Германските добавувачи бараат нови решенија
21 март 2026
Германската автоиндустрија минува низ длабока трансформација, а тоа најсилно го чувствуваат производителите на делови. Електричните автомобили, ниските маржи, падот на продажбата и растечката конкуренција од Азија ги туркаат фирмите да бараат нови деловни модели и дополнителни извори на приходи.
Токму таков пример е фабриката за машини „Тинкерс“ (Tünkers), која со децении ги снабдува автомобилските гиганти со индустриски роботи и системи за обработка на каросерии. Компанијата со околу 1.200 вработени е присутна на сите големи автомобилски пазари. Но, токму искуството од претходните кризи ја научило фирмата дека зависноста од еден сектор може да биде опасна.
Затоа „Тинкерс“ започна да произведува мотори за соларни системи кои ги ориентираат фотонапонските модули кон сонцето. Поттик за тоа била инсталацијата на сопствен соларен парк на земјиштето на компанијата.
„'Тракинг-системите' даваат до 30% поголем принос. Беше логично да го примениме нашето знаење за прецизни и издржливи погони“, вели Паскал Штетерс, раководител на одделот за ротациски погони во компанијата.
Нов растечки пазар
Според Штетерс, секторот Агри-ПВ — поставување соларни панели на земјоделско земјиште — е исклучително атрактивен. „Тоа совршено се вклопува во нашиот профил: автоматизација, механика, модуларни системи. Не мора да ја измислуваме топлата вода“, додава тој. Потребните инвестиции за влез во новиот бизнис се релативно мали.
Ситуацијата во автомобилската индустрија, пак, станува сè понестабилна. „Развојните циклуси се пократки, конкуренцијата расте, особено од Азија, а нашите клиенти се под сериозен ценовен притисок“, вели Штетерс. Затоа фирмата мора да стане поефикасна и да ја прошири понудата.
Златното десетлетие заврши – следат неизвесни години
Целиот сектор на добавувачи се соочува со огромни предизвици: преминот на електромобилност, дигитализација и вештачка интелигенција, нарушени синџири на снабдување, високи цени на енергенси и исчезнување на традиционалните пазари и создавање нови.
Резултатите се драматични: од 2019 година исчезнале околу 55.000 работни места, а до 2030 година може да се изгубат уште 90.000, покажува студијата на ИВ Консалт од 2025 година. Ова е силен контраст на „златното десетлетие“ во 2010-тите.
Крај за моделот на Берта Бенц
Од историското возење на Берта Бенц во 1888 година, многу работи се сменети. Автономното возење, електрификацијата и дигиталната поврзаност го менуваат целиот концепт.
Традиционално, околу половина од 1,2 милиони работници во германското производство на делови работеле на технологии поврзани со моторите со внатрешно согорување. За производство на електричните возила е потребно многу помалку време — што неминовно носи пад на вработеноста, но и создавање нови технолошки области и работни позиции.
Како „Тинкерс“, се пренасочуваат и многу други германски добавувачи: „Каутекс“ развива куќишта за батерии од термопластика, „Маркварт“ произведува компоненти за алати, грејни системи и апарати за домаќинство, а „ЕБМ-Папст“ целосно ја напушти автомобилската индустрија и се фокусира на вентилатори за дата-центри, чисти простории и болници.
„Компаниите што се врзани за традиционални технологии мораат да ги преиспитаат своите производи и деловни модели“, вели професорот Марио Хирц од Техничкиот универзитет во Грац. За производството на цели системи, а не само компоненти, потребни се нови вештини — од мехатроника и електроника до развој на софтвер.
Недостаток на капитал за трансформација
Многу фирми немаат доволно финансиски средства за трансформација. „Маржите кај производителите на компоненти за мотори со внатрешно согорување традиционално се ниски“, објаснува Хано Кемперман од ИВ Консалт.
Дополнителен проблем е што германските автомобилски производители го намалуваат производството во земјата поради падот на пазарниот удел, што значи помалку работа за добавувачите. Кинеските производители отвораат фабрики во Европа, но не е сигурно дека ќе купуваат европски компоненти.
И покрај предизвиците, Германија останува меѓу светските лидери во производството на електрични автомобили. Во 2025 година биле произведени над 1,5 милиони плаг-ин хибриди и целосно електрични возила.
Во областите со најголем раст — електрификација, автоматизација и дигитално поврзување — денес работат околу 182.000 луѓе, наспроти само 121.000 пред пет години.