1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕвропа

ЕУ и Германија остро реагираат на руските закани за Киев

ЖА / дпа
27 мај 2026

ЕУ и Германија повикаа руски претставници по заканите за нов напад врз Киев, додека Москва најавува ескалација и можно користење на поопасни средства.

https://p.dw.com/p/5ENR9
Спасувачки екипи работат на станбена зграда погодена од руска ракета во Киев, Украина
По еден од најтешките напади врз Киев изминатиот викенд, во кој беа употребени ракети и дронови, Москва најави нови нападиФотографија: Evgeniy Maloletka/AP Photo/picture alliance

По заканите од Москва за нов, масивен напад врз украинската престолнина Киев, Германија и Европската унија повикаа руски претставници на разговор, предупредувајќи дека станува збор за опасна ескалација на конфликтот.

Портпаролката на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас на платформата X оцени дека повикот на Русија до странските државјани и дипломати да го напуштат Киев претставува „неприфатлива ескалација“. Слична реакција следеше и од германското Министерство за надворешни работи.

Во меѓувреме, претседателот на рускиот парламент Вјачеслав Володин дополнително ја заостри реториката, заканувајќи се со употреба на оружје за масовно уништување доколку Украина изврши напади врз цивилното население на руска територија.

Москва најавува нови напади по масовниот удар врз Киев

По  еден од најтешките напади врз Киев изминатиот викенд, во кој беа употребени ракети и дронови, Москва најави нови напади.  Русија  ја употреби и новата ракета од среден дострел „Орешник“, способна да носи и нуклеарни боеви глави, што претставува дополнителна закана за регионот.

Руското Министерство за надворешни работи ги повика странските дипломати што е можно побрзо да го напуштат Киев. Во соопштението се наведува дека руската војска ќе одговори на украинското гранатирање на студентски дом во градот Старобилск, кој е под руска контрола, со систематски напади врз воени цели и „центри за одлучување“ во Киев.

Од  почетокот на војната  пред повеќе од четири години,  Русија редовно ги напаѓа задните позиции во Украина,при што често се погодени и цивилна инфраструктура и станбени објекти. Москва ги отфрла обвинувањата за одговорност за цивилните жртви.

По нападот во Старобилск, во кој загинаа повеќе од 20 цивили, рускиот претседател Владимир Путин побара одмазда. Од украинска страна беше соопштено дека целта на нападот била воена единица.

Брисел и Берлин со остри реакции и дипломатски потези

Германското Министерство за надворешни работи остро ги осуди заканите на Москва и го повика рускиот амбасадор на разговор. Во објавата се наведува дека Русија се потпира на закани, терор и ескалација.

Според германската страна, Кремљ се обидува не само да шири страв, туку и да ја подели Украина и нејзините сојузници. „Нема да дозволиме да бидеме заплашени од закани“, порачаа од Берлин.

Европската унија, исто така, го повика највисокиот руски претставник во Брисел.  Претставници на ЕУнагласија дека дипломатските активности во Киев продолжуваат и покрај заканите.

Руски ракетен напад во непосредна близина на претставништвото на ЕУ во Киев, Украина, 2025
ЕУ и Германија остро реагираат на руските закани за нови напади врз КиевФотографија: EU delegation in Ukraine/dpa/picture alliance

Портпаролката на Европската служба за надворешни работи оцени дека однесувањето на Москва уште еднаш покажува дека Русија не е заинтересирана за мир и ги игнорира напорите за мировни преговори. Таа додаде дека нападите врз цивили и невоени цели претставуваат воени злосторства.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изрази длабока загриженост поради најновите закани, предупредувајќи дека е неопходно да се избегне понатамошна ескалација, бидејќи тоа би го оддалечило мирот и би го продолжило страдањето на населението.

Киев: Заканите се уцена и обид за заплашување

Украинското Министерство за надворешни работи ги оцени руските закани како „безобразна уцена“. Според Киев, Москва индиректно признава дека нејзините напади имаат за цел да ги заплашат странските дипломати.

Украинската страна смета дека најдобриот одговор на заканите од Кремље зголемен притисок врз Русија.

Портпаролот на министерството, Хеорхиј Тихиј, иронично ја коментираше ситуацијата преку анкета на X, прашувајќи што значат новите закани за напад врз Киев по повеќе од четири години постојани напади. Тој понуди четири одговори: алкохолизам, очај, недостаток на креативност или комбинација од сите.

Во меѓувреме, според медиумски извештаи, секретарот на Советот за национална безбедност на Украина, Рустем Умеров, престојува во Берлин, каде разговара со советници за национална безбедност од  Германија,  Франција и Велика Британија за безбедносни прашања, преговорите и одбранбената соработка.

Нови закани за употреба на разорно оружје

Реториката од Москва дополнително се заостри со изјавите на претседателот на руската Дума, Вјачеслав Володин, кој предупреди дека евентуални напади врз руски цивили може да доведат до употреба на оружје „што нема да остави ништо зад себе“.

Оваа изјава се толкува како директна закана за употреба на оружје за масовно уништување, што дополнително ја зголемува загриженоста за можната ескалација на конфликтот.