1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран и Венецуела ја „тресат“ цената на нафтата

Томас Колман
14 јануари 2026

Кризата во Иран предизвикува многу поголема нервоза на нафтените пазари отколку нестабилноста во Венецуела, главно поради огромната иранска улога во глобалното снабдување со нафта.

https://p.dw.com/p/56mbA
Човек во сина работничка облека пред нафтена постројка
Доколку производството во Иран целосно запре, краткорочно би се очекувал остар раст на цените на нафтатаФотографија: Mehr

Додека глобалните нафтени пазари во случајот со Венецуела реагираа релативно мирно, немирите и можната ескалација во Иран предизвикуваат далеку поголема загриженост. Експертите сметаат дека тоа е повеќе од оправдано.

Според енергетските аналитичари, евентуално влошување на ситуацијата во Иран би имало огромни последици за глобалните пазари на нафта и финансии. „Иран произведува четири пати повеќе нафта од Венецуела,“ објаснува енергетскиот експерт Андреас Голдтау.

„Иран е трет најголем производител во ОПЕК и обезбедува околу четири проценти од светската побарувачка. Венецуела произведува околу еден процент. Се проценува дека Иран извезува близу два милиона барели дневно, додека  Венецуела извезува околу 350.000 барели.  Затоа, прекинот на иранското производство би имал многу посилен ефект врз светските пазари“, вели директорот на Школата за јавна политика „Вили Брант“ при Универзитетот во Ерфурт.

Поголем геополитички ризик во Персискиот Залив

Во случајот со Иран, дополнителен фактор е и  ризикот од регионален конфликт во Персискиот Залив.  „Во тој регион се наоѓаат околу 50 проценти од светските резерви на нафта, а една третина од глобалното производство се одвива на Блискиот Исток. Затоа политичките турбуленции во Иран имаат многу посилно влијание врз пазарите отколку кризата во Венецуела“, нагласува Голдтау.

Демонстранти и запалени возила за време на протестите во Техеран
Фотографија од видео кое кружи на социјалните мрежи и на кое се гледаат запалени автомобили и демонстранти во ТехеранФотографија: SOCIAL MEDIA/REUTERS

Иако Венецуела располага со најголеми резерви на нафта во светот — околу 303 милијарди барели според ОПЕК — поголемиот дел е т.н. тешка нафта, која бара специјална технологија за експлоатација и преработка. Дополнително, голем дел од резервите се во тешко пристапниот појас Ориноко.

Пад на производството и инфраструктурни слабости

Иран, како и  Венецуела, трпи последици од меѓународни санкции  насочени кон неговата нафтена индустрија. Пристапот до современи технологии е ограничен, а одржувањето е скапо поради недостиг на резервни делови и слаб прилив на инвестиции. Секторот е државен, што дополнително ги одбива странските инвеститори.

Овие предизвици се однесуваат и на преработката: „Рафинериите во Иран не произведуваат нафтени деривати што ги исполнуваат стандардите на западните пазари. Освен санкциите, тоа е последица и на нападите од САД и Израел врз иранската инфраструктура — т.н. midstream сегмент“, додава Голдтау.

Во нафтената и гасната индустрија, под поимот („midstream") се подразбираат транспортот, складирањето и почетната обработка на сурова нафта и природен гас. Според дефиницијата на американското здружение GPA Midstream Association, компаниите од оваа област обезбедуваат ефикасна логистика и стабилно снабдување, независно од осцилациите во производството како оние во Венецуела и Иран.

Иранската издржливост и економскиот притисок

И покрај сите проблеми, иранскиот нафтен сектор покажува изненадувачка издржливост во поглед на обемот на производство. По револуцијата во 1979 година, производството никогаш не се вратило на тогашните шест милиони барели дневно, но по падот на два милиони барели во 1980-тите, Иран повторно го стабилизирал производството на нешто над четири милиони барели дневно.

Чад се издига зад ред повеќекатни згради по израелскиот напад врз складиште за нафта во јуни 2025 година. Во преден план може да се видат автомобили како возат по пат со шест ленти
Чад се крева на 16 јуни 2025 година, по израелскиот напад врз складиште за нафта во ТехеранФотографија: Vahid Salemi/AP Photo/picture alliance

Сепак, државните приходи остануваат под силен притисок. По години продажба на нафта со попусти за да се најдат купувачи, Иран не успева да привлече неопходни инвестиции во секторот.

Енергетско богатство, растечко сиромаштво

Ситуацијата наликува на онаа во Венецуела: слабата енергетска инфраструктура значи дека Иран, и покрај огромните ресурси, сè потешко обезбедува достапна енергија за граѓаните. Субвенциите го оптоваруваат буџетот, а последиците се економска криза, девалвација на валутата, хиперинфлација и протести низ земјата.

Особено опасно би било сценариото во кое работниците од нафтениот сектор би се приклучиле на протестите. Засега нема информации дека немирите ја зафатиле покраината Хузестан — клучниот регион за производство — ниту дека паднал извозот на сурова нафта, пренесува американскиот магазин „Форчн“.

Иранскиот опозициски лидер Реза Пахлави на прес-конференција
Реза Пахлави, син на последниот ирански шах, ги повика работниците во иранската нафтена индустрија на штрајкФотографија: Joel Saget/AFP

Но, доколку работниците одговорнат на повикот на  Реза Пaхлави,  синот на поранешниот шах кој живее во егзил во САД, можните последици се непредвидливи. Во 1978 година токму нафтените штрајкови го урнаа режимот на шахот за само неколку месеци.

Американскиот инвеститор Марк Мобиус предупредува дека пропаѓање на Исламската Република драстично би го изменило балансот на силата во регионот: „Најдобар исход би бил целосна промена на власта. Најлош — долготраен внатрешен конфликт.“

Можен скок на цената на нафтата на 120 долари?

Доколку производството во Иран целосно запре, краткорочно би се очекувал остар раст на цените, но среднорочно другите производители би ја надоместиле празнината. Можно е и активирање на стратешките резерви на Меѓународната енергетска агенција, што би го стабилизирало пазарот, смета Голдтау.

Сепак, тој предупредува на многу поголем ризик: ескалација што би го вклучила целиот регион, „иранските актери да го пренесат судирот на регионот“.  Блокада на Ормускиот Теснец —  низ кој поминува над 25 проценти од нафта која се транспортира по морски пат, би можела да ја подигне цената на барелот на дури 120 долари, според проценките на водечки инвестициски банки како Морган.

Дополнително, би можело да дојде до напади врз нафтени постројки во соседните земји, кои би можеле да го нарушат снабдувањето и да создадат нов шок на пазарите. А бидејќи преку Ормус поминуваат околу 20 проценти од глобалната трговија со течен природен гас (ЛНГ), ескалацијата би предизвикала и раст на цените на гасот во Европа.