1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

САД се одлучија за дијалог со Иран и покрај ескалацијата

ЕМФ / дпа
29 јуни 2026

Последните напади меѓу САД и Иран ги поттикнуваат стравувањата од повторно разгорување на војната. Но, според американски извори, двете страни сепак сакаат да продолжат да разговараат.

https://p.dw.com/p/5GDhk
Иран Бандар Абас 2026 | Бродови во Ормускиот теснец по договорот меѓу САД и Иран
Бродови во Ормускиот теснец по постигнувањето договор меѓу САД и ИранФотографија: Amirhosein Khorgooi/ISNA/WANA/REUTERS

САД и Иран, според американски информации, сакаат привремено да ги запрат меѓусебните напади во спорот околу Ормускиот теснец и да продолжат со преговорите. „Двете страни засега ќе се воздржат од понатамошни мерки“, дознава новинската агенција ДПА од информирани кругови во Вашингтон. Бродовите би можеле слободно да сообраќаат, додека техничките разговори за спроведување на рамковниот договор треба да продолжат. Тие се планирани за наредните денови, вели висок функционер за ДПА. Каналите за избегнување на конфликт, како што се додава, се воспоставени и функционални.

Според информации на американскиот портал „Аксиос“, двете страни сакаат овој вторник (30.06) да се сретнат во главниот град на Катар, Доха, за да го решат спорот околу Ормускиот теснец. Засега нема официјална потврда за тоа. Американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио неодамна најави технички разговори за овој понеделник или вторник, кои требало повторно да се одржат во Швајцарија. Се очекуваше да се разговара за нуклеарната програма на Иран. Но, поради најновата ескалација, разговорите биле преместени и фокусот ставен на Ормускиот теснец, јави „Аксиос“.

Продолжува спорот околу Ормускиот теснец

Во изминатите денови повторно имаше напади на американската војска во Иран по нападите врз бродови во теснецот, за кои Вашингтон го обвини Техеран. Иранската револуционерна гарда, пак, нападна цели во заливските држави Кувајт и Бахреин, кои се сојузници на САД. Причина беа различните толкувања на рамковниот договор потпишан пред околу две недели за завршување на војната – особено во однос на одредбите за Ормускиот теснец, важен за светската трговија.

Иран бара контролата врз бродскиот сообраќај да му припадне нему. „Ормускиот теснец во наредните 30 дена повторно целосно ќе биде ставен под управување на Иран“, изјави во неделата (28.06) во главниот град на Ирак, Багдад, министерот за надворешни работи Абас Арагчи. Одговорноста за теснецот, рече тој, лежи единствено кај Иран. Теснецот, кој е важен за светската трговија со нафта и ѓубрива, за Исламската Република се покажа како моќен адут во војната.