1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ-самит: Не е доволно само да се имаат пари за одбрана

АРД
7 март 2025

Иако членките на ЕУ се согласни дека мора да се инвестираат повеќе пари за одбрана, нема да биде доволно само да се има полна каса. Потребен е раководен тим кој одговорно ќе ги инвестира парите.

https://p.dw.com/p/4rUck
Белгија Брисел ЕУ-самит
Претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на вонредниот самит во БриселФотографија: Frederic Sierakowski/European Union

На овој самит имаше убава слика: украинскиот претседател Володимир Зеленски стои меѓу двајцата највисоки претставници на ЕУ - пречекан со раширени раце, со насмевки. Пристигна во куќата на пријателите. Контрастот со навредите во Белата куќа не можеше да биде поголем.

Па, сепак, тоа не беше благопријатен самит. Зеленски повторно можеше да земе добри зборови со себе на патот кон дома, како и ветување за поддршка сѐ додека таа е потребна. Но, дали Европејците сè уште можат да го даваат тоа со чиста совест? Тие, чие одбранбено ќебе е толку кратко што затега по сите краеви на заедницата?

Тоа сега е на пат да се промени. Се зборува за масивно вооружување. Дали тоа ќе функционира зависи од земјите членки. Постојано треба да се повторува дека ЕУ не троши ниту цент за одбрана, таа само им олеснува на земјите членки да се задолжуваат. Тоа е како кога едно училиште е во опасност да се урне, а пари за реновирање се бараат од родителите. Колку зградата на крајот ќе биде безбедна, зависи исклучиво од нив.

„Европа на прво место“ може да биде правило

Добро е што Германија пристигна со дебел паричник. Останатите земји веројатно нема да сакаат да стојат настрана и да бидат скржави. Но, полна воена каса, за жал, не е доволно. Она што сега е потребно е раководен тим кој овие пари ќе ги вложи одговорно. Тим кој ќе одлучува кои вооружени системи ѝ се потребни на Европа и кој ќе ги нарачува во големи количества. И да - „Европа на прво место“ притоа секако може да биде правило.

Зашто, многумина сигурно ја изгубија желбата да им ги префрлат парите од даночните обврзници на американските производители на оружје, на земја која може краткорочно да одлучи дали воопшто ќе испорача или не, во зависност од тоа какво е расположението на американскиот претседател во моментот.

Макрон и Мерц напред?

Вооружувањето на Европа сега мора да оди брзо. Огромна изјава за една Европската унија која досега се расправаше за кабли, правила за вештачка интелигенција и право на поправки. Но, никој не знае што всушност планира рускиот претседател Владимир Путин. Колку уште од Украина сака да уништи или дали всушност веќе ги зел во визир земјите од НАТО?

Со оглед на овие неизвесности, на Европа сè уште ѝ е потребен ангел чувар. На самитот можеа јасно да се слушнат и вакви гласови. Разговорите со САД мора да продолжат и да се водат со ладна глава - и покрај сите неразумни барања.

Европа тргна на пат кон преземање на својата безбедност во свои раце. Предводена од дуото М&М - Макрон и Мерц. Французинот со своето нуклеарно оружје, Германецот со неговите пари. Тоа е комбинација која во Москва и Вашингтон треба во најмала рака да предизвика барем почит.

Авторка на коментарот: Сабрина Фриц, АРД