Бугарија не е Америка. Тука нема масовни пукања секоја седмица, нема сериски убијци. Затоа целата земја се потресе кога на 2 февруари 2026 година беа пронајдени три тела пред изгорената планинарска куќа „Петрохан“, а една седмица подоцна, уште три тела во камп-приколка кај врвот Околчица. Шесткратно убиство? Самоубиство? Секта? Мафија?
Никој не знае. Но сите имаат мислење. Мислење кое ги одразува стравовите во кои не сакаме да се огледаме.
И десет дена подоцна сликата останува нејасна. Имаме верзии, сугестии, видеоснимки со нејасен контекст и океан од шпекулации. Но немаме одговори. „Петрохан“ не е само криминален случај. Тој е огледало во кое јасно гледаме што не функционира во државата и општеството. И не, не се работи само за тоа дали ќе биде откриено кој го повлекол чкрапалото. Се работи за нешто многу пострашно: кризата на довербата што нè обзема почнува да чини многу повеќе од шест животи.
Самоуништените институции
Да бидеме искрени: недовербата во институциите не е од вчера или денес. И не започна со „Петрохан“. Но токму овој случај ја направи особено видлива. Болно видлива.
Првата седмица по трагедијата беше молк. Министерството за внатрешни работи молчеше. Обвинителството молчеше. В.д. главниот обвинител кажа една реплика која предизвика скандал, и исчезна. Медиумите експлодираа, општеството беше вознемирено, конспирациите се размножуваа. А институциите молчеа. Или попрецизно: зборуваа, но ништо не кажуваа.
В.д. главниот обвинител Борислав Сарафов, човек со истечен мандат кој продолжува да ја извршува функцијата спротивно на законот, излезе и рече дека случајот бил „повпечатлив од Твин Пикс“. Звучи атрактивно. Мистично. Медиумски. Но несоодветно. Што дознавме од тоа? Ништо. Освен дека главниот обвинител звучи како да најавува нова серија.
Директорот на ДАНС, Денјо Денев, излезе со навестувања за „педофилија“, „паравоени структури“ и „отклон од општо прифатените верски убедувања“. Проблемот е што докази нема. А кога институција чија работа е да обезбеди докази само навестува без да ги приложи, таа се подрива самата.
Потоа стана јасно нешто уште поапсурдно: Обвинителството ја истражувало планинарската куќа „Петрохан“ и здружението на ренџерите речиси една година. Истражувањето започнало во февруари 2025 година по пријава за напад врз малолетно момче. А што се случува? Во декември 2025, само еден месец пред убиствата, случајот е затворен. Зошто? Затоа што родителите одбиле соработка.
Еден месец подоцна- шест мртви. Да повториме: Обвинителството знае за пријава. Истражува речиси година. Го затвора случајот. Еден месец потоа - трагедијата. И никој не прашува: „Не требаше ли да се направи нешто?“ Наместо тоа, на удар се донаторите на здружението, кои објективно не можеле да знаат што се случувало внатре и кои биле неговите основачи.
Но да се вратиме на суштината: довербата во институциите не исчезнува поради конспирации. Исчезнува поради самите институции. Кога главниот обвинител зборува како таблоид, кога истрага се затвора без образложена одлука, кога официјални лица говорот го темелат на претпоставки наместо на факти, кога на брифинг една седмица по трагедијата истражителите велат „работиме на верзии“ и пуштаат видеа што отвораат повеќе прашања отколку одговори - тоа се резултатите.
Луѓето не се наивни. Тие гледаат. И кога гледаат дека институциите или не можат или не сакаат да ја кажат вистината - едноставно престануваат да им веруваат. Засекогаш. И се насочуваат кон „алтернативни вистини“ и „алтернативни извори на информации“. Тоа е универзалната формула за разградување на едно општество.
Информациски анархизам
Кога нема доверлив извор на вистина, секој станува експерт. Десет дена по „Петрохан“, интернетот е преплавен со теории. Десетици теории: дрвена мафија, педофилска мрежа, тибетска секта, политичко порачано убиство, ритуално самоубиство, балканска верзија на Џонстаун, агенти на тајните служби, миграциски канали, нарко-шверц, сè што може да се измисли, стана верзија.
Политичарите, секако, не го пропуштија моментот. ПП‑ДБ побараа ДАНС да ги декласифицира податоците за невладината организација. Слави Трифонов ги обвини медиумите за двоен стандард. „Преродба“ имаше свои теории. Секој зеде дел од трагедијата и го претвори во политички капитал.
А социјалните мрежи станаа судница без судија. Секој со телефон стана криминален психолог, експерт за секти, балистичар, пророк на совремието. Луѓе кои никогаш не биле во Петрохан „објаснуваа“ што точно се случило таму. Луѓе кои не ги познавале жртвите изрекуваа конечни пресуди.
И тука е проблемот: секој имаше теза, а сите располагавме само со фрагмент од вистината. Огромната празнина беше пополнета со лични стравови. Тоа не е дебата, туку озборување маскирано како „потрага по вистината“. Информацискиот вакуум создаден од институциите беше исполнет со фантазии. А фантазијата, водена од најниските човечки емоции, не води кон ништо добро.
Кога нема мерило за вистина, кога не веруваме во органите што треба да ни кажат „ова е точно, ова не е“, следува анархија на интерпретации. Секој станува вистина за себе. Општеството се дели на племиња со различни верзии на реалноста. Удобно, за оние што ја носат одговорноста за тоа што сме тука.
Големото прашање: Што следува?
„Петрохан“ е стрес-тест за државноста. И според сè — резултатот е слаб „2“. Затоа што ова не е изолиран случај. Ова е систем во колапс: институции без легитимитет, општество без ориентација, граница меѓу факт и шпекулација што исчезнала.
И утре може да се повтори. Не со планинарска куќа, туку со банка. Го паметиме ли случајот КТБ? Утре може да е природна непогода, терористички акт, пандемија, изборна измама, примери има многу. Како ќе реагираме ако не им веруваме на институциите што треба да нè координираат?
Кога нема доверба, секоја криза станува информациски и општествен хаос. Недовербата е најголемата криза на државноста. Поголема од корупцијата. Поголема од сиромаштијата. Зашто кога луѓето не веруваат во ништо официјално, веруваат во сè неофицијално. Тоа е рецепт за катастрофа со огромен обем.
Да се погледнеме внимателно во случајот „Петрохан“. Во него гледаме нефункционални институции. Општество што не верува. Медиуми што го хранат хаосот. И себеси — поделени, збунети, гневни. Повторно. Како по сценарио за нова серија.
Прашањето е:
Дали имаме храброст да се огледаме наоколу?
Или ќе ги затвориме очите и ќе ја чекаме следната трагедија, за повторно да реагираме исто, сè додека не престанеме да веруваме и во сопствениот разум?
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.