По судската пресуда за концесиите - тензии за Иловица
24 јуни 2026
Нови бранувања се отворија околу рудникот „Иловица“, откако Владата соопшти дека Вишиот управен суд донел одлука со која се враќа спојувањето на концесиите за експлоатација на минерална суровина на локалитетите во Општина Босилово и Општина Ново Село.
„Станува збор за конечна судска одлука која Владата е должна да ја почитува“, се наведува во владиното соопштение.
Спојувањето на концесиите е од голема важност за добивање дозвола за експлоатација. По одлуката, екоактивистите од Струмичко повторно го истакнаа својот став – дека нема да дозволат рудник на планината Огражден, над селата Иловица и Штука, нагласувајќи дека ќе продолжат да се борат за зачувување на здравата котлина.
Реакција на екоактивистите од „Здрава котлина“
Од иницијативата „Здрава котлина“ изразија силно незадоволство од одлуката на Виш управен суд, посочувајќи дека таа е донесена без доволно образложение.
Според нив, судот во мај ја поништил одлуката за поништување на спојувањето на концесиите и предметот го вратил на повторно разгледување во Владата.
„Владата се прави како да не прочитала во одлуката дека треба повторно да решава и за неа ова било конечно решение. Не се бунела да вложи приговор, чекала да помине рокот и сега да се почитувале законите“, реагираат активистите.
Тие дополнуваат дека со години укажуваат на, како што велат, пропусти во постапките, вклучително и поминати рокови, спорни економски услови, како и ризици за водните ресурси во регионот.
„Нема да дозволиме експлоатација која може да ја загрози здравата котлина и животната средина“, порачаа активистите.
Ставот на Владата и Министерството
Од Владата соопштија дека станува збор за конечна судска одлука која мора да се почитува во согласност со принципот на владеење на правото. Истовремено, нагласуваат дека сегашната состојба е резултат на претходни одлуки, донесени во 2023 година, а не на актуелниот владин состав.
Оттаму додаваат дека ќе се разгледаат сите релевантни факти, стручни мислења и аргументи, во рамки на законските процедури, при што економскиот развој нема да биде на сметка на здравјето на граѓаните и животната средина.
Историја на концесиите за рудникот „Иловица“
Проектот за рудникот за бакар и злато „Иловица - Штука“ е долгогодишен проект на компанијата „Еуромакс рисорсес“, лоциран на падините на планината Огражден. Тој е во фокусот на јавноста поради еколошкиот отпор од локалното население и еколошките здруженија, кои стравуваат дека рудникот може да предизвика загадување на почвата, водата и воздухот во Струмичко.