1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чиј претседател е Румен Радев? На Бугарија не е

Vesselin Stoynev
Веселин Стојнев
12 јули 2023

Чиј претседател е Румен Радев? Не е на Бугарија, затоа што работи против бугарскиот национален интерес. Тој е шеф на државата на Бугарија исто како што беше маршалот Петен на Вишиевска Франција. Пишува Веселин Стојнев.

https://p.dw.com/p/4Tir8
Румен Радев и Володимир Зеленски
Румен Радев и Володимир Зеленски во СофијаФотографија: UKRAINIAN PRESIDENTIAL PRESS/REUTERS

Чиј претседател е Румен Радев? Не е на Бугарија, затоа што работи против бугарскиот национален интерес. Тој е шеф на бугарската држава исто како што беше маршалот Петен на Вишиевска Франција.

Со други зборови, но токму на тоа – директно, но учтиво, минатата недела го предупреди претседателот на Украина, Володимир Зеленски. На таа катастрофална средба за бугарскиот претседател, на која стана предмет за потсмев и на светските медиуми, Зеленски му рече дека ако Бугарија се најде во ситуацијата на Украина, и тој би ја бранел својата земја како него. Тој само пропушти да ја спомене другата опција - дека би ја предал како Петен за да стане Хитлеров вазал на 40% од територијата на неговата земја, дотолку повеќе што маршалот исповедаше блиска идеологија со идеологијата на Фирерот. 

Што не му кажал Зеленски на Радев  

Не му ги кажа ни најелементарните работи што овде не ги прашуваат останатите „мирољубци“. Господине Радев, бидејќи сте за мир, кој изгледа паѓа како дожд од небото, а сте против „ескалација на конфликтот“ со обезбедување оружје на земјата-жртва, зошто ниту еднаш не го повикавте колегата Путин да не испраќа нови војници и оружје во Украина? Зошто барем не го повикавте да престане да увезува дронови од Иран и да бомбардира станбени блокови во украинските градови? Зеленски само му рекол дека ако Русите ја кренат во воздух нуклеарната централа Запорожје, ќе настрада цела Европа, без да ја спомене Бугарија од почит кон стравовите на земјата домаќин. 

Господинот бугарски врховен командант не разбира или се прави дека не разбира, дека ние и сега сме во воена состојба со денешниот фашистички режим во Кремљ, како дел од НАТО - без оглед што даваме или не и даваме на земјата-жртва. Од Радев и другите самопрогласени русофили не слушнавме ниту еден збор за загриженост за бескрајната „кристална ноќ“ против малкумината неистомисленици во Русија кои се осмелија да го наречат она што се случува надвор од официјалната терминологија „специјална воена операција“. 

Бугарија и Втората светска војна 

Господинот претседател ја заборави и нашата најнова воена историја од Втората светска војна, кога, како сојузници на Хитлер, сосема симболично се боревме против САД и Велика Британија. И дека на крајот, откако отидовме на нивна страна, тие не не признаа како сојузници, бидејќи и онака веќе бевме дел од Советската империја. Дали господинот претседател очекува некоја друга награда за нашата земја денес за профашистичката сервилност? Или претпочита наместо Путин да не освојува однадвор, да не освојува од внатре, почнувајќи од „Дондуков 2“ (бугарската претседателска резиденција, н.з.)? 

Филип Петен Херман Геринг
Францускиот маршал Филип Петен со нацистичкиот лидер Херман Геринг во Варшава, мај 1935 година.Фотографија: Getty Images/AFP

Да не се лажеме дека членот 5 од договорот за НАТО, според кој нападот врз една земја-членка на Сојузот е напад врз сите, нè штити автоматски, додека ние кротко си ги полеваме доматите. Во 1939 година, Англија и Франција и објавија војна на Германија откако Хитлер ја нападна Полска, но практично не направија ништо за да и помогнат. И сега сојузниците на НАТО можат да објават солидарна војна против Русија за поддршка на евентуално нападната Бугарија, но не се обврзани да ни испратат војници, може и само муниција, шлемови и лекови, доколку самите не сакаме да се браниме, туку ќе упатуваат дипломатски апели за „деескалација“. Затоа што ние од претходно сме капитулирале- со нашиот генерал Петен. 

Што направи Радев по средбата со Зеленски 

Во својата немоќ и со својата опсесија да не остане „должник“ по нокаутот од Зеленски, Румен Радев најпрво ја пушти својата заменичка Јотова да сее сомнеж што точно му ветивме на Зеленски, а потоа и самиот ја обвини владата и партиите зад неа, за заштита на интересите на странски држави. Тој дури и се навреди од неприкладниот протокол, алудирајќи дека посетата на украинскиот претседател не била однапред договорена со него. 

Радев очигледно не знае дека единствена странска држава во овој случај е Русија, која одамна не прогласи за непријателска земја и дека ако тоа зависеше од него, Зеленски никогаш немаше да дојде во Бугарија. Згора на тоа, бугарскиот претседател ги доведе во заблуда присутните дека не ја потпишал декларацијата на земјите од Централна и Источна Европа од 2 октомври минатата година за поддршка на членството на Украина во НАТО, имплицирајќи дека таа е за „итна поддршка за членство“ дури и пред крајот на војната. Никој никогаш не сакал такво членство, бидејќи тоа значи директна војна на целата Алијанса со Русија, туку било само патоказ за членство, како што се одлучува сега и во Вилнус. Капак на сѐ, Радев дури се сврте и против нашето полноправно членство во ЕУ, плукајќи по сопствениот став од ноември кога изјави дека референдум за еврото не може да има затоа што е неуставен, а сега бара тој сепак да се одржи. 

Велат дека секој војник носи генералски жезол во ранецот. Но, и секој генерал на крајот може да испадне кукавички и ограничен токмак. Маршалот Петен беше херој од Првата светска војна, генералот Радев исто така беше првокласен војник. Маршал Петен потона во срам на крајот на Втората светска војна и беше осуден на доживотна затворска казна. Дали по завршувањето на војната во Украина повторно треба да бидеме на погрешната страна на историјата, само затоа што нашиот врховен командант се покажа како слуга?  

+++

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Vesselin Stoynev
Веселин Стојнев Веселин Стојнев е аналитичар и колумнист на бугарската редакција на Дојче веле од 2020 година
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема