1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фридом Хаус: Македонија делумно слободна и во 2025 година

19 март 2026

Извештајот „Слободата во светот 2025“ на Фридом Хаус покажува дека Македонија повторно е оценета како делумно слободна земја со индекс 67 од 100.

https://p.dw.com/p/5Aifk
Скопје, 28.09.2018
Македонија останува делумно слободна земјаФотографија: DW

Според најновиот извештај „Слободата во светот 2025“ на меѓународната организација Фридом Хаус, Северна Македонија и годинава се рангира како делумно слободна земја. Индексот на слобода изнесува 67 од можни 100 поени, што е ист резултат како минатата година.

Рангирањето се темели на два критериуми: политички права - 28 од можни 40 и граѓански слободи- 39 од можни 60 поени.

Во извештајот се наведува дека земјата и понатаму се соочува со корупција, а и покрај живиот јавен дискурс, новинарите и активистите често се под притисок и заплашување.

Македонија меѓу земјите со делумна слобода во регионот

Во категоријата „делумно слободни“ се најдоа и повеќето држави од Западен Балкан:

  • Албанија – 69
  • Црна Гора – 68
  • Косово – 61
  • Босна и Херцеговина – 54
  • Србија – 53

Фридом Хаус забележува дека Србија и Бугарија се меѓу земјите со најголем пад на слободите во текот на изминатата година.

Глобален пад на слободата дваесет години по ред

Според извештајот, политичките права и граѓанските слободи се влошиле во 54 земји, а подобрување има само во 35. Организацијата проценува дека падовите најчесто се резултат на воени удари, обиди на политичарите да го ограничат мирното изразување или промени на уставните правила во корист на власта.

Најголем пад во 2025 година е забележан во Гвинеја-Бисао, Танзанија, Буркина Фасо, Ел Салвадор, Мадагаскар и Грузија.

Фридом Хаус истакнува дека во последните две децении најмногу страдаат: слободата на медиумите, слободата на лично изразување и правото на фер судски постапки.