1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоИзраел

Ели Шараби: 491 ден во заробеништво на Хамас

АРД
12 февруари 2026

Поранешниот заложник Ели Шараби, кој преживеа 491 ден во тунелите на Хамас, открива како успеал да остане човек и да преживее глад, страв и изолација.

https://p.dw.com/p/58Wov
Ели Шараби поминал 491 ден во заробеништво на Хамас 18.09.2025
Ели Шараби поминал 491 ден во заробеништво на ХамасФотографија: Ariel Schalit/AP Photo/picture alliance

Ели Шараби ја гледа морската шир. Брановите удираат во плажата во Херцлија, недалеку од Тел Авив. Помина една година од неговото ослободување во рамки на договорот меѓу Израел и Хамас за размена на заложници од Појасот Газа.

Овој 53-годишен семеен човек од кибуцот Бери поминал дури 491 ден како заложник на Хамас, поголемиот дел во подземни тунели, без сончева светлина. Да го слуша шумолењето на морето, вели, за него е синоним за слобода: „За тоа само сонувавме на 50 метри под земја. Среќен сум што сум жив и што сум на слобода“.

Морето му го буди сеќавањето и на неговиот брат Јоси, страстен сурфер, кој исто така беше киднапиран на 7 октомври 2023 година и загина во заробеништво при воздушен напад. Сликите од тој ден – кога стотици терористи го нападнаа Израел, вклучително и неговиот кибуц – постојано го прогонуваат.

„Кога го видев стравот во очите на моите ќерки – знаев дека ме киднапираат“

Ели се засолнил во домашното скривалиште заедно со сопругата и двете ќерки на возраст од 13 и 16 години.

„Терористите почнаа да пукаат кон скривалиштето. Моја сопруга скокна врз Ноја, а јас со моето тело ја покрив Јаел. Викавме да престанат. Еден од нив нареди да ме изнесат. Во тој момент знаев дека ме киднапираат. Ја погледнав мојата деца и го видов стравот во нивните очи. Тогаш им ветив дека ќе се вратам“, раскажува тој.

Пред да биде одвлечен во украден автомобил, под ќебе, видел повеќе од сто терористи. „Беа во секоја куќа“, вели тој. Ја видел и куќата на својот пријател како гори, додека терористите се смееле и се снимале.

Тоа било моментот кога се префрлил во „режим на преживување“.

Израелски заробеник Ели Шараби, кој е држен како заложник од Хамас во Газа, стои на сцена придружуван од борци на Хамас пред да биде предаден на Црвениот крст 8 февруари 2025 година
Ели Шараби во рацете на борците на Хамас кратко пред неговото ослободувањеФотографија: Abdel Kareem Hana/AP/picture alliance

Гладот беше најстрашниот непријател

„Ако нешто можеше да те убие – тоа беше гладот“, сведочи Шараби.

Понекогаш добивал само една чинија тестенини за цел ден. „Секое зрно ориз го броевме. Го делевме со другите заробеници. Ако умреш – барем можеш да кажеш дека си се обидел да останеш човек и да бидеш фер кон своите пријатели“.

По еден месец бил одведен во тунел со други заложници, меѓу кои биле и Херш Голдберг, Полин и Ори Данина, кои подоцна беа убиени. Еден на друг си давале сила да продолжат.

Железни ланци 485 дена – и тренинг со шише вода

Иако 485 дена бил окован со ланци, се обидувал да одржи рутина со утрински молитви, јадење напладне, движење и вежби со шише вода за да ја зачува силата.

„Стравот беше постојан. Оружје вперено во глава, закани… Секогаш си преплашен“.

Шараби вели дека ветувањето дадено на сопругата и ќерките му дало мотивација да издржи.

Киднаперите ги тепале, изгладнувале и им давале да се мијат само еднаш на шест недели. „Имавме имиња за нив: ‘Триаголник’, ‘Круг’, ‘Маска’“, пишува тој во својата книга „491 ден“.

„Еден ден еден терорист доби порака дека неговата куќа е бомбардирана. Го фрли телефонот, пријде и ме удри во ребрата. Три месеци не можев нормално да дишам“.

Во еден момент се исекол со жилет на веѓата за да изгледа како да умира – стратегија со која заложниците добиле по уште половина леб за „црни денови“.

Ели Шараби го преживеа заробеништвото на Хамас 18.09.2025
Ели Шараби го преживеа заробеништвотоФотографија: Ariel Schalit/AP Photo/picture alliance

Веста што го скршила

Еден ден, чувар му рекол дека ја видел неговата сопруга и децата на телевизија. Тоа било единствениот пат кога заплакал во Газа.

Кога бил ослободен тежел само 44 килограми. На границата очекувал да ги види своите Лијана, Ноја и Јаел – но воена претставничка му соопштила дека го чекаат мајка му и сестра му. Тогаш ја дознал суровата вистина: неговата сопруга и ќерки не преживеале.

На нивниот гроб им се извинил што не можел да ги заштити.

„Ако Хамас остане на власт – ова ќе се повтори“

Иако се обидува да гледа напред, Шараби не планира да се врати во кибуцот Бери. „Ако Хамас остане на власт во Газа, ова ќе се повтори за година или две. Никогаш нема да го признаат Израел. Ни велеа: ‘Ќе се вратиме да ве убиеме.’“

Често оди на море, каде што некогаш уживал со семејството. Понекогаш седнува во автомобил и ја пушта музиката што ја слушал со ќерките.

„Тогаш плачам. Но не смеам да дозволам тоа да го контролира мојот живот. Кога ме киднапираа – ми ја одзедоа контролата. Но сите 491 ден јас одлучував како ќе реагирам на ужасот. Изборот да останам човек ми беше најважен“.