Данска и Гренланд на средба со САД по заканите на Трамп
13 јануари 2026
Министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд во среда (14.01) ќе се сретнат со потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс и министерот за надворешни работи Марко Рубио, потврди шефот на данската дипломатија Ларс Локе Расмусен.
Најавата доаѓа во услови на засилени притисоци од американскиот претседател Доналд Трамп за контрола врз арктичкиот остров.
Данскиот министер за надворешни работи Расмусен и неговата гренландска колешка Вивиан Моцфелт побарале средба со Рубио откако Трамп повторно ги засили заканите за преземање на Гренланд, автономна територија во рамките на Кралството Данска.
Средбата ќе се одржи во Белата куќа со Венс и Рубио
„Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс исто така сакаше да учествува на средбата и тој ќе биде домаќин, па затоа средбата ќе се одржи во Белата куќа“, изјави Расмусен денеска (13.01) пред новинарите во Копенхаген.
„Нашата цел беше да ја префрлиме целата оваа дискусија во просторија каде што можеме да се гледаме в очи и да разговараме за овие прашања“, додаде тој.
Гренланд постепено се движи кон независност
Трамп првпат ја изнесе идејата за американско преземање на Гренланд во 2019 година, за време на неговиот прв мандат, иако се соочува со отпор во Вашингтон, вклучително и од сопствената партија.
Иако Данска владее со Гренланд со векови, територијата постепено се движи кон независност од 1979 година, цел која ја поддржуваат сите политички партии избрани во парламентот на островот.