1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Функционерите на ВМРО ДПМНЕ ѝ свртеа грб на Арсовска

ДТЗ
13 септември 2022

Тие се солидаризираат со нивниот сопартиец, разрешениот директор на Водовод и канализација, Златко Перински и се жалат на несоработка со Градот. Ја обвинуваат Данела Арсовска за лични пресметки и хајка на поединци.

https://p.dw.com/p/4Glx6
Данела Арсовска Град Скопје
Фунционерите на ВМРО-ДПМНЕ ѝ свртеа грб на Данела АрсовскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Функционерите на ВМРО ДПМНЕ, само еден ден по најавата на партискиот лидер, Христијан Мицкоски, дека може да дојде до разијдување на патиштата со скопската градоначалничка, ѝ свртеа грб на Данела Арсовска, која ја имаше нивната поддршка на локалните избори. Уште двајца директори на јавни претпријатија, коишто се под капа на градот, поднесоа оставки и изразија незадоволство од соработката со Град Скопје. Станува збор за вршителот на должност директор на Јавното претпријатие Градски паркинг, Бојан Христовски и директорот на Јавното претпријатие „Дрисла“, Јане Мицевски.

Тие се солидаризираат со нивниот сопартиец, разрешениот директор на Водовод и канализација, Златко Перински и се жалат на несоработка со Градот. Вината за тоа ја насочија кон градоначалничката Арсовска, која ја обвинуваат за лични пресметки и хајки на поединци.

Лична пресметка и хајка

„Како директор на депонијата Дрисла сакам да посочам дека во овој десетмесечен период откако го презедов претпријатието, направив стабилизација и негова консолидација и отпочнав со процес на инвестиции кои се во насока на подобрување на работата на истото. Но, секој индивидуален успех на кое било претпријатие не е целосен доколку истото не добие поткрепа од колективитетот во кој Дрисла мора да функционира, а тоа е Градот и нејзиниот прв човек“, вели директорот на Дрисла, кој поднесе неотповиклива оставка. 

Ѝ замерува на Арсовска за немањето координација и комуникација со неа. „Првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, каква што видовме вчера, туку посветување на приоритетите и проектите, кои се основна задача. Дополнително, Дрисла се соочува со сериозен проблем поради сметките за струја, кои се сериозен удар на претпријатието, а за жал досега претпријатието нема никаква поддршка од Градот Скопје“, вели досегашниот прв човек на Дрисла, во соопштение испратено преку ВМРО ДПМНЕ. 

ВМРО-ДПМНЕ со зурли и со тапани ја слaвеше победата на Данела Арсовска во Скопје
ВМРО-ДПМНЕ со зурли и со тапани ја слaвеше победата на Данела Арсовска во СкопјеФотографија: Arbnora Memeti/DW

Партијата ја пренесе и информацијата дека оставка поднел и Бојан Христовски од функцијата в.д. директор во ЈП „Градски паркинг“- Скопје, по само осум месеци од неговото именување. „Тимската работа на градоначалникот и јавните претпријатија е неопходна, токму затоа нарушената координација е сериозна опасност за непречено функционирање на скопската локална самоуправа, а тоа е секако на штета на граѓаните“, вели Христовски.

Тој обвинува за политичко-медиумска конструкција против директорот на едно јавно претпријатие и секретарот на град Скопје, кои, како што вели, без никакви факти и аргументи биле експресно „елиминирани“. „Затоа поради незаинтересираноста на првиот човек на градот за потребите на скопјани и градски паркинзи, како и поради драстично намалената поддршка на проектите кои со сопствени средства ги реализираме денес, поднесувам неотповиклива оставка од позицијата в.д. директор на ЈП Градски паркинг – Скопје“, вели тој.

Понуда

По оставките на неколку директори на јавни претпријатија во Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска вели дека поради несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на градот Скопје, тие добиле понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени. „Градот Скопје е град на сите скопјани, затоа сите носители на овие одговорни раководни функции во градот се должни да даваат отчет пред граѓаните, а не пред партиските лидери“, порача таа на Фејсбук, додавајќи дека Скопје мора да биде модерен град, град за сите скопјани. 

Судирот ескалираше во понеделникот (12.09), кога градоначалничката Данела Арсовска го разреши в.д. директорот на ЈП Водовод и Канализација-Скопје, Златко Перински, а оставка поднесе и секретарот на град Скопје, Ѓоко Велковски. Причина за разрешувањето, според Град Скопје, е влијанието во спорна тендерска постапка за изведба на пречистителна станица во вредност од 136 милиони евра, средства кои се обезбедени од ЕБОР и ЕИБ. Арсовска обвинува за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер. 

Арсовска експресно го назначи Марјан Митовски за в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“, а Град Скопје доби нов секретар - Зоран Глигоров.