1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамГерманија

Берлин повторно со струја, мрежата е стабилизирана

ЕМФ / дпа
7 јануари 2026

По повеќедневно немање струја, граѓаните во југозападен Берлин денеска може да сметаат со враќање на снабдувањето со електрична енергија. Се претпоставува дека проблемот е предизвикан од напад на левичарски екстремисти.

https://p.dw.com/p/56Sm8
Германија Берлин 2026 | Темната Потсдамер Шаусе без улични светла за време на прекин на електричната енергија
Улицата Потсдамер Шаусе без улични светла за време на прекинот на електричната енергијаФотографија: Michael Ukas/dpa/picture alliance

По повеќедневниот голем прекин на електричната енергија во југозападниот дел на Берлин, повторно е воспоставено снабдувањето со струја во погодениот регион.

Привремени кабелски врски овозможија стабилизација на снабдувањето

Во следните часови постепено сите домаќинства треба да добијат струја, соопшти портпарол на локалната електромрежна компанија Штромнец Берлин. Како што се вели, уште во текот на ноќта била воспоставена и успешно била  тестирана клучната провизорна кабелска врска.

„Пред струјата повторно да стигне до сите, кај некои од веќе повторно поврзаните клиенти во првично погоденото подрачје ќе дојде до околу 15-минутен прекин“, соопшти Штромнец Берлин. „Слично како при промена на штекер од еден во друг штекер, на овој начин се обезбедува повторното снабдување преку привремената линија долж каналот Телтов.“

Во текот на претпладнето критичните установи, како болници и служби за нега, биле известени дека наскоро повторно ќе добијат електрична енергија. Преку системот за предупредување потрошувачите биле повикани да ги исклучат резервните генератори од мрежата за да се избегнат оштетувања.

Германија Берлин 2026 | Работа на трафостаницата Аргентинска Алеја за време на прекин на електричната енергија
На отстранување на проблемите со струјата се работеше повеќе деновиФотографија: Maurizio Gambarini/Funke Foto Services/IMAGO

Најдолгиот прекин на струја по Втората светска војна

Прекинот на струјата, предизвикан од напад врз кабелски мост во округот Штеглиц-Целендорф, според податоци на надлежните, е најдолгиот во Берлин по Втората светска војна. Од саботата наутро (3.01), без струја останаа 45.000 домаќинства и 2.200 компании. Според берлинскиот градоначалник Каи Вегнер, погодени биле вкупно околу 100.000 луѓе. Во неделата Берлин прогласи таканаречена состојба на голема штета.

Во текот на изминатите денови сè повеќе домаќинства постепено се враќаа на мрежата. За што побрзо воспоставување на целосното снабдување, електромрежната компанија работела на привремено решение: две линии со особено голем транспортен капацитет биле меѓусебно поврзани во трафостаницата Далем. Работите биле сложени, од една страна поради ниските температури, а од друга поради различните материјали на двата кабли.

Германија Берлин 2026 | Супермаркет нуди бесплатна електрична енергија и топла вода за погодените од прекинот на електричната енергија
Супермаркет во Берлин нуди бесплатна електрична енергија и топла вода за погодените од прекинот на електричната енергијаФотографија: Britta Pedersen/dpa/picture alliance

Сојузното обвинителство отвори истрага

За нападот со подметнување пожар во округот Штеглиц-Целендорф одговорност презеде една левичарско-екстремистичка група. Истрагата  сè уште нема резултати во врска со сторителите. Полицијата зборува за многу обемна работа на лице место.

Сојузното обвинителство во Карлсруе во меѓувреме отвори истрага. Од нивна гледна точка постои сомневање за противуставна саботажа, членство во терористичка организација, подметнување пожар и попречување во работењето на јавни установи.

Една од левичарско-екстремистичките „Вулкански групи“, кои од 2011 година наводно повремено извршувале напади со подметнување пожар во јавната инфраструктура во Берлин и Бранденбург, во писмо ја презеде одговорноста за делото.

Германија Берлин 2026 | Прекин на електричната енергија во југозападен Берлин - полицаец го насочува сообраќајот кон расипан семафор
Истрагата  сè уште нема резултати во врска со сторителите, а полицијата зборува за многу обемна работа на лице местоФотографија: Britta Pedersen/dpa/picture alliance

„Вулканските групи“ се повторно во фокусот на безбедносните служби

Во Берлин и Бранденбург, според безбедносните служби, од 2011 година се извршени вкупно дванаесет вакви напади врз јавната инфраструктура, по кои анонимни автори, кои се нарекувале „Вулкански групи“, објавиле писма за преземање одговорност.

Службата за заштита на уставниот поредок смета дека изјавата за преземање одговорност од „Вулканска група – Да им го пресечеме сокот на тие што се на власт“ е автентична и дека се работи за левичарско-екстремистички мотивиран напад.

„Мора да се претпостави дека зад ‘Вулканските групи’ не стои една единствена група,“ соопшти службата. Според неа, веројатно станува збор за повеќе групи кои го користат името „Вулканска група“ по принцип на франшиза. Идеолошки, „Вулканските групи“ ѝ припаѓаат на милитантно-анархистичката струја.

Политиката зборува за тероризам

Берлинската управа за внатрешни работи во неделата (4.01) го оцени писмото за преземање одговорност како автентично. Берлинската сенаторка за внатрешни работи Ирис Шпрангер (СПД), исто како и градоначалникот Вегнер, зборува за „левичарски тероризам“. Сторителите, според неа, свесно и намерно, прифатиле дека може да бидат повредени луѓе.

Генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман, за РТЛ и НТВ изјави: „Ова е терор. Ова е левичарски екстремизам.“