1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дронови на аеродромот во Минхен

Тагесшау | ЕМФ
3 октомври 2025

Откако според полициски наводи неколку лица виделе дронови над аеродромот во Минхен, воздушниот сообраќај беше прекинат, а бројни летови откажани.

https://p.dw.com/p/51RNO
Полиција и пожарникари распоредени на аеродромот во Минхен по забележани дронови и откажани летови
Полицијата изврши контрола на областа и бараше летачки објекти и осомничени лица, но без успехФотографија: Jason Tschepljakow/dpa/picture alliance

Летовите на аеродромот во Минхен вчеравечер (2.10) беа прекинати поради забележани беспилотни летала. Според информации од аеродромот, откажани биле 17 летови, што влијаело на речиси 3.000 патници. Покрај тоа, 15 пристигнати летови морале да бидат пренасочени кон Штутгарт, Нирнберг, Виена и Франкфурт.

Голем број од заглавените патници мораа да ја поминат ноќта на аеродромот. Полицијата и противпожарната служба на аеродромот за оваа намена поставија десетици камп-кревети во терминалот. Во меѓувреме сообраќајот се одвива повторно нормално.

Луѓе на камп-кревети на аеродромот во Минхен по затворањето на аеродромот поради информации за видени дронови
Голем број од заглавените патници мораа да ја поминат ноќта на аеродромотФотографија: Jason Tschepljakow/dpa/picture alliance

Дронови над аеродромот и околината

Неколку лица пријавиле дека виделе дрон во близина на аеродромот, објави сојузната полиција во текот на ноќта. Подоцна, имало пријави дека дронови се видени и над аеродромот. Дали станува збор за еден или повеќе дронови, засега е нејасно.

Полициски службеници извршија контрола на областа и бараа летачки објекти и осомничени лица, но без успех. Во потрагата учествуваше и полициски хеликоптер.

Минхенскиот аеродром има забрана за ноќни летови за редовен патнички сообраќај помеѓу полноќ и 5:00 часот наутро. Според операторот, во овој период се дозволени само летови за ноќна воздушна пошта и летови од страна на Германската контрола на воздушниот сообраќај.

Во последно време дронови беа видени на повеќе европски аеродроми.