Мета планира укинување на околу 8.000 работни места
24 април 2026
Поради инвестиции во вештачка интелигенција, Мета ќе отпушти речиси десет проценти од вработените
Поради масовните инвестиции во вештачка интелигенција, компанијата Мета најави отпуштање на околу 10% од вработените, со цел зголемување на ефикасноста и покривање на трошоците.
Американскиот технолошки гигант Мета, матичната компанија на Фејсбук и Инстаграм, најави нов бран отпуштања како дел од стратегијата за финансирање на обемни инвестиции во вештачка интелигенција (ВИ).
Според интерна електронска порака испратена до вработените, на 20 мај компанијата ќе отпушти приближно десет проценти од вкупната работна сила. Дополнително, околу 6.000 моментално слободни работни позиции ќе останат непополнети. Од Мета наведуваат дека целта е „поефикасно управување со компанијата и балансирање на инвестициите“, при што посебен фокус се става на развојот на ВИ-технологиите.
Мета на почетокот на годинава имаше околу 79.000 вработени, што значи дека најавените отпуштања ќе погодат речиси 8.000 лица. Ова не е прв ваков потег на компанијата: на крајот на 2022 година беа укинати 11.000 работни места, а во март 2023 следуваше дополнително намалување од 10.000 позиции. Во периодот меѓу крајот на 2023 и крајот на 2025 година, бројот на вработени повторно порасна за повеќе од 11.000 луѓе.
Новите вработувања главно се насочени кон специјалисти за вештачка интелигенција, кои Мета делумно ги презема од конкурентски компании нудејќи високи плати. Со тоа, компанијата има за цел да остане конкурентна во глобалната трка за развој на најмоќните и најнапредните ВИ-апликации.
Милијарди долари насочени кон развој на ВИ
Во електронската порака, објавена и од финансискиот сервис Блумберг, директорката за човечки ресурси Џанел Гејл признава дека вработените ги очекуваат четири недели неизвесност. Таа објаснува дека раководството одлучило однапред да ги сподели основните насоки на планот, откако дел од информациите протекоа во јавноста.
Извршниот директор на Мета, Марк Закерберг, уште во јануари укажа дека вештачката интелигенција може да доведе до значајни заштеди. „Проекти за кои порано беа потребни големи тимови, денес може да ги реализира еден исклучително талентиран поединец“, изјави Закерберг.
И покрај кратењето на работните места, Мета продолжува со масивни вложувања во оваа област. Компанијата проценува дека во текот на годинава ќе инвестира меѓу 115 и 135 милијарди долари во развој и примена на вештачка интелигенција.