1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што по Фергусон?

Миодраг Шориќ / Превод А.Трајковска 26 август 2014

Повеќе од две недели по убиството на Мајкл Браун, Сент Луис тагува по црниот тинејџер. Но, во интерес и на луѓето со бела боја на кожата е да се стави крај на постоечкиот расизам во САД, смета Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/1D17Z
Фотографија: picture-alliance/dpa

Расизам во САД - тоа не е нова тема. По изборот на првиот претседател со црна боја на кожата многумина мислеа дека тоа набрзо ќе се реши. Конечно на домаќинот во Белата куќа дискриминацијата на луѓето со црна боја на кожата му е позната од сопствено искуство. Во изборната кампања Барак Обама вети дека ќе ја обедини поделената нација и подобро ќе ги заштити малцинствата. Претседателот е извонреден оратор. Кај милиони Афроамериканци голема беше надежта да се заврши борбата за исти права.

Ваква надеж имаа и жителите со црна боја на кожата, мнозинство во Фергусон, кое е предградие на Сент Луис во сојузната држава Мисури. Тие веруваа дека Обама ќе има пари за нивните училишта. Од „нивниот човек“ во Вашингтон очекуваа повеќе работа. Или ако тоа трае подолго, претседателот би требало најмалку да стави крај на секојдневната дискриминација од страна на полицијата, судовите и локалните политичари. Кој денес со луѓето од Фергусон зборува за најмоќниот човек на САД, добива одговори полни со презир и цинизам: „Обама не стори ништо за нас“.

Разочарувањето е разбирливо. Гневот е голем поради тоа што повторно полицаец со бела боја на кожата застрела невооружен човек со црна боја на кожата. Анкетите потврдуваат: Мнозинството Афроамериканци немаат доверба во американскиот правосуден систем. Како пример го посочуваат државниот обвинител во Фергусон. Неговото семејство има тесни врски со локалната полиција. Родителите на застреланиот Мајкл Браун ќе мора долго да чекаат, сторителот - полицаецот Дарел Вилсон да биде уапсен. Вилсон целосно се повлече. Локалната полиција го скри, наводно за да го заштити. Сторителот не е уапсен - тоа ја потхранува недовербата кај Афроамериканците.

Мајкл Браун не е единствен случај. Само во изминатите недели имаше повеќе слични случаи. Полицајците во САД, во споредба со нивните колеги во западна Европа, честопати се лошо обучени, лошо платени и преоптоварени при демонстрации. Тие премногу брзо се фаќаат за огненото оружје. Локалната полиција дури располага и со воена опрема, која им ја довери владата во Вашингтон по терористичките напади од 11. септември 2001 година. Дали тоа имаше смисла и беше исправно? Овие прашања сега ги поставува претседателот Обама. Тој сака ова да го провери Конгресот. Но, тоа ќе трае со години. Жителите во Фергусон немаат големи очекувања.

Miodrag Soric
Миодраг Шориќ, автор на коментаротФотографија: privat

Тие укажуваат на фактите кои со децении не се променија: За исти злосторства луѓето со црна боја на кожата се казнуваат многу построго отоколку луѓето со бела боја на кожата. Полицијата ги третира честопати без почит и тоа не само во Фергусон. Исти права за сите? За тоа во САД не може да стане збор. Ако еден претседател со црна боја на кожата сите овие години не можеше да го смени тоа, тогаш кој?, прашуваат многу Афроамериканци.

Можеби претстојната демографска промена ќе донесе промена. Долгорочно не може да биде во интерес на белците да ги дискриминираат малцинствата. Оти за 20 до 30 години во САД тие самите ќе бидат малцинство. И што тогаш?