ЕУ подарува 40.000 возни карти за млади
8 април 2026
Да се патува низ цела Европа, и тоа бесплатно – Европската комисија повторно подарува железнички билети за млади. Во наредните две недели, младите Европејки и Европејци можат да се пријават за бесплатни Интеррејл (Interrail) билети. Вкупно, Европската комисија подарува повеќе од 40.000 билети во рамки на програмата „Откриј ја ЕУ“ (DiscoverEU).
Околу 7.000 билети за млади од Германија
За апликантите од Германија се резервирани околу 7.000 билети. Овој пат можат да учествуваат сите кои се родени помеѓу 1 јули 2007 и 30 јуни 2008 година. Младите исто така мора да живеат во некоја од земјите на ЕУ или во Исланд, Лихтенштајн, Северна Македонија, Норвешка, Србија или Турција.
Пријавувањето е можно и пред наполнети 18 години, но во моментот на почетокот на периодот за патување во јули, патниците мора да бидат полнолетни. Од денеска напладне (8 април), па сè до 22 април во 12 часот, младите можат да ја поднесат својата пријава онлајн преку Европскиот младински портал – или самостојно или како група од најмногу пет лица.
Притоа мора да решат краток квиз за општо познавање за ЕУ. Потоа следува чекање додека Европската комисија и Европската извршна агенција за образование и култура ги проверуваат пријавите.
Патувањето може да започне на 1 јули
Оние кои ќе бидат меѓу добитниците можат помеѓу 1 јули 2026 и 30 септември 2027 година бесплатно да патуваат со воз низ ЕУ. Учесничките и учесниците можат да бидат на пат до 30 дена, со најмногу седум денови активно патување со воз.
Секоја година има два круга на пријавување. Од почетокот на оваа популарна програма во 2018 година, според податоците на ЕУ, повеќе од 1,9 милиони млади се пријавиле за DiscoverEU, а околу 431.931 добиле билет.