Не се ни туристи ни мигранти: превозниците го креваат гласот
26 јануари 2026
Македонските превозници заедно со нивните колеги од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора денеска напладне координирано почнуваат протест со блокада на граничните премини за влез и излез на товарни возила, во надеж дека ќе се надмине проблемот со евиденција за престој на возачите во Шенген зоната. Причина за протестот e ЕЕС системот (EES, Entry/Exit System) на ЕУ, но и досегашниот проблем со ограничувањето на престојот на возачите на 90 дена во рамки на 180 дена во Шенген зоната, што превозниците го гледаат како директна закана за правото на работа.
Доколку не се реши проблемот, превозниците стравуваат од сериозно нарушување на синџирите на снабдување, загуби кои се мерат во милиони тони стока, директен удар врз економијата, индустријата, трговијата - накусо, дестабилизација на севкупниот економски систем кој над 90% се потпира на патниот транспорт.
Според регионални проценки, последиците ќе бидат мерливи: во синџирите на снабдување може да бидат загрозени најмалку 1 милион тони стока, што во пракса значи 1 милион проблеми за економијата - доцнења, раскинување на договори, казни, недостиг и прекини во производството, во трговијата и во синџирите на снабдување, што нема да влијае само на транспортниот сектор, туку на целата економија на секоја од споменатите земји.
Патничкиот сообраќај не е засегнат
Домашната Асоцијација Макам-транс соопшти дека во Македонија ќе бидат блокирани граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење, но само во делот за товарен сообраќај. Патничкиот сообраќај непречено ќе се одвива. Протестот ќе започне во 12 часот за излез од државата, а за влез во државата ќе почне во 24 часот, со цел сите домашни превозници кои се враќаат дома да можат да стигнат до своите бази.
„Блокадата може да трае еден ден, доколку има соодветен одговор од Европска Унија до надлежните органи на четирите држави. Доколку нема одговор предвидено е блокадата да трае 7 дена како просечен период за извршување на превоз на стока во еден циклус“, велат од Макам-транс.
Во согласност со здруженијата од Србија, БиХ и Црна Гора дозволено е да се пропуштаат товарни возила кои превезуваат лекови, жива стока, муниција и експлозив.
Николоски: Ова е огромен проблем
Кај транспортните здруженија постоеше надеж дека ова прашање ќе се реши до 15-ти јануари, но откако тоа не се случи - решија да протестираат со блокада на граничните премини. За потенцијалните последици врз бизнисот предупреди и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
„Очекуваме од понеделник реакциите да се прошират во сите земји кои се погодени од ова. Не очекувам брзо решение, но очекувам повлекување на одлуката“, изјави Азески.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, посочува дека станува збор за многу тежок проблем.
„Проблем е што ова правило (ЕЕС) се воведува и за професионалните возачи, од причина што ЕУ не може да најде друга легална форма која ќе го регулира нивниот статус, а од друга страна во изминатата година не се потрудија да најдат решение за проблемот (...) Се работи за огромен економски проблем кој може целосно да ја колабира македонската и регионалната економија, со оглед дека нашите економии се мали и главно се ориентирани кон извоз. Доколку не можат да ја извезат својата стока, тогаш навистина запира економската активност. Од друга страна, ако им поскапи превозот 3 до 4 пати, ќе станат неконкурентни на европскиот пазар“, рече тој во гостување на Радио Лидер.
Разговори има, решение - не
Николоски имал разговори на таа тема во Брисел, но како што изјави, не наишол на разбирање.
„Не размислуваат дека компаниите кои оперираат во регионот се најчесто во сопственост на лица од земји-членки на ЕУ и дека најчесто се добавувачи на финални производи, кои што се произведуваат во земји членки на ЕУ. И не размислуваат дека ова може да го блокира целиот синџир на снабдување во рамки на големи земји членки на ЕУ“, предупреди Николоски.
Одговорот што најчесто го давале од ЕУ, а го повторил и портпаролот на ЕК, е дека нема промени, бидејќи и досега возачите можеле да останат во рамки на Шенген зоната 90 дена во рамки на 180.
„Да, но ние не зборуваме за туристи. Нема тие да одат во Венција кафе да пијат, туку зборуваме за луѓе кои работат“, вели Николоски.
Проблем е што возачите во текот на нивната работа честопати се соочуваат и со непредвидени услови - блокади или затворени патишта од разни причини - работа на патиштата, снегови, несреќи, одрони - нешто што им одзема голем дел од времето, па не можат точно до ден да го испланираат или однапред да го пресметаат времето за дозволен престој. А доколку го пречекорат - се соочуваат со последици и за нив и за стоката што ја превезуваат.
Ниту се туристи, ниту мигранти
Како илустрација на овој проблем, од Конзорциумот „Логистика“ во БиХ, го опишаа третманот на професионалните возачи во БиХ: досега биле евидентирани 100 присилно вратени професионални возачи од земјите на ЕУ, а 47 останале без работа поради проблеми со престојот.
„Ги третираат како мигранти, не уважувајќи дека тоа се вработени лица со лиценци и договори“, посочи главниот координатор на „Логистика“, Велибор Пеулиќ.
Тој предупредува дека регионот денеска ќе доживее сериозен застој поради проблемите со престојот на професионалните возачи во Шенген зоната. Клучните барања на превозниците се: ослободување на професионалните возачи од правилото „90 дена во рамки на 180 дена“; признавање на статусот на работници а не како туристи или мигранти при преминување на границата; и итна реакција на Европската комисија на апелите од балканските земји".
„Ако Европската комисија се залага за еднаквост и елиминирање на дискриминацијата, тогаш прашањето за статусот на професионалните возачи не може и не смее да се поврзува со ЕЕС“, велат од Конзорциумот „Логистика".
Оттаму повторуваат дека професионалните возачи не се туристи, туку носители на економскиот систем и основен столб на синџирите на снабдување, но исто така дека не се ни азиланти и дека не претставуваат миграциски или безбедносен ризик: напротив, секој возач има договор за работа, уредно е пријавен и регистриран во матичната земја, со целосна даночна и социјална евиденција.
Привремени гаранции
Претседателот на Здружението на превозници на Србија, Неџо Мандиќ, во отворено писмо до претставниците на земјите потписнички на Шенгенскиот договор, побарал решение: доколку ЕК и членките на Шенгенскиот договор имаат добра волја и намера да го решат проблемот, до усвојувањето на нови правила или исклучок од постојните - да дадат гаранции.
Имено, тој се залага за гаранција, според која, на професионален возач од Западен Балкан нема да му биде спречен влез во Шенген зоната со камион доколку има исправни лични документи, вози камион на работодавач кој го пријавил како професионален возач во Министерството за транспорт, ги има потребните меѓународни дозволи разменети според билатерални договори со европските земји, има исправна документација за возилото и стоката и не му бил забрануван влез во Шенген зоната.
Повик за поддршка и солидарност
Од Макам-транс очекуваат 370 влечни возила и над 400 лица да учествуваат во денешните блокади на граничните премини во Македонија. Оттаму ги охрабрија сите превозници да покажат солидарност, а граѓаните и деловните субјекти кои директно или индиректно работат во, или со транспортната индустрија, да дадат поддршка на протестот, во надеж за побрзо решавање на проблемот со правото за работа на професионалните возачи во Шенген зоната. МВР најави дека во согласност со законските надлежности, ќе преземе соодветни мерки и активности за одржување на јавниот ред и мир, како и за обезбедување на безбеден и непречен сообраќај на патничките возила, автобусите и возилата кои превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки.