1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Кина го зајакнува фронтот против САД по нападите врз Иран

Данг Јуан
3 март 2026

Пекинг остро го осудува атентатот врз иранскиот лидер и паралелно гради сојуз против САД. Целта е заштита на енергетските ресурси и глобалното влијание, додека светот балансира на работ на нова геополитичка криза.

https://p.dw.com/p/59euH
Густ темно сив чад се крева зад зграда во иранскиот главен град Техеран
Облак од чад над Техеран по експлозиите во САД и израелските напади во неделата на 1 март, 2026 годинаФотографија: Atta Kenare/AFP

Кина остро ги осуди нападите врз Иран и убиството на шефот на државата и верски водач Али Хаменеи, кое Пекинг го опиша како „еклатантно и сериозно кршење на суверенитетот на Иран“. Принципите од Повелбата на Обединетите нации се брутално погазени, соопштуваат од кинеското Министерство за надворешни работи. За Кина, Иран покрај Русија, е најважниот снабдувач со гас и нафта. Според проценките, 90 проценти од иранската нафта биле извезувани во Кина, во најголем дел преку трети земји, бидејќи Иран е под строги санкции. Нелегалните „флоти во сенка“ помагале во транспортот. Од април 2025 година, извозот на иранска нафта дури се пресметува во јуани, валутата на Народна Република Кина. На ова му претходеше исклучувањето на Иран од меѓународниот систем за плаќање СВИФТ, кој го предводи Западот.

По американско-израелските напади за време на викендот, Иран привремено го прекина поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец, мореуз широк 50 километри што се наоѓа меѓу Персискиот Залив и Индискиот Океан. Со тоа една од најважните рути за глобалната трговија со нафта е практично блокирана. Речиси 20 проценти од глобалната потрошувачка на нафта се транспортира преку оваа рута. Од 20 милиони барели сурова нафта што секојдневно минуваат низ теснецот, половина оди во енергетски гладната Кина. Пекинг стравува за својата енергетска безбедност доколку мореузот мора да биде затворен на подолго време заради регионалната војна.

Истомисленици против САД

Иран и Кина и политички се тесно поврзани. Од 2023 година, Иран е член на безбедносниот совет на Шангајската организација за соработка (ШОС), која ја предводат Кина и Русија, а од 2024 година е член и на БРИКС+, сојуз на најголемите земји во развој во светот. „Отвореното убиство“ на суверен шеф на држава и поттикнување на промена на режимот се неприфатливи, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во телефонски разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во неделата. Нападите се случија додека САД и Иран водеа преговори. Според наводите на кинеската новинска агенција Шинхуа, Лавров се приклучил на аргументацијата на неговиот кинески колега. Критики во меѓувреме има и од Северна Кореја, која е поврзана со Кина и Русија. Пјонгјанг зборува за „нелегален чин на агресија“ и најостро го осудува „срамниот разбојнички чин од страна на САД и Израел со цел да ги остварат своите себични и хегемонистички амбиции“.

Воен удар: ги оправдува ли целта средствата?

Толкувањето на Кина и на нејзините сојузници се разликува од ставот на германската влада. „САД со недели бараат договорно решение со Иран. Во разговорите во Оман и Швајцарија, иранската страна не се согласи на сеопфатен, сигурен и доверлив договор за прекин на воената нуклеарна програма“, наведе германскиот канцелар Фридрих Мерц во саботата. Иран според него, не се обврзал да ја намали програмата за балистички ракети, или да ги запре дестабилизирачките активности во регионот и пошироко. Дали таквите појдовни точки правно легитимираат вооружени напади, сојузната влада сака да испита, рече министерот за надворешни работи Јохан Вадефул.

 

За правникот и експерт за меѓународно право, Кристоф Саферлинг, од универзитетот Ерланген-Нирнберг, меѓународното право е прилично јасно. Имено, „важи сеопфатна забрана за употреба на сила. Територијалната независност и политичкиот интегритет на суверена држава мора безусловно да се почитуваат. А, тоа овде не го гледаме“, рече тој за вестите „Тагесшау“. „Овие воздушни напади се насочени кон Иран како суверена држава и затоа од старт се спротивни на меѓународното право“, вели Саферлинг. Во некои ситуации употребата на сила е правно легитимна, на пример со мандат на ОН, во случај на самоодбрана или непосредна хуманитарна катастрофа, додава тој. САД се повикуваа на самоодбрана и непосредна закана. „Меѓутоа, тука имаме две држави, САД и Иран, кои преговараат. Не може да се каже дека немало време за други мерки“, заклучува тој.

„Законот на дивината“

Во овој контекст на надворешната политика, Пекинг зборува за „законот на џунглата“ што го применуваат САД, и кој дозволува дипломатија слична на дивината, со произволна употреба на бомби и ракети. Кина особено е загрижена од фактот дека американските вооружени сили во јануари го уапсија венецуелскиот претседател Николас Мадуро во неговата резиденција во јануари за време на воена операција и го изведоа пред суд во Њујорк. „Годината 2026 не започна многу добро“, рече кинескиот претседател Ши Џинпинг на средбата со канцеларот Мерц изминатата среда. Меѓународните конфликти се длабоко испреплетени, а светот е на пресвртна точка, кога се случуваат еклатантни превирања. Затоа Кина, за разлика од САД, сака да ги зајакне Обединетите нации. Вашингтон им должи на ОН околу четири милијарди американски долари членарина. Истовремено Пекинг се стреми кон поблиска соработка со Европа. Во заедничката изјава по посетата на Мерц во Кина, се наведува дека „двете страни го потврдија ставот дека принципите од Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право ја формираат основата на меѓународната соработка. Германија и Кина ќе продолжат да се залагаат за нив и на таа основа ќе го продолжат дијалогот за меѓународните прашања.“ 

Германскиот канцелар Фридрих Мерц (десно) со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји се ракуваат. Зад нив се гледаат знамињата на Кина, ЕУ и на Германија
Канцеларот Фридрих Мерц (десно) со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на Минхенската безбедносна конференција на 14 февруари 2026 годинаФотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

Во вторник, Мерц ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон. Во пресрет на посетата, тој не ги критикува директно САД и Израел, нагласувајќи дека сака да избегне држење предавања. „Правните оцени и квалификации на овие дејствија во однос на меѓународното право нема да сменат многу - особено ако останат без последици“, рече тој. Актуелните напади ѝ даваат на Кина можност да поттикне анти-американски чувства и да ја доведе во прашање амбицијата на САД да бидат глобален лидер. ОН всушност треба да спречат употребата на вооружена сила да се спроведува произволно. Аргументацијата на Трамп е деликатна, па така доколку Кина ја примени, Пекинг во секој момент би можел да го премине Тајванскиот теснец со образложение дека тоа го прави во самоодбрана. Кина го смета Тајван за одметната провинција и не ја толерира независноста на овој демократски управуван остров. Аргументите на САД, според правникот Саферлинг, би можеле да бидат подеднакво искористени и од Русија за да ја оправда агресорската војна против Украина. Рускиот претседател Владимир Путин пред четири години започна „специјална воена операција“ против Украина, образложувајќи ја со „заштита на руското население“, а беа наведени и хуманитарни причини. „Гледате, на крајот тоа функционира на многу сличен начин“, заклучува правникот. Кина сега сака да се претстави себеси како силна, но одговорна нација која не посегнува произволно по оружје - иако повторното обединување со Тајван спаѓа во нејзини темелни интереси.