувач дејствува и натаму во источна Украина.

Секунди до смртта

Затоа извештајот, и покрај неговите недостатоци, треба да служи како споменик. Тој треба да ги потсетува одговорните во ЕУ што се случува недалеку од нејзината граница - тивка инвазија со состојби слични на воени. Путин одамна не е партнер, туку е неоимперијалист, ладнокрвен диктатор, а извршителите на неговите намери во Украина не се стеснуваат да ги вовлечат Европејците во овој конфликт, доколку им дојдат преблизу.

Што значи тоа може да насети секој кој ќе се соочи со жртвите од МХ17. Тогаш извештајот ќе го покаже сето свое дејство. Таму нивната судбина е опишана со многу технички изрази. Меѓу патниците беше и 23-годишниот Брус Фредрикс од Ротердам. Неговата мајка го прочита извештајот веднаш по неговото објавување, иако, како што вели, е тешко да се чита „како умрело сопственото дете“. Главното сознание за нејзе: „Се радувам што траело само неколку секунди“.