1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Нема да има кампови за мигранти

9 декември 2025

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема да никне ниту еден шатор со илегални мигранти, додека Филипче најави онлајн петиција и мобилизација.

https://p.dw.com/p/551bc
Премиерот Христијан Мицкоски дава изјава за новинарите 18.03.2025
Нема кампови за мигранти во Македонија, вели премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Government of North Macedonia

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека во Македонија нема да се градат кампови за мигранти или да се прифаќаат мигранти од Велика Британија. Во изјава за новинарите тој нагласи дека таква тема никогаш не била предмет на разговори со британските власти.

„Додека сум јас премиер, нема да никне ниту еден шатор со илегални мигранти и нема да примаме ниту еден мигрант. Со индигнација ги отфрлам овие шпекулации дека планираме да правиме какви било кампови за илегални мигранти. Тема за неуспешни апликанти на азил не е разговарана, а ако некогаш се отвори, ќе биде одбиена“, изјави Мицкоски пред Собранието, каде присуствуваше на седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.

Филипче најави онлајн петиција и мобилизација

Претходно лидерот на опозицијата Венко Филипче најави онлајн петиција и широка мобилизација против можниот прием на мигранти.

„Ќе следи силна активност на секое ниво – во секоја општина, град и село. Нема да дозволиме да се загрози иднината на земјата“, рече Филипче, додавајќи дека Македонија треба да се стреми кон развој и интеграција во ЕУ, а не да стане „Мека за мигранти“.

Мигранти се обидуваат да се качат на брод за премин кон Велика Британија - 19.09.2025
Дали Британија сака да ги испраќа илегалните мигранти во центри во Македонија?Фотографија: Sameer Al-Doumy/AFP

Според него, СДСМ уште претходно предупредил за тајни преговори меѓу Владата и Велика Британија, за кои јавноста дознала од британските медиуми. Тие објавија дека Лондон преговара со Северна Македонија за депортација на одбиени азиланти. Наводно, договорот би предвидувал финансиски компензации од 20.000 фунти по депортиран мигрант, како дел од новиот систем за „повратни центри“.

Филипче предупреди дека ваквите политики можат да донесат сериозни проблеми – криминал, насилство и социјални немири.

Мицкоски најави проект „Safe Country“

Како одговор на шпекулациите, премиерот најави проект „Safe Country“ со кој државните граници ќе бидат целосно мониторирани за спречување на илегален влез.

„Ние можеме да водиме кампања за зајакната антиилегална миграција. Тоа е фундаментална вредност на политиките на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Мицкоски, критикувајќи ја опозицијата за „измислување теми“ во отсуство на идеи.