1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коцевски поднесе оставка пред седницата за разрешување

16 декември 2025

Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка пред седницата за негово разрешување. Владата го обвини за професионални пропусти.

https://p.dw.com/p/55Rei
Nordmazedonien Skopje 2025 | Generalstaatsanwalt Ljupco Kocevski tritt zurück
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Љупчо Коцевски поднесе неотповиклива оставка од функцијата републички јавен обвинител. Одлуката ја соопшти на прес-конференција во Обвинителството, а во писмена форма веќе ја испратил до надлежните институции.

„Заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност поради очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“, рече тој.

Оставката доаѓа во пресрет на собраниската седница на која како точка на дневен ред е предлогот на Владата за негово разрешување. Постапката за разрешување беше иницирана на владина седница на 9 декември.

Зошто Владата бараше разрешување?

Според образложението, Коцевски направил крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, што довело до нарушување на неговата ефикасност и функционалност.

Во документите е наведено дека со „Задолжителното упатство“ од 30 јуни 2024 година, Коцевски наводно ги пречекорил своите надлежности. „Одредбите во упатството за споделување податоци за тековни предмети ги ограничуваат законските овластувања на вишите јавни обвинители и ги прекршуваат принципите на хиерархија, субординација и самостојност“, се вели во образложението.

Дополнително, се наведува дека Коцевски дозволил изнесување информации за судски предмети од Јавното обвинителство, без да преземе мерки. „Како последица на сторените повреди е нарушена функционалноста на институцијата и сериозно е нарушен нејзиниот интегритет“, изјави владината портпаролка Марија Митева минатиот вторник.

Политички реакции

Премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско гостување во понеделникот (15.12) изјави дека на Коцевски му оставиле една и пол година да покаже резултати, но тоа не се случило. „Сега влегуваме во процес на избор на негов наследник од кого очекуваме многу повеќе“, рече тој, додавајќи дека немаат фаворит и ги охрабри сите компетентни кандидати да се пријават.

Од друга страна, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека разрешувањето не е реформа, туку „уште еден доказ за партизирање на институциите“.