1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вајц: Македонија стои во место со реформите

ДТЗ /МИА
19 февруари 2026

Во нацрт-извештајот за напредокот на Македонија, Томас Вајц бара забрзани реформи, уставни измени и поголема поддршка од ЕУ за евроинтеграцијата.

https://p.dw.com/p/592Iy
Томас Вајц 07/03/2019
ЕП ќе расправа за нацрт-извештајот на Вајц на 26 февруариФотографија: DW/Virtyt Gacaferri 

Од суштинско значење за евроинтеграцијата на државата, особено во контекст на новата геополитичка реалност, е сите политички актери, пред сè Владата, да покажат опипливи резултати во клучните реформски области. Истовремено, ЕУ и државите членки мора целосно да ги исполнат своите обврски и преку активен дипломатски ангажман да ја поддржат земјата во исполнувањето на реформските приоритети.

Ова го истакнува известувачот на Европскиот парламент за Македонија, европратеникот Томас Вајц, во годишниот нацрт-извештај за напредокот на Македонија, кој на 26 февруари ќе го презентира пред Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ). Ова е негов втор извештајза земјата по оној од 2022 година.

Вајц нагласува дека документот обезбедува балансирана и објективна оценка на напредокот во пристапниот процес и се подготвува како реакција на пакетот за проширување на Европската комисија за 2025 година.

„Процесот на пристапување е сопрен“

Според Вајц, Северна Македонија се наоѓа во тешка позиција, бидејќи процесот на пристапување фактички е сопрен. И покрај позитивни чекори, напредокот во областите како владеење на правото, правосудните реформи и борбата против корупцијата е недоволен. Причини се изборната кампања, ограничените административни капацитети и недостигот од долгорочна политичка волја.

Во извештајот се наведува дека нема напредок во однос на уставните измени, делумно поради стравувања од нови билатерални блокади или дополнителни барања од Бугарија. Вајц повикува на итно зголемување на политичката волја од двете страни за надминување на застојот.

Вајц посочува дека во услови на големи промени – војната во Украина, неизвесноста околу трансатлантската алијанса и растечките глобални ризици – Европа мора да остане обединета. Според него, ова создава можност за оживување и забрзување на проширувањето, но процесот ќе остане строго условен со реформскиот напредок.

Вајц посочува дека реформите во владеењето на правото се суштински не само за приближување кон ЕУ, туку и за создавање просперитетна, отпорна држава со доверлива инвестициска клима. Тоа ќе овозможи и поголема корист од постепените интеграциски процеси и европските проекти.

Поддршката од ЕУ како обврска

Вајц нагласува дека Унијата мора активно да ја поддржува Македонија, вклучително и со дипломатски напори за надминување на пречките. Тој се заложува за стабилно, проевропско и попроширувачко мнозинство во поддршка на пристапниот процес.

Во нацрт-документот се нотира потребата од поголема медиумска слобода, борба против дезинформации и посилно вклучување на граѓанското општество во реформите.Се поздравуваат првите чекори од реформската агенда, но се потенцира потребата од дополнителни напори, особено во активирање на пазарот на труд.

Напредок има во Законот за енергетика и во развојот на коридорите 8 и 10. Потребни се нови инвестиции во инфраструктурата и усогласување на законодавството за животна средина. ЕП ја поздравува усогласеноста на Македонија со надворешната политика на ЕУ и конструктивната улога во регионот.