1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлинале 2026 започнува со авганистанска драма

Елизабет Грениер
12 февруари 2026

Берлинале 2026 стартува на 12 февруари со авганистанската драма „Нема добри луѓе“, во година богата со политички теми, премиери и силна меѓународна конкуренција.

https://p.dw.com/p/58cCe
Филмот „Нема добри луѓе“ го отвора 76-то Берлинале, 30 април 2026
Филмот „Нема добри луѓе“ го отвора 76-то БерлиналеФотографија: Virginie Surdej

Меѓународниот филмски фестивал во Берлин – Берлинале – оваа година се одржува од 12 до 22 февруари, а ќе биде отворен со авганистанската драма „Нема добри луѓе“.

Авганистанска драма како силен политички старт

Дејствието на третиот филм на наградуваната режисерка Шахрбану Садат е сместено во периодот непосредно пред талибанската офанзива во 2021 година. Филмот ја раскажува приказната за снимателка во телевизиска редакција која се чувствува разочарано поради недостаток на потенцијални романтични партнери во длабоко патријархалното авганистанско општество.

Триша Татл е домаќин на Берлинале, 20 јануари 2026
Триша Татл е домаќин на Берлинале по втор патФотографија: Liesa Johannssen/REUTERS

Филмот претставува комбинација од политичка драма и романтична комедија – спој кој совршено го отелотворува духот на Берлинале, фестивал на кој традиционално има многу повеќе политика во споредба со Кан и Венеција. Иако сите три фестивали се меѓу омилените во Европа, Берлинале се издвојува со силна општествена ангажираност.

Минатогодишното издание постави апсолутен рекорд со 336.000 продадени билети, што го потврдува статусот на еден од најголемите филмски фестивали во светот.

Директорката на фестивалот, Триша Татл, за ДВ изјави дека Берлин „не се плаши да поддржи многу политички филмови што отвораат тешки теми“. Иако повеќе од 200 филмови се на програмата, жанровите се разновидни – од хорор и романтични комедии до експериментални дела.

Татл додава дека секој филм, на некој начин, е политички, сè додека преку него се согледуваат културни или општествени проблеми. Но фестивалот, исто така, има цел да ја поддржи филмската индустрија во борбата за привлекување публика во кината.

Берлинале во 2025 година
Берлиналето е омилено и од критичарите и од филмските љубителиФотографија: Daniel Seiffert/Berlinale 2025

Премиери и ѕвезди на црвениот тепих

Филмот „Крвавата грофица“, дел од специјалната програма на Берлинале, ќе донесе гламур на црвениот тепих. Во хорор-комедијата главната улога ја толкува Изабел Ипер, која го потврди своето присуство во Берлин. Режисерка е Улрике Отингер, а сценариото е коавторство со нобеловката Елфриде Јелинек.

Џон Туртуро и Стив Бјусеми се дел од филмот на Ное Сеган – „Единствениот жив џепарош во Њујорк“, кој ќе има светска премиера на фестивалот.

Меѓу најочекуваните европски премиери се:

  • трилерот „Тежина“ на Падрик Мекинли, пофален на Санденс, со Итан Хок и Расел Кроу;
  • научно-фантастичната комедија на Гор Вербински „Среќно, забавувај се, не умирај“, со Сем Роквел, Џуно Темпл и Зази Биц;
  • сатиричниот псевдодокументарец „Моментот“, во кој поп-ѕвездата Чарли Екс-Си-Екс глуми пејачка што се обидува да ја продолжи својата слава.

Трка за Златна мечка

За главните награди – Златна и Сребрена мечка, годинава се натпреваруваат 22 филма. Меѓу најкоментираните е „Кастрење на розовата грмушка“ на Карим Ајнуз, со актерска екипа што ја сочинуваат Калум Тарнер, Рајли Кио, Џејми Бел, Ел Фенинг и Памела Андерсон. Татл го опишува филмот како „комплексен трилер за привилегирано семејство чие распаѓање го предизвикуваат мрачни тајни“.

Ејми Адамс, шесткратно номинирана за Оскар, настапува во филмот„Покрај морето“ на Корнел Мундруцо, играјќи поранешна танчерка која започнува нов живот по рехабилитација.

Во „Жозефина“ на Бет де Араухо, награден на Санденс во јануари, Ченинг Тејтум и Џема Чен глумат родители на осумгодишно девојче сведок на сексуален напад.

Француската легенда Жилиет Бинош игра во филмот на Ленс Хамер „Кралица на морето“, кој го истражува влијанието на деменцијата врз семејството.

Ејми Адамс во филмот „Покрај морето“
Ејми Адамс во филмот „Покрај морето“Фотографија: 2026 ATS Production LLC

Меѓународни продукции и силно германско учество

Во конкуренција се филмови од целиот све, а учествуваат копродуценти од 28 држави. Африканската кинематографија е претставена преку копродукции од Гвинеја Бисао, Сенегал, Тунис и Чад.

Германија е силно застапена со три филма во главна продукција и уште два како копродуценти.

Меѓу нив се истакнува историската драма „Роза“ на Маркус Шлајнцер, сместена во 17. век, со Сандра Хилер, која игра мистериозна војничка жена прерушена во маж. Добитничката на две Сребрени мечки, Ангела Шанелек, се враќа со филмот „Мојата сопруга плаче“.

Режисерот Илкер Чатак годинава се натпреварува со „Жолти писма“, посветен на репресијата врз уметничката слобода во Турција.

Конкуренцијата опфаќа и биографски филм за џез пијанистот Бил Еванс, јапонскиот аниме-филм „Нова зора“ и документарецот на Ана Фич снимен во период од десет години.

Сандра Хилер во филмот „Роза“
Сандра Хилер во филмот „Роза“Фотографија: 2026 Schubert, ROW Pictures, Walker+Worm Film, Gerald Kerkletz

Вим Вендерс на чело на жирито

Добитниците на наградите ќе бидат објавени на 21 февруари, а жирито го предводи славниот германски режисер Вим Вендерс.

На отворањето, Мишел Јео ќе ја добие почесната Златна мечка за извонреден придонес во филмската уметност и улоги како во „Клекнат тигар, скриен змеј“ (2000) и „Сè во исто време“ (2022).

Фестивалот доделува и други значајни награди. Признанието „Теди“ оваа година слави 40 години и им се доделува на филмови што обработуваат ЛГБТК+ теми.

Програмата „Перспективи“ обединува 14 долгометражни дебитантски филмови – натпревар воведен минатата година, со цел откривање нови таленти. „Фестивалите имаат клучна улога во развојот на следната генерација филмски автори“, вели Татл, додавајќи дека и оваа година програмата нуди „сјајни таленти и филмови полни срце и креативност“.