1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаОбединети Арапски Емирати

Емиратите ја напуштаат ОПЕК: Шлаканица за арапските соседи

АРД
29 април 2026

Излегувањето на Обединетите Арапски Емирати од ОПЕК, според експертите, создава нови проблеми во Персискиот Залив. За Саудиска Арабија овој чекор претставува тежок удар – додека за претседателот Трамп, напротив, е успех.

https://p.dw.com/p/5Cz1Y
Логото на Организацијата на земји извознички на нафта ОПЕК на зграда во Виена, Австрија
Потегот на Емиратите е удар за групите извозници на нафта ОПЕК и ОПЕК+ и нивниот де факто лидер, Саудиска АрабијаФотографија: Barbara Gindl/dpa/picture alliance

Веста од Персискиот Залив одекна како гром: Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) веќе на 1 мај ги напуштаат организациите на земји извознички на нафта ОПЕК и ОПЕК+. И тоа во време кога светот, поради војната на САД и на Израел против Иран, е среде тешка енергетска криза, а светската економија е разнишана.

Според соопштението за печатот на државната новинска агенција ВAM, одлуката била темелно разгледана од страна на властите во Емиратите, при што особено биле земени предвид постојаните „нарушувања во Персискиот Залив и Ормускиот Теснец“. Во соопштението понатаму се наведува: „Оваа одлука ја одразува долгорочната стратешка и економска визија на ОАЕ и промената во енергетскиот профил на земјата“.

Удар за Саудиска Арабија

Набљудувачите ја опишуваат одлуката на Емиратите како тежок удар за ОПЕК, а особено за фактичкиот лидер на групата извозници на нафта, Саудиска Арабија. 

„Тоа е првенствено политичка порака, а не економска“, вели Марк Ајуб, експерт за енергија од Институтот Тахрир. „Тоа покажува дека Емиратите не се задоволни од водството на ОПЕК. Тоа е порака до Саудиска Арабија и показател за состојбата на односите меѓу Саудиска Арабија и Емиратите, без разлика дали на политичко или на економско ниво кога станува збор за енергетски прашања.“ 

Нарушување на равенката

Меѓу двете важни земји од Персискиот Залив, долго време постојат несогласувања околу ставот кон Иран и однесувањето во други регионални конфликти, на пример во Јемен и во Судан. Излегувањето на долгогодишен член како што се Обединетите Арапски Емирати од групата земји извознички на нафта може да предизвика тензии и дополнително да ја ослабне групата.

„Тоа ја нарушува равенката“, вели Нехад Исмаил, аналитичар за енергија во катарската телевизија Ал Араби. „Ова создава ново ниво на проблеми поврзани со Ормускиот Теснец, нафтата во Персискиот Залив и ситуацијата во Иран. Ненадејниот излез од ОПЕК во ова критично време - во време кое, со оглед на опасната геополитичка ситуација во регионот, изгледа несоодветно.“

Долгорочни последици за пазарот на нафта

Емиратите се дел од ОПЕК од 1967 година - дури четири години пред сопственото основање како држава. Заедно со Саудиска Арабија и Кувајт, тие во последно време се сметаат за најважни актери меѓу дванаесетте членки. 

Според Ајуб, последиците од излегувањето  ќе се почувствуваат дури на долг рок. „На краток рок, тоа нема голем ефект врз пазарите бидејќи Ормускиот Теснец е затворен. Но, во иднина, кога извозот ќе се нормализира, ОАЕ би можеле да пласираат повеќе барели на пазарот без никакви ограничувања.“

Успех за Трамп?

Ова би можело да ги направи САД среќни: напуштањето на ОПЕК се смета за успех за американскиот претседател Доналд Трамп, кој повеќепати ја критикуваше организацијата и ја обвинуваше дека „ја дере кожата“ на светот со вештачко зголемување на цените на нафтата. Трамп ја поврза воената поддршкана земјите од Персискиот Залив со цените на нафтата и тврдеше дека САД се искористувани.

Сведоштво на бродски капетан заглавен кај Ормускиот Теснец

Емиратите се сметаат за блиски сојузници на САД и се потписнички на Аврамските договори, со кои ги нормализираа односите со Израел.

ОАЕ се жали на недоволна поддршка од соседите

Во последните недели, поради тоа, Емиратите станаа цел на Иран: по избувнувањето на војната на САД и на Израел против Техеран, Дубаи и Абу Даби беа изложени на масовни напади со ирански дронови и ракети, со разорни економски последици за ОАЕ, кои се сметаат за економски и туристички центар на Персискиот Залив.

Се чини дека Емиратите во оваа криза се чувствуваат недоволно поддржани од соседните земји. Дипломатскиот советник на претседателот на ОАЕ, Анвар Гаргаш, на почетокот на неделата отворено критикуваше дека земјите од Советот за соработка на Заливот меѓусебно се помагале само логистички, но не и пошироко. „Во 2000 година потпишавме заеднички одбранбен договор“, изјави Гаргаш. „А сега мораме да констатираме дека однесувањето на државите од Советот за соработка на Заливот – иако е точно дека земјите си пружаат логистичка поддршка – од политичка и воена гледна точка историски било најслабо.“

Со излегувањето од ОПЕК, Емиратите веројатно дополнително покажуваат дека се насочуваат кон американскиот претседател Трамп – и тоа во негов стил: без обѕир кон долгогодишните сојузници и мултилатералните организации, сопствените интереси ги ставаатт на прво место. Можеби и затоа што од САД очекуваат поголема заштита. А тоа е тежок удар за нивниот непосреден сосед, инаку во Персискиот Залив исклучително моќната Саудиска Арабија.

Авторка на текстот: Ана Озиус, АРД