Зошто доцнат мегапроектите во Германија?
23 февруари 2026
Големите инфраструктурни проекти во Германија сè почесто се претвораат во бескрајни градилишта. Опери, аеродроми, железнички станици и други мегапроекти постојано ги пробиваат роковите, а трошоците експлодираат. Оперската куќа во Келн е само највидлив пример: рокот е пробиен за повеќе од деценија, а буџетот е надминат шесткратно.
Новиот аеродром во Берлин? Планиран за пет години, завршен за четиринаесет. Централната железничка станица во Штутгарт? Се гради веќе шеснаесет години. Хамбуршката Филхармонија? Девет години наместо три. Во некои случаи трошоците се десеткратно поголеми од првично најавените.
Трошоците достигнуваат милијарди
Оперската куќа во Келн, изградена во педесеттите години како симбол на модерна демократија, до 2012 година веќе имаше потреба од целосна реконструкција. Планот беше едноставен: три години работа и повторно отворање во 2015 година.
Но, сега, во 2026 година, целиот комплекс – операта, театарот со две сцени и детската опера – сè уште е големо градилиште.
Оперската пејачка Емили Хиндрикс се сеќава на оптимизмот кога се приклучила на ансамблот во 2015 година. „Мислев дека ќе завршат брзо. Бев оптимистична“, вели таа. Десет години подоцна, таа сè уште нема стапнато во зградата. Настапите се одржуваат во привремени простории, а незадоволството расте.
Почетниот буџет од 250 милиони евра пораснал на 850 милиони. Со камати и трошоци за изнајмени простори, конечниот износ достигнува 1,5 милијарди евра. „Ми се врти кога ќе го слушнам тоа“, вели Хиндрихс. „Како да фрламе пари во бездна“.
Глумецот Андреас Грецингер ја опишува деценијата како низа надежи, очај, гнев и растечки цинизам. „Секогаш најавуваа нови датуми, а ниеден не се оствари“. Најмногу го вознемирува тоа што никогаш никој не објасни зошто проектот пропаднал. „Никој не знае. Тоа е една огромна, конфузна, комплицирана мрежа од причини“.
Зошто проектите во Германија постојано доцнат?
Јирген Марк Волм го презеде проектот во 2024 година – девет години по пробиениот рок. Според него, комплексноста е огромна: 64.000 квадратни метри, 2.000 простории, 58 компании со 72 различни занаети и 22 проектантски агенции.
„Многу работи мораа да се прават повторно, бидејќи дозволите не беа правилно издадени, а имаше и пропусти во проектите и во изведбата“, вели Волм.
Крутиот систем на јавни набавки ја влошува ситуацијата, бидејќи државата често го избира најевтиниот понудувач. Кога фирмите пропаѓаат, работите застануваат, се распишуваат нови тендери и доцнењата се таложат.
„Фирмите одеа во стечај. Мораше да доведуваме нови, кои требаше да се вклучат во веќе започнат проект. Сè се менуваше постојано“, додава Волм.
Тој признава дека главниот проблем е слабата координација и комуникација: „Техничките проблеми ги решаваме одлично, но комуникацијата ни е слаба“.
Доцнењата не се изолиран феномен. „Германија има огромен проблем“, вели Рајнер Холцнагeл од Сојузот на даночни обврзници. „Големите проекти веќе не се градат брзо, ефикасно и според потребите. Позитивната слика за Германија веќе не важи“.
Тој укажува на бројните прописи – еколошки, безбедносни и административни – кои го забавуваат секој чекор. „Градењето во Германија е екстремно скапо, не поради материјали или плати, туку поради прописи што трошат време, пари и труд“.
Ова не е прв голем проект со децениско доцнење. Келнската катедрала, денес најпосетениот германски споменик, се градеше 600 години. Работите почнале во 1248 година, а завршиле дури во 1880 година.
„Им требаа 600 години“, вели актерот Грецингер со насмевка. „Се надевам дека ние ќе бидеме побрзи“.
Духот на Нотр Дам – спротивност на германската бирократија
Парискиот Нотр Дам, завршен во 1345 година, стана пример за тоа како може да изгледа ефикасен проект. По пожарот во 2019 година, претседателот Емануел Макрон најави петгодишна реконструкција – и таа беше завршена навреме и во рамки на буџетот.
Генералот Жан-Луи Жоржелен го водел проектот со воена дисциплина. „Тоа беше петгодишна битка“, се сеќава Филип Жост, кој го наследил по неговата смрт.
Тие создадоа „дух на Нотр Дам“ – чувство на заедничка цел, доверба и блиска соработка. Резервираа четвртина од буџетот за потенцијални ризици и избраа најдобри, а не најевтини изведувачи. Проектот, вреден 700 милиони евра, заврши точно како што беше ветено.
Што може да научи Германија?
„Време е Германија да учи од најдобрите примери“, вели Холцнагeл. Лошата состојба на мостови, патишта и железници само ја засилува фрустрацијата кај граѓаните.
Емили Хиндрикс смета дека Германија страда од нефлексибилност. „Секогаш тој крут став: ‘Имаме план, мора така!’. Нема План Б“. Грецингер додава дека децении недоволно се вложувало во инфраструктурата, што ги направило денешните проблеми уште поголеми.
Добрата вест е што оперската куќа во Келн треба да се отвори оваа есен. За Емили, тоа ќе биде емотивен момент. „Кога ќе запеам таму, тоа ќе биде враќање дома. На тоа чекам со години“.