1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бенквоч“: Загадувањето во Битола и регионот расте

24 јуни 2026

Загадувањето во Битола и Северна Македонија расте. Извештај на Бенквоч открива високи емисии, прашина и зголемени смртни случаи во регионот.

https://p.dw.com/p/5FvJK
РЕК Битола. април, 2019
РЕК Битола во 2025 година стана најголем извор на прашина во регионотФотографија: Nord-Mazedonien Regierung

И по осум години од истекот на рокот за електраните во Западен Балкан да ги исполнат стандардите со кои ќе се спречи загадувањето на воздухот, обврските постојат на хартија, но реалноста е поинаква. Загадувањето останува и понатаму високо, а во одредени делови и се зголемува. Според најновиот извештај на Бенквоч - „Усогласување или затворање“, емисиите на сулфур диоксид (SO₂) се значително над дозволеното, додека загадувањето со прашина драматично расте.

Битола како главна точка на загадување во С. Македонија

Најголемата загриженост во Северна Македонија е поврзана со РЕК Битола, кој во 2025 година станува најголем извор на прашина во регионот. 

Емисиите на прашина драматично се зголемиле (повеќе од двојно) и ги надминале дозволените вредности за цел регион. Само блоковите Битола 1 и 2 испуштиле 5.276 тони прашина, а со блокот 3 вкупната бројка достигнува 7.675 тони — повеќе од дозволениот праг за сите четири земји заедно.

Дополнително емисиите на сулфур диоксид (SO₂) во С. Македонија се 9 пати над дозволеното, а блокот Битола 3 достигнува 16,3 пати над лимитот. Според извештајот, иако С. Македонија инвестира во соларна енергија, паралелно се планира нов рудник („Живојно“), ТЕ Осломеј уште не е затворена и нема јасен план за напуштање на јагленот. 

Загадување 19.09.2017
Емисиите на SO₂ во Македонија се 9 пати над дозволенотоФотографија: picture-alliance/dpa/Geisler-Fotopress

Што покажува извештајот за загадувањето во регионот

Во 2025 година, емисиите на SO₂ во земјите опфатени со Националниот план за намалување на емисии (НЕРП) - Босна и Херцеговина, Србија, Косово и С. Македонија биле 6,6 пати над дозволените вредности, што е најголемо отстапување од 2018 година.

Босна и Херцеговина повторно е најголем загадувач, со 12,7 пати повисоки емисии од дозволеното, додека Србија достигнува 5,1 пати над лимитите. Паралелно со тоа емисиите на азотни оксиди (NOX) се 1,4 пати над дозволеното, а Косово бележи најголеми отстапувања (2,7 пати над лимитите). 

Според платформата Ај Кју Ер (IQAir), С. Македонија е на 34 место од 143 земји по загадување, а концентрацијата на PM2.5 е 4,2 пати над препораките на СЗО. Најзагадени градови лани биле Струмица и Скопје, а најчист воздух имало во Лазарополе. 

Загадувањето и смртните случаи

Загадувањето не е само еколошки, туку и здравствен проблем. Податоците коишто ги објави Бенквоч покажуваат дека 12.000 смртни случаи (2018–2020) се поврзани со надминување на лимитите, а вкупно 19.000 смртни случаи се поврзани со јагленските електрани. Нема индикации дека овие бројки значително се намалени.

Извештајот на Бенквоч препорачува казнување на операторите, намалување на производството кај загадувачите, затворање на застарените капацитети, инвестиции во чиста енергија и намалување на потрошувачката преку ефикасност.