1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МузикаГлобално

40 години од Лајв Ејд: Надеж, пркос и тешки прашања

Бренда Хас
12 јули 2025

Лајв Ејд беше концерт што собра милиони за гладните во Африка и влезе во историјата како најголем телевизиски настан на своето време. Како се гледа денес на тој настан?

https://p.dw.com/p/4xJnR
Нахранете го светот пишува на бината на Лајв Ејд концертот кој се одржа на стадионот Вембли во Лондон
Лајв Ејд беше концерт што собра милиони за гладните во АфрикаФотографија: Norbert Försterling/dpa/picture alliance

„Во Лондон е пладне, во Филаделфија е седум наутро, а низ целиот свет – време е за Лајв Ејд.“

Оваа телевизиска најава на 13 јули 1985 година го означи почетокот на повеќе од 16 часа музика која обедини речиси две милијарди луѓе во повеќе од 100 земји.

Лајв Ејд не беше обичен концерт. Целта не беше само музиката, туку собирање хуманитарна помош за жртвите од глад во тогашната сушна Етиопија. Тоа беше и најголемиот сателитски пренос во историјата – настан каков што светот дотогаш не видел.

На сцената се редеа најголемите музички ѕвезди од различни жанрови – многу од нив денес веќе не се меѓу нас: Фреди Меркјури, Дејвид Боуви, Тина Тарнер... Сите настапија бесплатно.

Концертот се одржа истовремено на стадионот Вембли во Лондон и на стадионот Џеј-Еф-Кеј во Филаделфија. Луѓето ширум светот гледаа како Меркјури ги анимираше 72.000 присутни на Вембли заедно да го пеат рефренот на песната „Radio Ga Ga", како Боно од ЈуТу скокна од бината за да заигра со тинејџерка од публиката или како Боб Гелдоф страсно ги повикуваше гледачите да донираат.

И да разјасниме една често погрешно пренесена анегдота за Лајв Ејд: сер Боб никогаш не изјавил „Дајте ни ги вашите е**и пари.“ Тоа бил погрешен цитат. 

Мадона на Лајв Ејд концертот во Филаделфија
Мадона беше меѓу ретките жени што настапија на Лајв ЕјдФотографија: AP/picture alliance

Помош преку рокенрол

Лајв Ејд го замислија и организираа ирскиот музичар Боб Гелдоф и Мич Јур од групата Ултравокс – и тоа во рекордно краток рок, поттикнати од успехот на синглот „Do They Know It's Christmas?" од 1984 година – песна што денес е прилично контроверзна, а која тие двајца ја напишаа заедно.

Јур подоцна за „Гардијан“ изјави дека поголемиот дел од планирањето на Лајв Ејд се одвивал повеќе по инстинкт и добра волја, отколку по јасен план или буџет. Токму затоа Лајв Ејд стана модел што подоцна го следеа настани како Farm Aid (1985), Live 8 (2005) и Live Earth (2007).

Во 2004 година, по објавувањето на ДВД-снимките од концертот, Гелдоф изјави: „Зедовме тема која не беше ни блиску до политичката агенда и преку јазикот на планетата – а тоа не е англискиот, туку рокенролот – успеавме да ја истакнеме интелектуалната бесмисленост и моралната одвратност на фактот дека луѓе умираат од глад во свет со изобилство храна.“

„За Африка“ – но без Африканци

Иако многумина од генерацијата беби-бумери и Ген X сè уште го паметат Лајв Ејд како единствен момент на глобално единство во време пред социјалните мрежи, денес е јасно дека настанот не беше без маани – особено кога се гледа низ призмата на застапеност и разновидност.

Иако беше хуманитарен концерт за Африка, во 1985 година на бината не настапи ниту еден африкански изведувач. Слично беше и со родовата застапеност – освен Шаде, Тина Тарнер, Мадона и Пети ЛаБел, листата на изведувачи беше речиси целосно бела и машка.

Гелдоф го бранеше изборот на изведувачи, велејќи дека тие биле одбрани според способноста да привлечат публика и на тој начин да се зголемат донациите.

