1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Албанија има своја Шара- како планина од отпад

Рашела Шеху
18 октомври 2025

Албанија си го постави за цел приклучувањето кон EУ. Еден од нејзините најголеми предизвици во тој процес е еколошката реформа, особено во областа на управувањето со отпад, која заостанува зад развојот на земјата.

https://p.dw.com/p/51e9S
Контејнери со ѓубре на улиците на Тирана, Албанија
Најголемиот дел од отпадот во Албанија се носи на депонии, а помалку од 20% се рециклира Фотографија: Rashela Shehu/DW

Секое утро, камиони за отпад се движат низ албанската престолнина, Тирана, пред да се упатат кон депонијата Шара- растечка планина од отпад на периферијата на градот. Седум години откако владата вети изградба на современ погон за претворање отпад во енергија, проектот останува незавршен и под истрага за корупција.

Тирана, дом на речиси еден милион луѓе, што претставува околу една третина од вкупното население на Албанија, генерира речиси половина од урбаниот отпад во земјата. Брзата експанзија на градот далеку ги надминува неговите инфраструктурни капацитети: собирањето отпад е нерегуларно, рециклирањето речиси не постои, а главната депонија е пред својот максимум.

Криза со отпадот на критична точка

Екологот Олси Ника, директор на невладината организација Еко Албанија, вели дека кризата со отпадот во главниот град достигнала критична точка.

„Ова не е само лошо управување, туку систем што никогаш навистина не функционирал,“ изјави тој за ДВ. „Инценераторите што требаше да го решат проблемот никогаш не проработеа, а собирачките точки околу нив сега се преполни. Во Шара, главната депонија на главниот град, беше отворен нов дел, но не може бесконечно да се шири.“ 

Ситуацијата во Тирана е одраз на поширок проблем низ целата земја. Според Албанскиот институт за статистика (INSTAT), Албанија генерирала околу 820.000 тони урбан отпад во 2022 година. Речиси 77% биле испратени на депонија, помалку од 20% биле рециклирани, а остатокот бил запален или останал несобран. 

Ѓубриште на брегот на реката Ишем во близина на Тирана
Ѓубриште на брегот на реката Ишем во близина на ТиранаФотографија: Rashela Shehu/DW

За Олси Ника, овие бројки потврдуваат колку е кревок системот.

„Локалните власти немаат капацитет и координација за правилно управување со отпадот,“ вели тој. „Повеќето од нив функционираат без соодветна инфраструктура, а селекцијата на отпадот на изворот речиси не постои.“

Управувањето со отпадот- клучно за пристапување кон ЕУ

Како што Албанија напредува на патот кон членство во Европската Унија, еколошката реформа станува еден од нејзините најголеми предизвици. Управувањето со отпадот, долго време гледано како локално прашање, сега е во срцето на агендата за пристапување кон ЕУ.

Поглавје 27 од преговорите со ЕУ, кое ги опфаќа животната средина и климата, се смета за најкомплексно и најскапо за исполнување. Албанскиот премиер Еди Рама го нарече „најпредизвикувачкото преговарачко поглавје и најтешкиот дел од нашето пристапување кон ЕУ“, забележувајќи дека напредокот во обработката на отпад досега бил ограничен.

Ќе направи ли разлика планот на владата? 

Владата реагираше со претставување на нацрт-закон за интегрирано управување со отпад и најави планови за создавање Национален оператор за отпад — јавна агенција што би го координирала собирањето и третманот на отпадот низ целата земја. 

Реформата означува премин од сегашниот модел, каде што општините управуваат со отпадот локално, кон централизиран систем што има за цел да ја подобри ефикасноста и да го приближи националното законодавство до еколошките стандарди на ЕУ.

Албанија „се дави“ во отпад

Екологот Олси Ника вели дека реформата може да помогне, но само ако оди подалеку од институционално преструктурирање.

„Централизацијата може да ја подобри координацијата,“ објаснува тој, „но без политичка волја, транспарентност и финансирање, новиот закон ќе ја има истата судбина како и претходните стратегии.“ 

Од реки до туризам: цената на занемарувањето 

Дваесет и петгодишната еколошка активистка Дениса Каса ги поминува викендите на бреговите на загадените реки во Албанија.

Минатата година ја основа „Движење“ („Rrjedha“), граѓанска иницијатива што има за цел да ги истражува и чисти реките во земјата. 

Депонијата Шара во близина на Тирана
Планината од ѓубре во депонијата Шара продолжува да растеФотографија: Kristi Çavo

Она што започна како мала активност сега вклучува повеќе од 180 волонтери низ целата земја.

„Многу реки се претворени во транспортни системи за отпад,“ вели Каса за ДВ. „Во неколку села нема канти или служби за собирање, па луѓето го фрлаат отпадот директно во реката или по нејзините брегови.“

Со нивните кампањи за чистење, волонтерите се обидуваат да допрат до локалните жители кои се посвесни за проблемот и да ги охрабрат да учествуваат во идни настани.

Но, Каса вели дека свеста сè уште е ограничена. „Луѓето често очекуваат промената да дојде од некаде на друго место, не од нив самите,“ вели таа. „Еколошките институции направија малку за да ја изградат таа култура.“

Влијанието на растечкиот туристички сектор во Албанија

Екологот Олси Ника вели дека проблемот оди многу подалеку од она што луѓето можат да го видат.

„Повеќе не станува збор само за еден извор на загадување,“ објаснува тој. „Реките го носат отпадот по нивниот тек, ширејќи го во почвата, подземните води и дури и во воздухот кога се гори пластика. Со текот на времето, се распаѓа на ситни честички што влегуваат во синџирот на исхрана- невидлива, но распространета закана.“

За Дениса Каса, загадувањето е во контраст со сликата на туристички пријателска Албанија што владата ја промовира во последниве години.

„Туризмот треба да биде последното нешто што го промовираме ако не можеме да управуваме со отпадот,“ вели таа. „Посетителите гледаат пластика покрај автопатите, реките и плажите- истата природа што се обидуваме да ја промовираме.“

Каса нагласува дека и самиот туризам го засилува проблемот: „повеќе пластика, повеќе потрошувачка. Без соодветен систем за отпад, ова лесно може да ни се врати како бумеранг,“ вели таа.

„Сè уште можеш да бидеш восхитен од природата на Албанија,“ додава Каса, „но тешко е да не бидеш разочаран од начинот на кој се третира“. 

#dw_BalkanBooster во Пустец: „Отпадот оди во селото и во езерото“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема