1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТрговијаГлобално

Ја менува ли војната во Иран трговијата повеќе од Ковид?

23 април 2026

Војната со Иран тлее, а експертите за трговија дискутираат дали конфликтот ќе влијае врз синџирите на снабдување повеќе од пандемијата. Компаниите ги преиспитуваат своите стратегии за потенцијални геополитички ризици.

https://p.dw.com/p/5CgTo
Претовар на контејнерски брод во пристаништето Квианван, Кина
Целосните ефекти од војната со Иран врз глобалната трговија сè уште не се целосно почувствувани, велат експертитеФотографија: Imaginechina/Sipa USA/picture alliance

Затворањето на Ормускиот Tеснец од страна на Иран доведе до споредби во прекините на снабдувањето предизвикани од пандемијата  КОВИД-19  и  новиот царински режим на американскиот претседател  Доналд Трамп. Пандемијата фрли светло на големата зависност на светот од Кина за производство од електроника, па до медицинска опрема, додека царините на Трамп, кои ги воведе минатата година, ги забрзаа напорите за намалување на таквата зависност.  Војната во Иран покажа една слабост, имено колку брзо нарушување на снабдување со критичните суровини како нафта, гас и ѓубрива, може да се одрази на глобалната трговија. Меѓународната агенција за енергетика отпаѓањето на околу 10% од светските испораки на нафта и една петтина на течен природен гас, минатиот месец го опиша како најголемо во историјата на глобалниот пазар на енергенси.

Побарувачка, а потоа шок

Додека пандемијата предизвика широк шок во однос на побарувачката, а царините на  Доналд Трамп предизвикаа трајна промена во однос на синџирите на снабдување, војната со Иран нанесе акутен удар во однос на понудата на енергенси и стоки. Шоковите можеби се разликуваат по нивната природа, но нивното влијание врз компаниите е слично, вели Себастијан Јансен, партнер во „Оливер Виман“, консултантска фирма за глобален менаџмент со седиште во Њујорк. „Ковид откри прекумерна зависност на производствените центри, додека Ормускиот Tеснец откри прекумерна зависност од транспортниот коридор и од експортот на енергенси“, вели аналитичарот за ДВ. За време на пандемијата, фабрики беа затворени, бродови вкотвени во големи пристаништа, а системите „точно на време“ со кои се одржуваат мали количини залихи и кои се потпираат на тоа деловите што се потребни, да се набавуваат токму кога е потребно, беа изместени. Сепак, цените на енергијата останаа релативно стабилни. Овој пат, трговијата која не засега енергенси, подобро се држи. Експертот за синџири на снабдување, Лиза Андерсон, претседател на ЛМА Консалтинг  групацијата, смета дека  последователните кризи  го сменија начинот на кој многу компании сега го адресираат ризикот. „Ковид ги доведе компаниите до точка на која сфатија дека не може да сметаат на снабдување токму во моментот кога им е потребно“, вели Андерсон за ДВ. „Војната во Иран покажува дека тоа не бил настан што не може да се повтори“, вели таа.

Блокадите во Ормускиот Теснец не се на пикот

Порастот на цените на нафтата, гасот и ѓубривата веќе ги принуди владите да ги ревидираат своите прогнози за инфлацијата, бидејќи ризикот од поголеми прекини во трговијата со стоки сè уште демне. Во текот на изминатиот месец, транспортните компании повторно беа принудени ненадејно да ги пренасочуваат карго бродовите, како во 2023/24 година кога Хутите од Јемен напаѓаа бродови околу Црвеното Море. Танкерите и бродови што пренесуваат гас, кои своевремено минуваа низ теснецот, сега пловат по долга обиколница околу ’Ртот Добра Надеж во Јужна Африка, што  резултира во илјадници дополнителни наутички милји и до две недели плус. Премиите за осигурување од воен ризик за бродовите на Блискиот Исток се зголемија со неколку милиони долари плус на секој транзит. Овие трошоци веќе се одразуваат во повисоки цени на енергијата, хемикалиите и засегнатите стоки.

Тоталниот удар уште не се случил

Дополнителните трошоци се сепак само дел од предизвикот. Отпорноста на синџирите на снабдување е особено тешко да се постигне бидејќи нарушувањето сѐ уште не се одразило во полна мера, вели Јансен. „[Влијанието од оваа] оскудност сè уште се шири низ повеќеслојните синџири на снабдување на компаниите... [и] ќе бидат потребни месеци за тоталниот ефект да излезе на површина и синџирите на снабдување да се стабилизираат откако мореузот ќе биде повторно отворен“, истакнува тој. 

Контејнерски терминал во пристаништето во Бремен, Германија
Отпорноста на синџирите на снабдување е особено тешко да се постигне Фотографија: Hauke-Christian Dittrich/picture alliance

Широко распространета е таквата загриженост кај речиси две третини од фирмите кои стравуваат од натамошни нарушувања на синџирот на снабдување и повисоки цени на енергенсите и стоките поради војната, покажува анкета спроведена во шест илјади компании во 13 земји. Истражувањето објавено на 8 април од  страна на „Алијанц Трејд“, одделот за истражувања на трговијата на германската група „Алијанц“, забележува планови за забрзување на праксата производството и добавувачите да се поместат поблиску до седиштето, или во постабилни соседни земји. Ова поместување е особено нагласено во Европа. „Еден начин да се избегне голем застој е да се приближи производството поблиску до клиентите“, вели Андерсон за ДВ.

Геополитичкиот ризик сега се смета за стратешки

Надвор од ситуацијата со Ормускиот Теснец, некои промени во глобалните трговски шаблони сега може да станат трајни. Анкетата покажува дека геополитичкиот ризик, вклучително војни и царини, стана главна грижа за две третини од фирмите, што е нагло зголемување од 2025 година. Компании кои во голема мера зависеа од Кина, сè повеќе го усвојуваат пристапот +1 или +2 во трговијата, додавајќи барем една дополнителна земја во нивниот синџир на снабдување, за да го намалат ризикот. Индија, Индонезија, Виетнам и Малезија имаат најголема корист од ова, додека истражувањата покажуваат и зголемен интерес за Европа како дестинација за производство. Шаблонот „точно на време“ сè повеќе отстапува место на пристапот „за секој случај“. Фабриките повторно ги зголемуваат залихите, со највисоко ниво во последните три години, произлегува од Индексот на гигантот за софтвери ГЕП од март 2026 година. Ова го отсликува шаблонот што се покажа за време на пандемијата и царините на Трамп, кога компаниите исто така бараа начини да се заштитат од неизвесноста и потенцијалните недостатоци. Додека компаниите се подготвуваат за иднина со дополнителни геополитички шокови - од тензии околу Тајван до нестабилност на Корејскиот полуостров - многумина се чини заклучиле дека вистинската отпорност бара флексибилност и посилни стратешки партнерства долж синџирот на снабдување. Џон Сфакианакис, раководител за економски истражувања при Заливскиот истражувачки центар во Саудиска Арабија, во неодамнешна статија предупредува дека ранливоста денес е помалку поврзана со зависноста, а повеќе со „отпорноста низ меѓусебно поврзаните системи“ како енергетиката, финансиите, логистиката и политичката кохезија. Сфакианакис пишува дека војната во Иран „не е толку регионален конфликт колку што е стрес-тест за функционирањето на меѓународниот систем под притисок“.