1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кратка средба, различни толкувања од Скопје и Софија

12 мај 2026

Кратка средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова, во Брисел, предизвика внимание во двете земји

https://p.dw.com/p/5DcgD
Тимчо Муцунски, 2024 година
Кратка средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова, во Брисел, предизвика внимание во двете земјиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Кратка средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова, во Брисел, предизвика внимание во двете земји, особено поради различните толкувања и поракитешто беа испратени.

Муцунски изјави дека станувало збор за кратка размена на зборови на маргините на настан, додека Чамова оцени дека имале „добра прва средба“.  Според бугарските медиуми, ставовите на Софија биле повторени и за време на разговорот во Брисел.

Пораки на Чамова: услови и европски пат

Бугарската министерка нагласи дека позицијата на Бугарија е јасна и дека од 2022 година прашањето повеќе не е билатерално, туку дел од процесот меѓу Европската Унија и земјата-кандидат.

„Овој прозорец за проширување може да се отвори во наредните години, но ако не се искористи, може да се изгуби“, изјави Чамова.

Таа додаде дека се очекуваат конкретни чекори од македонска страна, вклучувајќи почитување на договорите и демонстрирање политичка подготвеност за напредок кон ЕУ. Чамова посочи и дека земји како Црна Гора и Албанија веќе бележат напредок.

Реакција на Муцунски за терминот „северномакедонски“

Муцунски реагираше на употребата на терминот „северномакедонски“, нагласувајќи дека тој е неточен и несоодветен за означување на македонскиот народ.

„Ова не е политичко прашање, туку прашање на почит кон идентитетот и достоинството. Во дипломатијата, прецизноста е одраз на почит“, изјави Муцунски.

Тој исто така демантираше дека имало официјална билатерална средба со Чамова, потенцирајќи дека разговорот бил краток и во присуство на повеќе колеги. Муцунски изрази надеж дека во иднина ќе се одржи вистинска средба во конструктивен и пријателски дух, насочена кон зајакнување на добрососедските односи.

Филипче: Јасна порака од Бугарија

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше дека Муцунски не ја кажал вистината за средбата. „Имало или немало средба, формална или неформална, пораката од Бугарија е јасна“, напиша Филипче.

Тој нагласи дека без уставни измени и вклучување на малцинствата, што го дефинира како европско, а не бугарско прашање, Македонија нема да може да напредува во процесот на интеграција во ЕУ.