Нов марш за чист воздух пред институциите
30 јануари 2026
Граѓанските активисти и еколошките организации подготвуваат нов марш за чист воздух, најавувајќи дека протестите од пред кругот на фабриката „Титан Усје“ се селат пред државните институции. Според нив, загадувањето во Скопје прераснува во сериозна здравствена закана, а институциите предолго молчат.
Протестите се селат пред институциите
„Цената што ја плаќаме со нашето здравје е премногу висока. Додека Усје брои профит, ние броиме денови со загаден воздух, кашлица, замор. Здравјето не е колатерална штета и време е за одговорност“, порачаа од иницијативата.
Маршот ќе започне в сабота (31 јануари) во 12 часот пред Владата, по што ќе продолжи пред Собранието и Министерството за животна средина.
„Оваа сабота одиме на марш, поради молкот на институциите и бегањето од одговорност! Излегуваме на улица за правото на чист воздух и за конечно институциите да почнат да реагираат, бидејќи ниту еден профит не е поважен од животот на граѓаните. Ајде заедно да кажеме стоп за труењето од Усје“, се вели во повикот.
Досега протестите се одржуваа пред Усје, но иницијаторите велат дека одговорност мора да има и кај оние што треба да го штитат јавниот интерес.
„Излегуваме на улица за правото на чист воздух и за конечно институциите да почнат да реагираат, бидејќи ниту еден профит не е поважен од животот на граѓаните“, децидни се активистите. Тие повикуваат на масовно присуство и на мирен протест.
Се бараат итни мерки против загадувањето
Активистите истакнуваат дека во Скопје со години се повторуваат истите високи концентрации на ПМ10 честички, а дека реакцијата од надлежните е бавна или минимална.
Нивните главни барања се:
- итни инспекциски надзори врз индустриските капацитети,
- транспарентност на сите мерења и истраги,
- јасна стратегија за намалување на индустриското и урбаното загадување,
- одговорност за институциите што не реагираат.
Во однос на обвинувањата, од „Титан Усје“ реагираа дека не се извор на моменталното загадување. Тие посочуваатдека бројките недвосмислено покажуваат дека и кога компанијата не работи, амбиенталниот воздух е со истиот квалитет, што е јасна потврда за тоа дека тие не е причина за состојбите со квалитетот на воздухот во Скопје.
Компанијата дополнително нагласува дека поседува А-интегрирана дозвола и дека е под континуиран, 24-часовен независен мониторинг на излезните гасови од оџаците.