Молчев и многу жени молчат: сивата бројка на насилството
6 март 2026
Дваесет и три години трпев психолошко насилство и никогаш не собрав храброст да го пријавам или да заминам“, споделува за ДВ жртва на психолошко насилство.
Темата се актуелизира по трагедијата во која Ивана и нејзината ќерка Катја ги изгубија животите по пад од балкон, и по живот поминат во семејно насилство, со пријави и повлекувања, што отвори нужност од вонреден надзор врз постапувањето на институциите за овој случај.
Нашата соговорничка која инсистира на анонимност, вели дека разбира зошто жените не пријавуваат насилство или пријавуваат па се повлекуваат. Причина за нејзиниот молк бил стравот дека дури и да замине, и натаму ќе биде следена и психолошки малтретирана, без ефикасна заштита, но и дека ќе и биде нанесен срам во нејзината работна средина.
„Се плашев дека ќе бидам исмеана или потцената од околината и работната средина, каде имав добра работна позиција. Кредитната картичка ми беше одземена од него, морав да бидам достапна на телефон во секое време. Бев под сеопофатна тероризирачка контрола 24/7, со забрана да одам на службени патувања, да се правдам дека сум болна, забрана да одам на кафе со пријателки, па дури и кај моите родители - една комплетна изолација“, објаснува таа.
Последици од молкот
Во една прилика решила да го пријави случајот и стигнала пред Центарот за социјални работи, но сепак се предомислила.
„Не можев да раскажувам што ми се случува. Си мислев – леле, зарем сите да разберат. Не бев сигурна - дали ако заминам - ќе можам сама да се справам со сите обврски. Се плашев како ќе реагираат децата на селење од удобен стан во друг под наем, дали тој ќе ме спречи, кој вистински ќе ме заштити од него, дали ќе ми прави скандали на работа? Не знаев ни како ќе им го објаснам тоа на блиските, пред кои дотогаш оставав впечаток дека сум во хармоничен брак. Што постигнав? Денес моите ќерки, не само што не планираат да стапат во брак, туку се плашат и да започнат врска, благодарение на сликата од тој брак. Тоа се дел од последиците, претпоставувам и во многу други семејства“, вели таа.
Нејзиниот сопруг починал пред неколку години, во сообраќајна несреќа.
„Во суштина јас ‘заминав‘ многу порано од него, бидејќи не бев вистински жива повеќе од две децении. Има многу жени со исти искуства. Ги препознавам добро жртвите на психолошко насилство: по стравот во погледот, по брзањето да не задоцнат дома, по избегнувањето да застанат со некого на улица бидејќи тоа веднаш станува повод за сомнеж, клевета, обвинување... Ги препознавам и оние кои трпат физичко насилство - во лето под долги ракави ги кријат модринките со оправдување - чувствителна кожа, алергија на сонце... Фластерите на лицето и вратот редовно кријат ‘дело' на невнимателна козметичарка, на гребаница од домашен миленик или на невнимателност по скали. Во тоа го гледам истиот молк како мојот “, вели таа.
Најзастапени - психолошкото и физичкото насилство
Случајот на нашата соговорничка е во т.н. сива бројка, за кој никогаш немало пријава, евидентирање, постапување. Сепак, податоците укажуваат на раст на бројот на евидентирани случаи на насилство врз жените и семејното насилство, што може да се поврзе со зголемена видливост на проблемот, подобрено пријавување и поинтензивно институционално постапување.
Вкупниот број на евидентирани случаи се зголемил од 1.543 во 2022 година, на 1.601 во 2023 година, и 1.836 во 2024 година. Жените - полнолетни жртви, доминираат во вкупната структура на пријавените случаи во сите три години. Психолошкото и физичкото насилство биле најзастапени, при што е забележлив пораст на психолошкото насилство во 2023 и 2024 година.
За периодот јануари-септември 2025 година, новоевидентираните жртви на семејно насилство биле 1.260. Од нив 447 биле жртви на физичко насилство, 670 на психолошко, 30 на економско и 13 жртви на сексуално насилство. Во однос на преземените мерки за заштита, психосоцијална поддршка добиле 1.210 жртви, правна помош и застапување 954, сместување во засолниште: 31 жртва (со деца), а остварување права од социјална заштита 56 жртви.
