1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Локални избори во Полска: Владината коалиција во водство

СН/агенции
8 април 2024

На првиот изборен тест за проевропската владина коалиција во Полска по парламентарните избори, беше потврден новиот однос на политичките сили во земјата.

https://p.dw.com/p/4eWe9
Полскиот премиер Доналд Туск за време на кампањата за локалните избори
Полскиот премиер Доналд Туск за време на кампањата за локалните избориФотографија: Lukasz Gagulski/PAP/EPA

Според излезните анкети, води опозициската партија Право и Правда (ПиС) предводена од поранешниот премиер Јарослав Качински со освоени 33,7 отсто од гласовите на локалните избори за советници на регионалните и општинските собранија и градоначалници, додека Граѓанската коалиција на премиерот Доналд Туск е на второто место со 31,9 отсто од гласовите.

Владеачката коалиција на проевропските демократски партии, според прогнозите засновани на анкетите на избирачките места за јавниот ТВ сервис ТВП и приватните телевизиски станици ТВН и Полсат, сепак освојува мнозинство на локалните избори бидејќи демохристијанската коалиција Трет пат освои 13,5 отсто од гласовите, а Обединетата левица 6,8 отсто.

Актуелната опозиција, која владееше со Полска осум години до парламентарните избори во октомври минатата година, на овие локални избори победи во шест војводства, додека на претходните локални избори во 2018 година ја освои власта во девет регионални собранија од вкупно 16 колку колку што има Полска.

Опозициските радикални националисти од партијата Конфедерација, според прогнозата, освоиле 7,5 отсто од гласовите, а независните кандидати 2,7 отсто.

Доколку се потврдат прогнозите, популарниот градоначалник на Варшава од Граѓанската коалиција на Туск, Рафал Тшасковски, може да смета на победа веќе во првиот круг и втор мандат на чело на полската престолнина со освоени 59,8 отсто од гласовите.

Граѓанската коалиција триумфираше и во Гдањск, каде актуелната градоначалничка Александра Дулкиевич освои 62,3 отсто од гласовите.

„Пред четири месеци радосно извикувавме дека ја освоивме Полска. Денеска најважната вест е: Рафал Тшасковски потврди дека е лидер на полските локални власти. Во април повторно се случи 15 октомври“, му честиташе премиерот Туск на Тшасковски.

На овие избори не се повтори мобилизацијата на младите гласачи, која по осум години од владеењето на Права и Правда и насоката на Полска кон моделот на Унгарија на Виктор Орбан ѝ донесе победа на проевропската демократска опозиција со излезност од речиси 75 проценти.

На локалните избори излегле само 51,5 отсто од регистрираните 29 милиони гласачи, а кај младите до 29 години само 38,6 отсто.

Делумните резултати од изборите ќе бидат познати денеска во текот на денот, а во градовите и општините каде ниту еден кандидат не освоил повеќе од 50 отсто од гласовите, вториот круг ќе се одржи на 21 април.