Литванија - нов рај за стартап компании во Европа
1 ноември 2025
Градилиштето на југот од литванската престолнина Вилнус наликува на мравјалник. Десетици работници вредно работат, миксерот за цемент се врти, багерот бучи. Кон крајот на 2028 година таму треба да се отвори најголемиот европски центар за стартапи под името TechZity.
Тогаш, на околу 55.000 квадратни метри, во неколку згради треба да работат до 5.000 луѓе. Ќе има и кафулиња и ресторани, фитнес центар и станови. Литванците се надеваат дека стартапите еден ден значително ќе придонесат заекономскиот просперитетна земјата.
„Ѕидовите ќе бидат високи. Научно е докажано дека тој ‘ефект на катедрала’ ја поттикнува креативноста. А, покрај тоа, младите претприемачи постојано ќе бидат опкружени со истомисленици. Така се раѓаат нови идеи – така се случува магијата“, вели заДојче веле,Дариус Жакаитис, еден од покренувачите на проектот за големиот стартап-инкубатор, додека се шета низ големата просторија во зградата со стаклена фасада што сè уште не е довршена.
Некогаш таму била текстилна фабрика – сега инвеститорите вложуваат 110 милиони евра во проектот. „Литванија нема природни ресурси, а населението ни е мало“, објаснува Жакаитис. „Значи, мора да бидеме навистина добри во нешто. Стартап секторот е добар избор, бидејќи напорно работиме и многумина од нас добро зборуваат англиски. Мислам дека стартапите би можеле да создаваат една четвртина од нашиот бруто домашен производ до 2030 година. Да, тоа е многу амбициозно – засега овој сектор учествува со околу пет проценти“.
Инспирација од Лондон
Целта на секторот е во Литванија да ја ископира успешната приказна на т.н. финтек-компании – фирми што нудат финансиски услуги и производи користејќи модерна технологија.Според Литванската централна банка, која воедно функционира и како финансиски регулатор, таа балтичка земја досега издала најмногу финтек-лиценци во ЕУ.
Пред десет години, Литванија свесно одлучила да се фокусира на овој сектор, се потсетува Мариус Јургилас, тогашен член на Управниот одбор на Централната банка. „Во 2015 година бевме во Лондон со делегација, вклучувајќи луѓе од Министерството за финансии, и го слушнавме тогашниот британски премиер Дејвид Камерон како вели дека сака да ја трансформира Велика Британија во глобален финтек-центар“, раскажува Јургилас за ДВ.
„Се запрашавме: што имаат тие што ние немаме?“ Тимот потоа развил сопствена финтек-стратегија за Литванија, која владата ја одобрила. „Создадовме финансиски пристапен портал во Централната банка за небанкарски компании, што им овозможува поврзување со банкарскиот систем. Исто така создадовме посебна лиценца со која финтек-компаниите можат да почнат со само еден милион евра почетен капитал наместо пет милиони“, објаснува Јургилас.
Тој денес има сопствена финтек-компанија Axiology, која работи на развој на пазарна инфраструктура на ниво на ЕУ.
Платформата Röntgen за краудфандинг-инвестиции во недвижнини била една од првите финтек-компании што го следеле овој тренд во 2017 година. Основачот Мартинас Станкевичиус објаснува дека уште тогаш сметал дека предностите на Литванија се што има јасни деловни услови и што земјата е мала.
„Тука имаме директен пристап до Централната банка и министерствата“, вели Станкевичиус за ДВ. „Тоа овозможува брза имплементација на иновативни идеи. Ако се појават проблеми, што е неизбежно, можете веднаш да прашате кој пристап е прифатлив без да го стопирате процесот на иновација“. Неговата компанија има 17 вработени и годишен промет од два милиона евра.
Вајркард како предупредување
До крајот на 2024 година, Литванија има издадено 282 финтек-лиценци. Но, почетниот ентузијазам малку опаднал. Новите апликации се разгледуваат подетално, вели Лукас Јакубонис, директор за развој на бизнисот во Централната банка.
„Скандалот со германската компанија Вајркард беше повик за будење – сфативме дека со секоја лиценца додаваме нов ризик. Затоа сега сме особено строги во однос на прекршувањето на прописите и во борбата против перење пари“, истакнува Јакубонис за ДВ.Вајркард поднесе барање за стечајво 2020 година, откако беа откриени коруптивни практики и лажирани податоци.
Овие зголемени провери сепак не ја обесхрабрија Индре Даргите – иако морала да чека лиценца девет месеци, наместо шест како порано. Минатата година го покренала својот стартап Bemybond, исто така краудфандинг-платформа. „Како почетник, ви е потребна голема поддршка, бидејќи сè правите првпат“, објаснува таа за ДВ. „Многу е корисно што сте опкружени со толку многу финтек-експерти кои веќе го поминале истиот пат“.
На тоа се надоврзува и Агне Селемонаите, членка на управниот одбор на бугарската финтек-компанија Payhawk, која има дополнителна лиценца во Литванија. Таа по 15 години работа во Британија, Шведска и Кина се вратила дома. „Има смисла да се дојде овде, бидејќи сè уште постои голем базен на таленти врз кои финтек-компаниите можат да се потпрат“, додава таа.
Глад за иновации
Но, литванските стартапи имаат и проблем – растот. Засега во земјата постојат само три „еднорози“ – стартапи чија вредност надминува милијарда долари. „Пристапот до приватен и јавен капитал е проблем за младите компании кои сакаат глобален раст. Дополнително, владата оваа година го зголеми данокот на доход за компании и физички лица“, вели политичкиот аналитичар Мартинас Груодис од Институтот за слободен пазар во Вилнус.
„Владата треба повеќе да инвестира во специјализирана обука и дополнителни квалификации, бидејќи има сè поголема побарувачка за квалификуван кадар – вклучително и во одбранбениот сектор, кој исто така нуди можности за стартапите“, додава тој.
Една од најуспешните литвански приказни е стартапот Vinted, платформа за трговија со половна облека. Основана во 2008 година од двајца Литванци, стана првиот „еднорог“ во земјата во 2019 година. Минатата година оствари приход од 813 милиони евра, има над 2.000 вработени и бројни филијали низ Европа.
Потпретседателот на Vinted, Модестас Турсу, објаснува за ДВ: „Ние сме релативно нова земја која стекна независност и премина на пазарна економија дури во 1990 година, по падот на Советскиот Сојуз. Мораше да градиме компании од нула. Затоа кај нас постои глад за создавање, за иновации и неверојатна способност за прилагодување на нови технологии“.
Vinted веќе работи на следната иновација – сопствен внатрешен систем за плаќање: Vinted Pay. Што е, секако, вистински финтек.