Пиротехника во брз воз кај Зигбург, уапсен 20-годишник
3 април 2026
Инцидент во брз воз предизвика вчера вечер сериозна полициска интервенција кај Зигбург, во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија. Патници алармирале дека маскиран маж запалил два пиротехнички уреди во возот, кој сообраќал на релацијата Келн –Франкфурт. Возот итно запрел во станицата Зигбург, каде што полицијата го уапсила осомничениот.
Според информациите на германските медиуми, уапсениот е 20-годишен Германец од Ахен. При претрес кај него биле пронајдени маска, два ножеви и два чадни уреди.
Изјава за можно планирање напад
Полициски извори за медиумите пренесуваат дека младиот маж наводно изјавил дека имал намера да изврши напад. По активирањето на пиротехниката, патниците успеале да го заклучат во тоалетот на возот, откако претходно се претпоставуваше дека самиот се забарикадирал.
Осомничениот е задржан во полициски притвор, а истрагата за неговите мотиви и околностите продолжува.
Дванаесет патници повредени, еден со можна звучна траума
Околу 180 патници и железничкиот персонал се евакуирани од возот. Најмалку дванаесет лица претрпеле полесни повреди, а едно лице, поради сомневање за звучна траума, било пренесено во болница. По краток третман, пациентот бил пуштен дома.
Во близината, во спортска сала, противпожарната служба од Зигбург им пружила помош на патниците, а на располагање биле и тимови за итна психосоцијална поддршка.
Возот со часови блокиран
Брзиот воз останал повеќе часови на колосек во станицата Зигбург, каде што полициски единици извршиле комплетен претрес. Според информациите, не биле пронајдени дополнителни опасни предмети.
Поради акцијата, брзата железничка линија Франкфурт – Келн била привремено затворена, а возовите биле пренасочувани. Интервенцијата завршила околу еден час по полноќ.