Во 2005 година, Гелдоф го организираше Live 8 – серија концерти што се совпаднаа со самитот на Г8, со цел да се натераат лидерите на осумте најразвиени земји да „го направат сиромаштвото минато“ – но и тогаш немаше вистинска разновидност. Во оригиналниот состав беше вклучен само сенегалскиот пејач Јусу Н’Дур, а Гелдоф повторно се повика на „ѕвездената привлечност“. 

Боб Гелдоф со принцот Чарлс и принцезата Дајана за време на Лајв Ејд концертот
Боб Гелдоф со принцот Чарлс и принцезата Дајана за време на Лајв Ејд концертотФотографија: UPPA/Photoshot/picture alliance

Диџејот Енди Кершо, кој учествувал во телевизискиот пренос на Лајв Ејд, изјави: „Ова е скандалозно. Велат: ‘Не ја заборавајте Африка’ – а токму тоа го прават.“

Поради тоа, дополнително беше организиран концертот Africa Calling, кој го водеше Н’Дур, со настапи на африкански музичари како сомалиската пејачка Маријам Мурсал и бенинската пејачка Анжелик Киджо.

Моки Макира, извршна директорка на организацијата Africa No Filter, била тинејџерка кога го гледала оригиналниот концерт. Во текст за „Гардијан“ од 2023 година напиша:

„Како Нигеријка родена во Лагос, а школувана во Велика Британија, ми требаше време да сфатам дека верзијата на Африка што Лајв Ејд ѝ ја прикажуваше на светот беше сосема различна од онаа во која јас пораснав. За жал и ненамерно, Лајв Ејд стана симбол на пристапот кон развојот на Африка што и денес доминира – желбата да се идентификуваат и решат проблемите на сиромашните земји и убедувањето дека парите се главното решение.“

Комплекс на бел спасител или пресвртна точка?

Поради сето тоа, Гелдоф честопати беше опишуван како личност со „комплекс на бел спасител“ – што тој го отфрла.

Како реакција на една критика во „Гардијан“ минатата година, во која Лајв Ејд беше опишан како настан што „го зацврстил покровителскиот приказ на Африка како континент очаен и зависен од западна помош“, Гелдоф возврати дека тоа е „најголемата глупост што некогаш ја слушнал“. 

Фреди Меркјури облечен во бело за време на Лајв Ејд концертот во Лондон во 1985 година
Фреди Меркјури и групата Квин беа меѓу најголемите ѕвезди на концертитеФотографија: Photoshot/picture alliance

Лајв Ејд навистина собра милиони за хуманитарна помош и имаше одредени политички последици. Служеше како инспирација за започнување на американската програма PEPFAR (Претседателска вонредна програма за помош во борбата против СИДА) во 2003 година, која подоцна беше значително ослабена поради буџетските кратења на администрацијата на Трамп.

Нов документарец, Live Aid at 40: When Rock 'n' Roll Took On the World, открива и дека Гелдоф и неговиот сонародник Боно неуморно лобирале кај лидерите на Г8, што на крајот довело до отпишување на 40 милијарди долари долг за 18 од најсиромашните земји во светот, како и до ветување дека помошта за земјите во развој ќе се зголеми за 50 милијарди долари годишно до 2010 година.

Денес, 73-годишниот Гелдоф се сомнева дека духот на тој настан може да се повтори во ерата на социјалните мрежи. „Тоа е технологија што ги разделува луѓето, за разлика од рокенролот што ги обединува,“ изјави тој за NME.

Реагирајќи на неодамнешната изјава на Илон Маск дека „најголемата слабост на западната цивилизација е емпатијата“, Гелдоф додаде: „Не, Илоне – лепилото што ја држи цивилизацијата заедно е токму емпатијата. Живееме во време во кое умира добрината, и против тоа се борам.“

Но, рокерот сè уште верува во промените:

„Можеш да ги промениш работите, навистина можеш… поединецот не е немоќен, а заедно – навистина можеме да направиме промена.“