Спорни дипломи: Прекин на студирање и инспекциски надзор
22 април 2026
Раководството на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ) донесе одлука за прекин на студирањето на вкупно 11 студенти, од кои седум на магистерски и четворица на докторски студии, по утврдени нерегуларности при нивниот упис на повисоки циклуси на студии. Овие нерегуларности во високото образование го отворија прашањето дали станува збор за изолиран случај и кој ќе сноси одговорност.
Одлуката е донесена врз основа на решение на Државниот просветен инспекторат (ДПИ), кој по извршен вонреден инспекциски надзор констатирал дека дел од студентите биле запишани спротивно на важечкиот Закон за високо образование.Според наодите, станува збор за студенти кои претходно завршиле тригодишни стручни додипломски студии, што, согласно законската регулатива од 2018 година, не овозможува директен премин на магистерски и докторски студии.
Весна Јаневска: Одговорноста ја утврдуваат други институции
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека случајот со Филозофскиот факултет е сложен и дека Министерството за образование и наука (МОН) нема надлежност да утврдува персонална одговорност, потсетувајќи дека за тоа постои јасна институционална хиерархија.
„За вакви случаи постојат други институции во државата. Очекувам процедурите да се водат согласно закон. Би сакала да верувам дека станува збор за изолиран случај и дека нема тенденциозност, но токму затоа институциите треба да ја завршат својата работа“, изјави Јаневска при посетата на Трубарево.
Во однос на можноста за поништување на дипломите, министерката потврди дека сè уште се чека конечниот извештај од надлежните тела, но дека, во принцип, доколку се поништи уписот, следи и поништување на дипломите.
Што точно утврди Државниот просветен инспекторат?
Од Филозофскиот факултет информираа дека Инспекторатот констатирал нерегуларности при уписот на студентите на втор и трет циклус на студии, бидејќи нивните претходни студии биле стручни, а не академски.
Според Законот за високо образование од 2018 година, право на продолжување на студирањето на магистерски и докторски студии имаат исклучиво лица со завршени академски додипломски студии, додека стручните студии имаат поинаков статус и намена.
Во конкретните случаи, стручните студии биле третирани како академски, со што на студентите им било овозможено да се запишуваат на повисоки циклуси, иако тоа не било законски дозволено. Првиот ваков упис бил извршен во 2019 година, а досега нема ниту еден докториран студент, додека осуммина стекнале магистерска диплома. Сè уште нема конечна одлука дали нивните дипломи ќе останат важечки.
Вонреден надзор по иницијатива на факултетот
Деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески, смета дека до состојбата не дошло поради злоупотреба, туку поради нејаснотии и неконзистентност во поединечни одредби од правилниците, кои овозможиле различни толкувања од страна на наставниот кадар.
Инспекцискиот надзор бил инициран од самиот факултет, откако се појавиле сомнежи во законитоста на студиските програми. Надзорот траел до крајот на минатата година, а конечната одлука од страна на ДПИ била донесена во март годинава.
Факултетот веќе започнал процес на рефундација на уплатените средства за студентите на кои им е прекинато студирањето. Од раководството апелираат да не се нарушува угледот на институцијата, која има над еден век образовна традиција, и да се има доверба во институционалниот процес.