1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бран на жештини: 40 удавени во Франција

ЖА / агенции
23 јуни 2026

Бран на жештини во Франција однесе 40 животи при капење. Властите предупредуваат на опасни води, додека температурите достигнуваат и до 43 степени Целзиусови. И Германија се поти: се очекуваат температури до 41 степен.

https://p.dw.com/p/5Fv2O
Млади луѓе скокаат во канал за да се разладат
Парижани се собраа кај каналот Сен Мартин за да се разладатФотографија: Adil Benayache/SIPA/picture alliance

Бранот на екстремни жештини во Франција од четврток наваму однесе најмалку 40 животи поради давење при капење. Жртвите, според изјавата на премиерот Себастијан Лекорну во вторникот, во најголем дел се млади лица.

Министерката за спорт Марина Ферари предупреди дека луѓето, барајќи разладување, не треба да влегуваат во необезбедени или опасни води, како што се канали и реки.

Во меѓувреме, во југоисточниот град Карпентра, две деца на возраст од две и четири години трагично починаа. Според обвинителството, нивната мајка ги пронашла без свест во автомобил во понеделникот. Итната служба безуспешно се обидела да ги реанимира.

Рекордни температури и црвен аларм

Француската метеоролошка служба за вторникот прогнозираше температури од околу 40 степени Целзиусови во голем дел од земјата, додека во западните региони се очекува тие да достигнат и до 43 степени. 

Топлотен бран во Европа и како да го пребродите

Франција  веќе забележа најжешко попладне и најтопла ноќ од почетокот на мерењата во 1947 година. За 54 департмани властите прогласија  највисоко ниво на предупредување –  црвен аларм, што метеоролозите го оценија како без преседан.

Жештините зафаќаат и други делови од Европа

Слични екстремни временски услови  се чувствуваат и во други делови на Западна и Јужна Европа.

Во  Италија, Министерството за здравство прогласи највисок степен на предупредување за 15 градови. Во Шпанија, метеоролошката служба предупреди за опасни горештини со температури до 44 степени Целзиусови во одредени области.

И во Германија екстремна жештина

Германската метеоролошка служба исто така издаде предупредување за екстремна жештина.

Топлина преку ден и малку ладење ноќе:  Германија  се поти деноноќно за време на сегашниот топлотен бран. А според Германската метеоролошка служба, се очекува да стане уште потопло во текот на наредните ноќи. Сосема е можно ноќните температури во големите метрополи и областите околу нив на запад да не паднат под 24 или 25 степени - „што значи целосно тропски и веројатно рекордни услови кои се во суштина неподносливи без климатизација“, вели Феликс Дич од центарот за временска прогноза. Во среда, се предвидува дека температурите на запад и југозапад - по должината на реките Рајна, Мајна и Мозел - ќе достигнат до 38 степени, додека на исток и на север се очекуваат максимални температури од над 30 степени. „Ситуацијата ќе се интензивира дополнително во четврток и петок“, објаснува Дич. Се очекува температурите да достигнат до 39 степени во четврток, а во петок дополнително да се зголемат: според метеоролошката служба, некои прогнози предвидуваат локални максимални температури од 41 степен, „иако одреден степен на неизвесност останува“.