1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТрговијаИран

Иранска војна: Енергетска криза и по мир

6 јуни 2026

Иранската војна ја продлабочува енергетската криза, а експертите предупредуваат дека дури и по евентуален мир, цените и снабдувањето нема брзо да се стабилизираат.

https://p.dw.com/p/5Ewo8
Арапско Море 2026 | Американскиот разорувач УСС Рафаел Пералта пресретна ирански танкер за нафта
Во последните три месеци, Ормускиот Теснец стана симбол за глобален проблемФотографија: US Navy/Planet Pix/ZUMA/picture alliance

Растечката енергетска и кризата во глобалните синџири во снабдувањето најверојатно нема да се ублажи дури ни ако САД и Иран се повлечат од работ на ескалација. Експертите предупредуваат дека  повторното отворање на Ормускиот Теснец и обновата на инфраструктурата може да траат со месеци, па дури и години.

Додека  иранската војна  утре (недела) се приближува до 100-тиот ден, се наметнува утешна, но погрешна претпоставка. Многу носители на политички одлуки, компании и инвеститори веруваат дека брзото отворање на Ормускиот Теснец брзо ќе ги намали цените на енергијата, откако заглавените танкери со нафта и гас конечно ќе можат да го напуштат Персискиот Залив.

Сепак, водечки директори од нафтени компании, лидери од бродскиот сектор и економисти предвидуваат спротивно сценарио. Тие предупредуваат дека мирот нема веднаш да ги врати енергетските пазари и глобалните синџири на снабдување во нормала. Последиците, според нив, може да траат со месеци, па дури и години. 

Извршниот директор на „Сауди Арамко“, Амин Насер, најголемиот снабдувач со нафта во Персискиот Залив, минатиот месец им изјави на инвеститорите дека дури и ако Ормускиот Теснец веднаш се отвори, ќе бидат потребни „месеци за пазарот да се избалансира“.  Доколку затворањето потрае уште неколку недели, нормализацијата, според него, би можела да трае до 2027 година.

Сообраќајот низ тесниот морски премин меѓу Иран и Оман останува значително под нормалното ниво, и покрај кревкото примирје и мировните преговори кои постојано се соочуваат со застој.

Цените на нафтата и натаму се околу 30% повисоки од нивото пред војната, што значително ги зголемува цените на бензинот, дизелот и ѓубривата. Овие дополнителни трошоци ја поттикнуваат глобалната инфлација, ги нарушуваат синџирите на снабдување и ги зголемуваат цените на храната ширум светот, бидејќи ѓубривото — кое често се произведува од природен гас — станува поскапо за земјоделците.

Повторното отворање на Ормускиот Теснец ќе биде „со прекини“

Откако ќе се постигне мировен договор, бродските компании ќе мора повторно да стекнат доволна доверба за да ги испратат екипажите во Заливот, велат експертите. Ова може да бара период на набљудување од 30 до 45 дена. Ќе бидат потребни и безбедносни мерки, вклучително и меѓународни поморски патроли за заштита од можни напади врз бродови.

Сопствениците на бродови и екипажите остануваат исклучително претпазливи, бидејќи нападите врз пловни објекти во Ормускиот Теснец продолжуваат. Само минатата недела беа погодени повеќе бродови, изјави директорот на „Шеврон“, Мајк Вирт, додавајќи дека повторното отворање најверојатно ќе биде процес „со прекини“.

„Доволен е само еден напад врз брод за мнозинството да се повлече“, изјави Нил Крозби од компанијата „Спарта Комодитис“, нагласувајќи дека бродските компании веќе ги надоместиле загубите во Заливот со други маршрути, па затоа не сакаат да го преземат ризикот.

„Лојдс од Лондон“, водечкиот пазар за поморско осигурување, бележи значителен раст на премиите за осигурување од воен ризик за минување низ Ормускиот Теснец, кои остануваат високи и по примирјето што стапи во сила на 8 април.

Откако Ормускиот Теснец ќе стане безбеден,  бројните танкери што веќе се заглавени во Заливот ќе треба безбедно да излезат, додека нови бродови ќе пристигнуваат од далечни пристаништа за товарење.

„Процесот може да трае осум недели или подолго“, предупредува Крозби.

Оштетената инфраструктура го одложува закрепнувањето

Физичката штета на енергетската инфраструктура во Заливот претставува дополнителен сериозен проблем. Десетици нафтени полиња, нафтоводи, рафинерии и  постројки за течен природен гас се погодени, а трошоците за поправка се проценуваат меѓу 25 и 58 милијарди долари, според консултантската компанија „Ристад Енерџи“.

Катарската постројка за течен природен гас „Рас Лафан“
Катарската постројка за течен природен гас „Рас Лафан“ претрпе големи штети во иранските нападиФотографија: Maneesh Bakshi/AP Photo/picture alliance

Најтешко е погоден комплексот „Рас Лафан“ во Катар, каде што иранските напади уништиле 17% од капацитетот за течен природен гас на земјата. Катарските власти предупредуваат дека целосната обнова може да трае од три до пет години.

Производителите на течен природен гас би можеле со години да ги решаваат договорните спорови поради пропуштените испораки. Ова вклучува и спорни тврдења за „виша сила“, односно правни аргументи дека војната го оневозможила исполнувањето на договорите.

Дополнително, многу објекти бараат недели или месеци за безбедносни проверки, поради долги прекини во производството и недостиг на резервни делови, кој постоел уште пред почетокот на конфликтот.

Енергетските постројки во Заливот, кои се надвор од функција од март, се соочуваат со зголемен притисок, остатоци и ризик од корозија, што бара внимателно рестартирање за да се избегнат несреќи.

Енергетската криза се продлабочува како што резервите се трошат

Крозби посочува на можен „проблем со залихи“ кој би можел да се појави во текот на летото, истакнувајќи дека други делови од глобалниот пазар моментално го ублажуваат недостигот од снабдување од Заливот.

Од почетокот на војната,  САД го зголемија производството на нафта на рекордно ниво, додека Кина ги намали увозите за 3,5 милиони барели дневно,  потпирајќи се на стратешките резерви. Членките на Меѓународната агенција за енергија исто така ги користат своите резерви.

Сепак, овие мерки не можат да траат бесконечно. Американските резерви на нафта се очекува да достигнат опасно ниски нивоа во наредните месеци, додека Кина наскоро ќе мора повторно да го зголеми увозот, конкурирајќи со остатокот од светот за ограничените количини.

Директорот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, предупреди дека иако вишокот на нафта пред војната помогнал да се ублажи почетниот удар, пазарот може да влезе во „црвена зона“ веќе во јули или август поради исцрпување на залихите.

„Откако ќе почнат да се исцрпуваат резервите, единственото решение се повисоки цени, бидејќи само така може реално да се намали побарувачката“, изјави Крозби, предупредувајќи дека цените би можеле да се удвојат, што би водело кон глобална рецесија.