Мицкоски: „Ќе бидеме најдобри, па пак вето“
6 ноември 2025
Премиерот Христијан Мицкоски го оцени најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата кон Европската Унија како генерално позитивен, но не се согласува со делот каде се наведува дека некои земји се пред Македонија.
„Ние сме многу пред Албанија кога ќе се анализира состојбата на државите – кој е спремен, кој не е. Објективно, Црна Гора е прва, потоа сме ние и Србија, а потоа следуваат Албанија, БиХ, Косово“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Стагнација во клучни области
Мицкоски призна дека постои стагнација во неколку области, особено во владеењето на правото и борбата против корупцијата.
„Затоа постојано зборувам дека се потребни промени во Судскиот совет, Обвинителството и други институции. По изборите, ќе се посветиме многу посериозно на овие реформи“, додаде тој.
Уставни измени и ризик од ново вето
Во однос на уставните измени, кои се поставуваат како услов за деблокирање на евроинтеграциите, Мицкоски изјави:
„Да ги направиме уставните измени, ќе бидеме најдобри – и потоа пак да добиеме ново вето и нови проблеми. Тогаш сигурно ќе добиеме петка и ќе бидеме шампиони“.
Кадровски промени и партиски активности
Мицкоски зборуваше и за односите во коалицијата и за претстојните кадровски промени. Засега нема да има реконструкција на Владата, но испразнетите ресори, кои ги водеше Изет Меџити, ќе бидат пополнети.
„Последниот збор ќе го имам јас како мандатар“, рече тој.
Во моментов, ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана на редовниот партиски конгрес, кој ќе се одржи на 6 декември во Кавадарци, по што се очекуваат и кадровски поместувања во Владата.