Србија двојно повредена
13 октомври 2008
„Македонија и Црна Гора долго време ја одложуваа одлуката да ја признаат независноста на Косово. Но, во четвртокот двете соседни земји на Србија решија да го сторат тоа и да создадат нови околности“, пишува Тагесцајтунг, и продолжува:
„За Белград ова беше двојно болно. Само еден ден претходно, во Генералното собрание на ОН, Србија издејствува легитимноста на косовската независност да биде преиспитана од Меѓународниот суд на правдата, највисокиот суд на ОН.
Србија е разочарана, пред се` од Црна Гора. Скоро половина од тамошното население сочувствува со Србија како никогаш порано. Голем беше и процентот на луѓе што на референдумот за независност во 2006 гласаа против отцепување на Црна Гора од Србија“ – подвлекува весникот и продолжува со анализа на ситуацијата во Македонија:
„Во Македонија, пак, постоеше внатрешно-политички притисок за признавање на Косово, бидејќи скоро една четвртина од населението му припаѓа на албанското малцинство. И во двете земји дискусијата за признавање на поранешната српска покраина за независна држава предизвика жестоки политички препирања. Но, сега е веќе јасно каде се движат работите“ – истакнува германскиот весник Тагесцајтунг. Коментаторот продолжува:
„Јасно е дека по протерувањето на македонскиот и црногорскиот амбасадор од Србија, односите со ’големиот сосед’ се заладени. Македонија и Црна Гора се понаклонети кон волјата на поголемите земји-членки на ЕУ и на САД. Без сомение, и посетата на американскиот министер за надворешни работи придонесе за признавањето на Косово“ – смета весникот.
“Македонија и Црна Гора сакаат да продолжат со приближувањето кон НАТО и ЕУ. А, за економското развивање на регионот, потребни се регулирани односи со новиот сосед. Откако Македонија и Црна Гора ќе ги признаат косовските пасоши, ќе се обезбеди и слобода на движење. Потоа ќе можат да се развијат заеднички стратегии за развој на регионот и со Албанија и, поединечно, со Србија. Порано или подоцна, Србија ќе мора да престане да се лути“ – смета Тагесцајтунг, во коментарот под наслов „Создадени се нови факти“, завршувајќи со заклучокот дека признавањето на независноста од страна на Македонија и Црна Гора, за Косово обезбедува политички пробив што живот значи.