1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Германија: Околу пет милиони луѓе пушат канабис

АРД
1 април 2026

Од пред две години на возрасни лица во Германија им е дозволено да поседуваат и консумираат мали количини канабис. Дебатата за делумната легализација продолжува, објавени се нови бројки и речиси нема никакви промени

https://p.dw.com/p/5BUj1
Човек пуши канабис
Германија: Околу пет милиони луѓе пушат повремено канабис Фотографија: Bihlmayerfotografie/IMAGO

Политиката за забрана на канабис во Германија е неуспех! Барем таква беше проценката на тогашниот сојузен министер за здравство, Карл Лаутербах од СПД пред нешто повеќе од две години. „Што и да решиме, вака не може понатаму“, изјави своевремено тој. Повеќе консументи, контаминиран и од таму особено опасен канабис, преоптоварена полиција и судови. Недоволна заштита на младите. Тоа беше ставот на владејачките коалициски Социјалдемократи, Зелени и Либерали во однос на прашањето. „Создаваме опција, алтернатива на загрижувачкиот, криминален црн пазар“, аргументираше Лаутербах. Па така од први април 2024 година, важи дека на возрасни лица им е  дозволено да поседуваат 25 грама канабис надвор  и 50 грама во домашни услови - како и одгледување до три растенија канабис.

Во консумирањето речиси и да нема промени

Какво влијание треба сето ова да има? Во законот се превидува научно истражување на ефектите. По првичниот извештај од есента 2025 година, сега е достапен втор извештај и од него произлегува дека во однос на консумирањето речиси ништо и да не е сменето, а претходните трендови од ерата пред легализацијата си продолжуваат. „Забележуваме постојан пад на процентот на консументи меѓу младите луѓе“, вели Даниел Коц, професор по истражување на зависности на Универзитетот во Диселдорф. Од 2019 година, овој тренд е во опаѓање. Кај возрасните пак, бројот на корисници на канабис се зголемува од година во година „и таквиот мал пораст продолжува“.

Пет милиони луѓе повремено пушат канабис

Според проценките, околу пет милиони луѓе во  Германија пушат канабис барем повремено. Во актуелниот извештај истражувачкиот тим за последиците од законот за канабис го испитува и црниот пазар. „Врз основа на сите наши истражувања и податоци претпоставуваме дека продажбата на црниот пазар е намалена“, вели Јерг Кинциг, професор по криминологија на Универзитетот во Тибинген. Клучна причина е дека  сѐ повеќе луѓе купуваат канабис,  официјално предвиден за медицински цели, со лесно достапни приватни рецепти. Но, тоа што многу рекреативни консументи сега лесно си ја набавуваат својата марихуана преку онлајн аптеки, никогаш всушност не беше идејата на законодавецот. Сојузната министерка за здравство Нина Варкен минатиот октомври најави дека ќе преземе контрамерки и дека „ќе ги забраниме онлајн рецептите без претходна лична консултација со лекар“.

„Олабавете ги условите“

Нацрт законот моментално е во собраниска процедура во Берлин. Доколку пристапот до медицински канабис во иднина подлежи на построги контроли, повеќе луѓе би можеле да се вратат на црниот пазар. 

Растение канабис
Криминологот Кинциг смета дека политиката треба да размисли за „олабавување на многу рестриктивните услови за здруженијата на одгледувачи, така што канабисот ќе може легално да се набавува“Фотографија: Offenberg/Zoonar/picture alliance

Законски, марихуана е достапна само ако приватно си ја одгледуваш, или од здруженија на одгледувачи – а, во моментов има само неколку кои може да обезбедат само мал дел од потребните количини за консументите. Затоа, криминологот Кинциг смета дека политиката треба да размисли за „олабавување на овие многу рестриктивни услови за здруженијата на одгледувачи, така што канабисот ќе може легално да се набавува“. Сепак, малку е веројатно дека сојузната влада ќе ги следи таквите препораки. Сојузниот министер за внатрешни работи Александар Добринт од  ЦСУ уште пред неколку месеци јасно стави до знаење дека „задачата на политиката не е да промовира, туку да спречува“. Законот за канабис пак според него го постигнува спротивното. „Вистинско 'срање' од закон, ако мене ме прашувате“, рече тој.

Масовно зголемување на количините запленет канабис

Аргумент на кој критичарите на делумната легализација на канабисот би можеле да се повикуваат е дека во 2025 година органите за спроведување на законот и редот во Германија запленија рекордна количина канабис. Како ова се совпаѓа со тврдењето дека црниот пазар губи на значење? Во извештајот се наведува дека и во други европски земји неодамна е забележано „масовно зголемување на количината на запленет канабис“. Во тој контекст значително влијание од делумната легализација во Германија за таквиот развој, се чини малку веројатно. Голем дел од канабисот потекнува од Северна Америка и Тајланд. Авторите на извештајот се сомневаат дека по либерализацијата на локалните регулативи за канабис „криминалните групи од Северна Америка и Југоисточна Азија се обидуваат да ги надоместат своите финансиски загуби на европскиот пазар или барем да го дистрибуираат (легално) прекумерно произведениот канабис на потрошувачите во други земји“.

Законот за канабис ќе биде преиспитан „без предрасуди“

Унијата не беше во можност да се наметне во коалициските преговори со барањето за укинување на законот. Со  СПД  е договорено дека законот ќе биде преиспитан „без предрасуди“. Истражувачкиот проект продолжува. Конечниот извештај се очекува во 2028 година.

Автор: Филип Екштајн, АРД