Србија поблиску до ЕУ
30 април 2008
Претседателот на Србија, Борис Тадиќ е свесен за условите што се содржани во Договорот за стабилизација и асоцијација, имено потполната соработка на неговата земја со Хашкиот трибунал.
„Ќе бидам кристално јасен и ќе речам дека Србија ќе ги исполни сите обврски и ветувања што се однесува до потполната соработка со Судот во Хаг.“
Тадиќ на прес конференцијата уште порача дека потпишувањето на Договорот ќе донесе многу брзо економска корист и значајни договори за Србија.
Важен ден за српскиот народ
Координаторот на европската надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана порача дека станува збор за важен ден за српскиот народ и за ЕУ, а евро-комесарот за проширување Оли Рен додаде дека ова е клучен документ во процесот на подготвка на Србија за членство во Унијата. Истовремено Рен порача дека тоа нема никаква врска со статусот на Косово.
Иднината на Србија е во Европа
Шефот на делегацијата на Европскиот парламент за ЈИЕ, Дорис Пак нагласи дека ЕУ со овој чин им покажува на жителите на Србија дека иднината им е во Европа, а не на друго место.
И мнозинството германски парламентарци ја поздравија одлуката на европските министри за надворешни работи на средбата во Луксембург да го потпише Договорот за стабилизиација и асоцијација со Србија.
Заменик претседателот на групата за ЈИЕ во Бундестагот, Петер Вајс од владеачката ЦДУ изјави „Тоа е добра одлука. Ние пратениците од парламентарната група за ЈИЕ изминативе денови побаравме од германската влада да стори се’ за потпишувањето на овој документ и да ги надмине сомнежите на Холанѓаните. Сметам дека на Србија и’ е потребен јасен сигнал оти патот кон Европа и’ е отворен и дека ние Европејците сакаме да соработуваме со неа покрај тешкотиите околу косовското прашање.“
Шаховски потег на ЕУ
Слично реагираат и пратеникот на помалиот коалиционен партнер социјалдемократската партија, Детлеф Дѕембрицки како и Рајнер Штинер од Либералната партија „Јас многу се залагам за тоа ЕУ да ја држи отворена вратата за Србија. Србија е важна земја во регионот и ние радо би ја виделе еден ден во ЕУ. За мене е проблем само ако ЕУ при тоа ги прекрши сопствените стандарди.“
Скепсата најјасно доаѓа до израз кај пратеничката на германските Зелени во Европскиот парламент, Ангелика Беер: „Секако дека можеме да си посакуваме и да се надеваме, доколку конечниот резултат биде она што ЕУ си го зацртала како цел. Но, јас сум критички настроена и сметам дека е проблематично тоа што ЕУ се обидува со ваков шаховски потег да изврши влијание врз изборната трка во Србија“ – нагласува Ангелика Беер.