1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кочани: 63 бели столчиња како симбол на изгубените животи

16 март 2026

Кочани одбележува една година од пожарот во „Пулс“ што однесе 63 животи. Празни бели столчиња, книга на жалост и комеморација во чест на загинатите.

https://p.dw.com/p/5ATCm
63 бели столчиња како симбол на изгубените животи во пожарот во Кочани, 16.03.2026
Комеморација: 63 бели столчиња како симбол на изгубените животи во пожарот во КочаниФотографија: Petr Stojanovski/DW

Една година исполнета со непребол, болка и тишина помина од трагичниот пожар што на 16 март 2025 година однесе 63 млади животи во Кочани. Со поставувањето на симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“, денеска во Паркот на револуцијата започна одбележувањето на годишнината од несреќата во дискотеката „Пулс“, каде животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

„63 бели столчиња“ – симболична инсталација во чест на загинатите

Шеесет и три бели столчиња, секое со по една бела роза и книга на жалост, стоеја немо како сведоштво за прекинати младости и недовршени соништа. „63 бели столчиња, 63 имиња, 63 животи што недостигаат“ – беше пораката што ги пречека делегациите, семејствата и граѓаните пред Домот на културата во Кочани.

На комеморацијата во градот присуствуваа семејствата на жртвите, голем број граѓани, премиерот Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како и претставници од политичката, академската и општествената заедница. Тие изразија почит кон загинатите, им дадоа поддршка за семејствата и охрабрување за преживеаните кои веќе една година водат тивка, но храбра борба за закрепнување.

Комеморација во Кочани - една година по пожарот во која загинаа 63 лица, 16.03.2026
Комеморација во Кочани - една година по пожарот во која загинаа 63 лицаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Болката не стивнува: пораки на солидарност и сеќавање

Помина една година, но раните не стивнуваат – напротив, стануваат подлабоки. Кочани се соочува со вистината дека младите што ги загуби никогаш нема да се вратат. „Не можевме да ги заштитиме од смртта, но можеме да го зачуваме нивниот спомен“, беше пораката од комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“ во Центарот за култура „Бели мугри“.

„Изгубивме инженери, доктори, бизнисмени, наставници, занаетчии, идни родители – изгубивме цела генерација“, беше истакнато на настанот. Трагедијата, според говорниците на комеморацијата, е рана за целото општество и потсетник колку е кревок животот.

Книга на жалост: нека споменот остане вечен

Во чест на загинатите беше отворена книга на жалост, во која се потпишаа граѓани, делегации и претставници од дипломатските мисии. „Со голема почит се потпишав во книгата на жалост… Нека споменот за нив остане вечен“, порача премиерот Христијан Мицкоски.

Точно во 02:32 часот, моментот кога започна пожарот, граѓаните оддадоа почит со минута молк. „Да застанеме заедно во тишина за нашите 63 ангели“, порачаа од здружението „16 Март 2025“, организатори на собирот пред дискотеката „Пулс“.

Пред објектот беа поставени срциња со имињата на загинатите – симбол на љубов, спомен и неизбришлива болка.

Од Делегацијата на Европската Унија порачаа: „Денес се сеќаваме на младите животи што беа изгубени и на соништата што прерано завршија. Стоиме рамо до рамо со семејствата и преживеаните чии животи засекогаш се променети. Вашата храброст нѐ инспирира“.

 

Кочани: „Овие деца ли се виновни што ги ставивме под земја?“