Филипче и Мицкоски во судир за ЕУ и уставните измени
30 март 2026
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција влезе во директен политички судир со премиерот Христијан Мицкоски по неговата изјава дека нема да прифати уставни измени под услови што го засегаат македонскиот идентитет без јасна предвидливост и конечен исход на процесот.
Филипче најави дека СДСМ во наредниот период ќе ги засили активностите, користејќи ги сите расположливи демократски механизми во борбата за европска Македонија.
Филипче: Борбата за европска Македонија допрва почнува
„СДСМ и целата коалиција сме подготвени силно да се спротивставиме и да ја водиме борбата за европска Македонија. Ве повикувам сите да се приклучите. Да се обединиме за идејата за напредна, европска држава – против изолацијата, криминалот и корупцијата. Ќе се бориме уште поодлучно. Како што ја внесовме земјата во НАТО, така ќе ја внесеме и во ЕУ“, изјави Филипче.
Тој повика сите политички партии, граѓански организации и интелектуалци да се приклучат кон, како што ја нарече, „заедничката борба“.
Повикот доаѓа по изјавата на Мицкоски, кој во неделата (29.03) во Охрид повтори дека нема да прифати уставни измени кои „директно влијаат врз идентитетските позиции“, додавајќи дека не планира да влезе во „авантура без јасен крај“.
„Ние ќе се бориме, ова се историски процеси, кај нашиот источен сосед политиарите за да го применат принципот на живковизмот чекаа децении за да се родат политичари од типот на тие што беа претходните седум години, така што ако треба и ние ќе чекаме децении, но политики кои директно влијаат врз нашиот идентитет а не нудат предвидливост и јасен крај на тој процес, јас сум кажал дека немам намера додека сум претседател на Влада по која било цена да влезам во таква авантура“, рече Мицкоски.
„Земјата се турка кон изолација“
Според Филипче, по оваа изјава станува јасно дека земјата се турка кон изолација.
„Со Мицкоски и неговата организирана криминална група нема членство во ЕУ. Тоа значи децении сиромаштија, загубени генерации и иселување на младите. Ќе останеме без држава и без народ. Се потврди дека Мицкоски ја турка земјата во изолација и работи за странски интереси – од српски и унгарски, па сè до руските. Тој е прокси-руски играч, а ВМРО-ДПМНЕ е тројански коњ на поделбите“, изјави тој.
Филипче додаде дека ЕУ-членството за граѓаните значи повисоки плати, подобро здравство, образование, инфраструктура и пристап до европски фондови од над 40 милијарди евра.
„Немаме децении за губење. Ова е прашање за иднината на државата“, порача тој.
ВМРО-ДПМНЕ: „Ова е предавство, не европска агенда“
На ваквите изјави реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. „Дали СДСМ е свесен дека цената на тоа што го зборуваат е национално предавство, уништување на идентитетот и нови отстапки како со францускиот предлог и договорот со Бугарија?“, се вели во реакцијата на партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, изјавата на Филипче е „параван за предавство“, мотивирана од, како што велат, „бизнис-интересите поврзани со бугарски фирми“.
„Европската идеја е жива и ние ќе ја браниме достоинствено, без понижување и без потчинување на македонскиот народ“, додаваат од партијата.