Случајот со Ивана и Катја го отвори прашањето дали сегашната регулатива нуди ефикасна заштита на жртвите? Претходни анализи на институционалната координација, на проценката на управувањето со ризик, следење на постапувањето со должно внимание и на слабости во навременоста и ефективноста на заштитните мерки - укажуваа на системски празнини. Особено во делот на недоволна или нецелосна проценка на ризик од повторување и ескалација на насилството; недоволна размена на информации меѓу институциите; отсуство на интегрирана анализа на претходните пријави и недоволна стандардизација на податоците и нивна аналитичка употреба за превентивни цели.
Заштита, но не само на хартија
Засега нема информации дали конкретно се работи на подобрување на овие аспекти. Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, најави нови законски измени.
„Во најбрз можен рок ќе пристапиме кон изменување на Законот за социјална заштита и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, особено во делот на прекршочните одредби што се однесуваат на стручните лица, одговорните лица и правните субјекти, како и зголемување на овластувањата на стручните работници кои учествуваат во постапките на семејно насилство и стекнување статус на овластено службено лице при водење на постапка за заштита од семејно насилство“, најави Лимани.
„До кога ќе ги менуваме законите, наместо оние што не ги применуваат?“, праша претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од вчерашната собраниска седница на тема „Правата и можностите на жените – достигнувања и перспективи“, по повод Меѓународниот ден на жената, 8-ми Март.
Жртвите на семејно насилство таа ги оцени како пораз на институционалната превенција и навремената акција
„Заложбите од Истанбулската конвенција не се остваруваат преку ад-хок мерки и декларативни заложби, туку преку координиран, институционален и правен систем, што води сметка за правда и етика и развива партиципативна политичка култура на еднакви човечки субјекти коишто се почитуваат и имаат заеднички обврски кон децата. Зарем сè уште не формиравме природен, нераскинлив сојуз на социјалните работници, полициските службеници, инспекторите за семејно насилство, наставниците, лекарите, новинарите, невладините организации, бесплатните правни застапници и судиите?", праша претседателката.
Таков „сојуз“ постои. Во 2023 година е донесен и Протокол за меѓусебна соработка на надлежни субјекти за преземање мерки за превенција, спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство со кој се обезбедува системски и координиран пристап во постапувањето на сите надлежни субјекти што работат на заштитата, помошта и поддршката на жртвите на насилство врз жените и семејното насилство. Анализата и истрагата за последниот трагичен случај би требало да покаже дали и како Протоколот се применува во пракса.
Куп правилници
Заради ефикасно спроведување на законите во таа сфера, донесени се и многу подзаконски акти: Правилник за начинот на спроведувањето на процената на ризикот за сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и на членовите на нејзиното семејство, за ризикот од повторување на насилството, соодветното управување со ризикот, спроведувањето и следењето на мерките за заштита на жените жртви на родово базирано и семејно насилство; Правилник за начинот на спроведувањето и начинот на следењето на изречените привремени мерки за заштита; Правилник за формата, содржината и начинот на водење на Регистарот на обучени лица за спроведување на почетна и континуирана едукација за родовобазирано насилство врз жените и семејното насилство; Правилник за начинот на проценка на ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство и на ризикот од повторување на насилството, соодветното управување со ризикот, образецот на полицискиот извештај и на предлогот за изрекување на итна мерка за заштита – отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот; Правилник за начинот на извршување на изречената итна мерка за заштита отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот; Правилник за начинот на извршување на изречената привремена мерка за заштита - задолжително лекување на сторителот доколку употребува, алкохол, дрога и други психотропни супстанции или има психичко заболување. Во овој корпус спаѓаат и правилници за содржината и начинот на прибирање на податоците за родово - базираното насилство врз жените и жртвите на семејно насилство во јавните обвинителства, исто така и во судовите.
Основни и обуки за мултисекторски тимови
Ова значи дека надлежните служби се опремени со голем број „патокази" како да постапуваат, а не недостигаат ни стручни обуки за таа цел. Во текот на 2025 година биле реализирани четири основни обуки за работа со жени жртви на насилство и семејно насилство, преку мултисекторски пристап, наменети за стручни лица од центрите за социјална работа, со кој биле опфатени 106 стручни лица -социјални работници, психолози, педагози, правници, дефектолози... Покрај основните обуки, биле реализирани и обуки за мултисекторски тимови, составени од стручни лица од центрите за социјална работа, полициски службеници, здравствени работници и граѓански организации, со опфат на 85 учесници.